Акција во Прилеп и Скопје: Сузбиена група осомничена за трговија со дрога и перење пари
Полицијата сузби 21-члена организирана криминална група од Прилеп и Скопје, осомничена за недозволена трговија со дрога и перење пари. Акцијата е спроведена на 30 септември по повеќемесечна криминалистичка истрага во која биле вклучени повеќе полициски единици, Управата за финансиско разузнавање и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Во рамки на акцијата, по судски наредби, биле извршени претреси на 36 локации кај 31 лице. Од нив, 33 локации биле на подрачјето на Прилеп, две во Скопје и една во Струга. Од слобода биле лишени 20 лица.
При претресите, според МВР, биле пронајдени и одземени тревкаста, бела прашкаста и грутчеста материја, гасен пиштол и муниција од различен калибар, поголема сума денарски и девизни средства, патнички возила, мотоцикли, мобилни телефони, метална дробилка, метален детектор и ваги.
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, врз основа на претходно обезбедени материјални докази и резултатите од претресите, до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција поднел кривична пријава против 21 лице.
Меѓу пријавените се 20 лица од Прилеп и едно лице од Скопје. Дел од осомничените се товарат за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, согласно член 215 став 3 од Кривичниот законик, а дел и за „перење пари и други приноси од казниво дело“ согласно член 273.
Според истрагата, во периодот од февруари до октомври 2026 година, Н.В. и М.С. создале организирана криминална група за која постојат сомненија дека била вклучена во трговија со кокаин и марихуана, како и во економски криминал.
Според полициските наводи, Н.В. набавувал кокаин и марихуана од лица од Албанија, Струга и Дебар, а дрогата ја чувал на локации во Скопје и Прилеп. Потоа, преку мрежа на препродавачи, дрогата била дистрибуирана до купувачи од повеќе градови, меѓу кои Прилеп, Битола, Кавадарци, Неготино, Велес и Скопје.
Истрагата покажала дека и М.С. на сличен начин набавувал кокаин и марихуана од лица од Дебар и Гостивар, по што преку организирана мрежа ги пласирал наркотиците во Прилеп и други градови во земјава.
Според МВР, марихуаната била продавана по цена од 500 до 800 денари за грам, додека грам кокаин се продавал од 4.000 до 6.000 денари. Парите од продажбата, според истрагата, биле предавани на организаторите, кои дел од средствата им ги давале на препродавачите.
Полицијата истражувала и сомненија за перење пари. Во периодот од 2025 до 2026 година, Н.В., М.И., Б.И., М.С. и Т.Д. наводно внеле во легалниот платен промет парични средства за кои знаеле или биле свесни дека потекнуваат од трговија со наркотични дроги.
Според пријавата, станува збор за вкупно 4.990.270 денари и 64.670 евра, со намера да се прикрие нивното понатамошно движење и локација.
Од МВР наведуваат дека истрагата продолжува во координација со надлежното јавно обвинителство.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Акција во Прилеп и Скопје: Сузбиена група…
Полицијата сузби 21-члена организирана криминална група од…
Ѓорѓиевски: Завршена постапката за набавка на автобусите,…
Завршена е постапката за набавка на новите…
Протестен марш во Скопје за поддршка на…
Со почеток во 14 часот во Скопје…
Најавена е директна авиолинија меѓу Скопје и…
„Од почетокот на март следната година, ќе…
Зоолошката градина во Скопје слави 100 години…
По повод големиот јубилеј, 100 години од…