„Во сегашните околности, сметам дека повеќе не постојат неопходните услови за оваа функција да ја извршувам со потребната ефикасност“: Што му напиша Фетаи на премиерот во оставката

t

Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи кој денеска, по речиси три месеци непојавување на работа си поднесе оставка, вели дека поставил темели на кои може да се гради понатаму.

„Денеска на премиерот му ја предадов мојата оставка од должноста на вицепремиерот одговорен за добро владеење. Во текот на овие две години, имав чест и привилегија да служам на земјата, придонесувајќи за реформите насочени кон зајакнување на одговорноста, транспарентноста и владеењето на правото. Дали сум целосно задоволен со постигнатото? Секако дека не. Секогаш има место за повеќе, за подобро и за побрзо. Но, дали работев со најголема посветеност да поставам темели на кои може да се гради понатаму? Без двоумење, да. Заминувам со крената глава и чиста совест. Ова е добро смислена одлука, донесена со убедување дека во сегашните околности ова е најправедно и најдостоинствено нешто. Им благодарам на сите што веруваа во мене, ме поддржуваа и соработуваа со мене за време на ова патување. Посебна благодарност до мојот тим, меѓународните партнери, граѓанското општество и граѓаните кои ми дадоа сила и мотивација на секој чекор. Сервисот кон јавниот интерес не завршува кога завршува функцијата“, напиша Фетаи во оставката.

Еве што пишува во оставката на вицепремиерот:

„Почитуван претседател на Владата,

Со ова писмо Ви ја поднесувам мојата оставка од функцијата заменик на претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење.

Како мандатар, сум Ви длабоко благодарен за укажаната доверба и за можноста да придонесам кон агендата на Владата во еден важен момент за државата.

Во текот на овие две години, поставивме цврсти темели за изградба на потранспарентен, поодговорен и на граѓаните поблизок систем на владеење. Заедно со колегите од институциите и со незаменливата поддршка на меѓународните партнери, унапредивме повеќе значајни иницијативи, вклучително и зајакнување на меѓуинституционалната координација во политиките за борба против корупцијата, усвојување на Националната стратегија за финансиски истраги и конфискација на имот, како и зајакнување на механизмите за зголемување на транспарентноста и институционалната отчетност.

Особено сум горд што преку нашата заедничка посветеност и конструктивна соработка веќе го доставивме во собраниска процедура Предлог-законот за правична и соодветна застапеност. Искрено се надевам дека Собранието наскоро ќе го усвои ова исклучително важно законско решение, кое за првпат има за цел на сеопфатен и одржлив начин да го уреди едно од темелните начела на Охридскиот рамковен договор.

Сепак, во сегашните околности, сметам дека повеќе не постојат неопходните услови за оваа функција да ја извршувам со потребната ефикасност. Од тие причини, одлучив да се повлечам од должноста, со уверување дека ова е најисправната и најдостоинствената одлука.

Оваа должност ја напуштам со искрена благодарност кон Вас, кон моите колеги во Владата, државните службеници, претставниците на граѓанското општество и нашите меѓународни партнери, кои конструктивно придонесоа за унапредување на нашите заеднички цели.

Ве охрабрувам да ја зачувате силната политичка поддршка за борбата против корупцијата и да обезбедите непоколеблива институционална посветеност за целосно и одржливо спроведување на реформите. Во таа насока, од суштинско значење останува понатамошното јакнење на независните надзорни институции и обновата на правосудниот систем. Довербата на граѓаните во јавните институции ќе се врати само преку забрзување на реформите во правосудството, така што корумпираните ќе одговараат за своите постапки и никој нема да биде над законот.

Ви благодарам за соработката и Ви посакувам успех во исполнувањето на Вашите одговорности во служба на граѓаните и државата.

Со почит,

Заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија

Арбен Фетаи“

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Левица: Економскиот раст на Мицкоски е статистичка…

Фалбите од собраниска говорница, на Христијан Мицкоски…

СДСМ: Скопје се гуши, Мицкоски и неговите…

Скопје со денови е задушено во чад.…

Ќе побара ли Мицкоски одговорност од Претседателот…

Скопје е задушено во чад поради горењето…

Филипче: Граѓаните во Скопје се гушат, Мицкоски…

Скандалозна е изјавата на премиерот Мицкоски за…

Се заваруваат сите шахти на трасата каде…

Сите шахти на трасата каде поминува Премиерот…