Димитриеска-Кочоска: Големите компании носат над 40 отсто од даночните приходи, модернизацијата не значи повисоки даноци

t

Големите даночни обврзници учествуваат со повеќе од 40 проценти во остварените даночни приходи, а модернизацијата на даночниот систем треба да донесе поефикасни институции и подобри услуги за компаниите, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. На одбележувањето на 20-годишнината од основањето на Дирекцијата за големи даночни обврзници при Управата за јавни приходи, министерката истакна дека нејзиното формирање претставувало значајна реформа во даночната администрација.

Според неа, специјализираниот пристап кон најголемите даночни обврзници овозможува директна и континуирана комуникација со компаниите, подобро разбирање на нивното работење и поефикасно управување со даночните обврски.

-Компаниите кои ги опфаќа се меѓу најзначајните носители на економската активност во земјата, компании кои инвестираат, вработуваат, создаваат додадена вредност и имаат значајно учество во полнењето на Буџетот- рече Димитриеска-Кочоска.

Таа нагласи дека работата на Дирекцијата е важна не само за УЈП, туку и за целокупната економија. Од една страна, институцијата треба да обезбеди ефикасна и навремена наплата на јавните приходи и доследна примена на даночните правила, а од друга – професионален однос, јасна комуникација и предвидливо деловно опкружување за компаниите.

-Стабилен и предвидлив даночен систем е важен предуслов за компаниите при носењето долгорочни одлуки за инвестиции, нови вработувања, проширување на производството и развој на нивното работење- посочи министерката.

Димитриеска-Кочоска се осврна и на дигитализацијата на даночниот систем, при што го издвои проектот Е-фактура, кој започна да се спроведува во Управата за јавни приходи. Според неа, проектот треба да придонесе за поедноставување и забрзување на процесите, намалување на административниот товар, но и за поголема сигурност, следливост и ефикасност во работењето. Министерката посочи дека Министерството за финансии продолжува со унапредување на даночната регулатива и нејзино усогласување со меѓународните и европските даночни стандарди.

Како пример го наведе усвојувањето на Законот за минимален глобален данок на добивка, кој, според неа, претставува чекор кон усогласување на домашното законодавство со современите меѓународни даночни правила. Во тек се и измени и дополнувања на Законот за даночна постапка, со кои се предвидува воведување жалбена постапка како правен лек против секој управен акт.

Димитриеска-Кочоска порача дека модернизацијата на даночниот систем не треба да се поистоветува со зголемување на даноците.

-Остануваме на концептот на рамен данок, кој обезбедува предвидливост за компаниите и создава стабилна основа за планирање на инвестициите и развојот. Остануваме посветени на градењето институции кои ќе бидат во функција на граѓаните и бизнисот- рече министерката.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Жените во Македонија за еднаква работа заработуваат…

И покрај законските гаранции за еднаква плата…

Во јули 367 одобренија за градење, предвидени…

Во јули годинава се издадени 367 одобренија…

Пендаровски: Независноста не ни е подарена туку…

Со честитка по повод Денот на независноста…

Орхан Муртезани стапи на функцијата во НАТО,…

Новиот македонски амбасадор во НАТО, поранешниот министер…

Мицкоски: Растот на индустриското производство од 3,4…

Растот на индустриското производство во вториот квартал…