Колку вреди зборот на Мицкоски?
Колку вреди зборот на Мицкоски?
Мислев да пишувам за друга тема, внатрепартиска, но не било дадено. Едноставно заврши
мантрата околу Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ кој требаше според Мицкоски со внимание да го
следиме, бидејќи ќе се случуваат историски нешта. И како што се потроши темата „многу врева за
ништо“, се вративме во реалноста. А таа пустата, грда па нема до каде. Не помага дотерување,
шминка, затегање, ботокси, грда си е па грда, со тенденција набргу да стане одвратна. Да ни се
блуе од реалноста но и од нејзините креатори и нивната ароганција, простотилак и нааканост.
И уште како ќе стане одвратна кога на дело имате физички напад врз медиум и новинари,
јавно во емисија, а потоа оваа срамота се разводнува со разни божем инфлуенсери на социјалните
мрежи и нивните про……ња – божем ставови, добиени и уредени од „центар на моќ“ и платени со
наши пари, во кеш. Видливо, дури проѕирно. На прагот сме на тоталитаризам во 21-от век и тоа
создаден токму од нашата партија ВМРО-ДПМНЕ. Ништо од заштита на човековите права,
слободата на говор, напредокот на Македонија. Ништо од силните ветувања на Мицкоски за се
нешто. За него и неговите имитатори неделнава фраза која ја употребуваат папагалите како мантра
е „растурање пердуви“. Христијан, не си го читал Водинелиќ, а и не ти предавал. Впрочем ништо
и не читаш, а кај тато си бил на предавања, па така не си можел да научиш нешто од
општествените науки кои патем ги потценуваш. Постарата генерација која на почетокот на
осумдесеттите години од минатиот век студираше на факултетот за безбедност (мислам дека
тогаш беше Факултет за безбедност и општествена самозаштита), ќе се сетат на објаснувањето на
љубимата фраза на Мицкоски „растурање пердуви“, дадена од страна на професорот Водинелиќ.
Прашај Христијане, може и ќе ти објаснат, само немој Љупчо Андонот и Џони да ги прашуваш,
тие секогаш те дезинформираат, а и самите толку знаат. Но и не се мачат многу околу тоа,
едноставно, тие знаат колку вреди твојот збор а со тоа и ти, па не им е грижа што се ќе ти
подметнат да тресеш во јавноста. Тој збор кој е преточен во фрази кои и самиот не ги разбираш, но
ти изгледаат паметно е една од многуте твои провали што би рекол ти „на јавна сцена“, само уште
да го погодиш контекстот, веројатно како оној со „хибридните закани“.
И да, да се вратиме на темата. Колку вреди зборот на Мицкоски?
1.Мигранти
Прашањето за мигрантите е убава забава. Што се преговараше со Обединетото Кралство во
однос на пакетот за задолжување од шест милијарди евра? Дали тоа беа само проекти и Британски
гаранции како што е одредено во Договорот кој можевме да го видиме, или ти Христијан ветуваше
и нешто повеќе, онака под маса за да ќариш некоја пара повеќе, а сега не си во состојба да го
реализираш ветеното? Па угоре високо-удолу длабоко. И уште згора го уриваш угледот на
Британија во Македонија. Всушност ги правиш неморални и лажговци, идентично како што
Српскиот свет неосновано, како и ти, ги обвинува за измами и божем работа зад грб, омраза врз
Словенството – посебно нас Македонците (уште од граѓанската војна во Грција) и уште безброј
глупости. А тие едноставно слушаат што ти па дури и со полушепот на официјални или
неофицијални средби или преку посредници ќе им понудиш, односно ќе се обидеш да
испреговараш. При тоа нас тука не сметаш за глупи и корисни идиоти кои ќе можеш лесно да ги
излажеш, а кога ќе бидеш во тесно Британците ги нарекуваш лажговци (посредно). Патем, да
бевме членка на ЕУ или барем во фаза на преговори како Албанија, немаше да има шанси за вакви
глупости. Впрочем ете уште еден доказ зошто ти го блокираш почетокот на преговори и
членството на Македонија во ЕУ.
2.Името на државата
„Никогаш северна-само Македонија“. Со оваа флоскула ги доби изборите пред 18 месеци и
им вети на граѓаните дека ќе го вратиш името на државата. Освен што ја насанка Силјановска на
заклетвата, ти од твојата заклетва во Собранието си употребуваш „северна“ без срам и перде, па
уште и тврдиш дека никогаш не си рекол дека ќе го вратиш името Република Македонија. Така
сега интензивно го употребуваш „северна“, па дури и закони менуваш за да се усогласи
употребата на Уставното име. Нам ни раскажуваш божем патриотизам. И згора на се на
велепредавникот Заев не му фали влакно од глава. И за тоа ли ти е обвинителството виновно? Па
ти и надвор од него можеш да ги прибереш сите докази против Заев кои се видливи за целата
македонска јавност.
3.Нов Кривичен закон
Ни трага ни глас од нов Кривичен закон. Се нешто ти недостасува и никако да го
предложиш како влада да влезе во собраниска процедура. А требаше веднаш 6 месеци по доаѓање
на власт да го донесеш. Имаш мнозинство во Собрание, а се стои. Или немаш интерес тоа да го
направиш? Доколку го направиш ќе мораш под мониторинг на ЕУ да го спроведуваш, а вака ќе
чекаш и догодина да ти го кажат тоа во Извештајот на ЕК. А нели новиот КЗ треба да биде основ
за реформи во третата власт и поуспешна борба против корупцијата?
4.Враќање на укинатиот член 353 и борба против корупција
Нели ти беше против укинување на дел од членот 353 со кои застареа делата (кражбите) од
твои блиски луѓе? Нели СДС и ДУИ тоа го направија а ти им направи кворум за да го направат, а
пред заблудената македонска јавност објаснуваше или обесуваше – правеше нешто, но секако
глумеше дека ти си против овие измени. Нели рече дека ќе го вратиш на сила членот 353 во
целост? А токму укинатите делови од членот 353 се основ за борба против корупцијата и
криминалот.
5.Промени во судството и обвинителството
Ништо од твојата правда и правичност. Освен што на третата власт не и даваш пари од
буџетот кои се предвидени со закон и што се караш со нив, правејќи од тоа шоу пред
македонските граѓани, ништо не правиш конкретно. А вети, дека ќе направиш промени. Нема ниту
на повидок предлог на законско решение кое демократски ќе ја засили и уреди третата власт и ќе
ја доведе во ред, посебно во однос на корупцијата. Единствено што правиш е притисок врз третата
власт за која те предупредуваат и нашите пријатели од ЕУ. Притисок за да биде твоја па со неа да
притискаш врз целото општество.
6.Решавање на домашните задачи и европеизација на државата
Добивме ужасно лош Извештај од ЕК за годинава. Нема област во која сме напреднати или
подготвени според европските стандарди. Ништо од тоа дека ќе бидеме најдобриот ученик во
класот. Исчезнуваме од класната фотографија, како никогаш да не сме биле дел од класот. Како
што одамна ти кажавме дека ја носиш државата да биде фуснота во европската историја.
7.Пријателот Трамп – први во редот
Ами нели беше прв во редот за кај твојот пријател Трамп? Или пардон, неуспешно се
буткаше прв во редот да се сликаш со Ј.Д.Венс. До каде сме со твојата посета – пријателство –
значајност за Трамп? Не не споменува чичко Трамп, не ни знае дека постоиш, а сликите со
Амбасадорката која патем ти одржа лекција за работа, посветеност и резултати, ти служат само за
ефтин ПР на социјалните мрежи. Да бевме први кај чичко Трамп досега требаше да добиеме
повеќе опрема, вооружување (барем она што го плативме), но и да добиеме и инвестиции од САД
и најважно од се, да бидеме повластена нација со 0% царини. Исчезна Гренел, а и Крис Павловски
најголемиот инвеститор го снема.
8.Нема со кого да преговараме во Бугарија
Двојна сказна за лека ноќ и умртвување на граѓаните. Прво, Македонија не преговара со
Бугарија, туку треба да започне да го спроведува таканаречениот Француски предлог или
Европската преговарачка рамка, односно да ги стави Бугарите во Устав. Второ, веќе еднаш кажав
дека Бугарија е во таква политичка состојба, поради што од наша полза е што побрзо да ги
започнеме преговорите за да немаат што се вели уста да кажат нешто. И тоа се покажа дека сме во
право, по масовните протести падна владата на Жељазков и еве ја очигледната шанса Македонија
да не чека, туку да преземе конкретни чекори. Наспроти тоа, Мицкоски и некои негови папагали,
па дури и од академската заедница упорно повторуваат дека нема потреба да се брза. Тоа не
брзање, или брзањето е пред се прашање на моментум, за нас како мала земја тоа е
геополитичкиот и регионалниот момент кога треба да се реагира. Впрочем, нели и Илинденското
востание некои го прогласија за избрзано. Аман, по пет века ропство сме избрзале со востание.
Повторно е до моментумот. Па така и сказната дека нема со кого да преговараме во Бугарија е
само обична лага. Прашање е на препознавање на геополитичкиот миг, што е прашање на знаење,
образование, реален патриотизам и искрена политичка желба и идеја, или потполна
незаинтересираност за Македонија и ориентираност кон сопствените пред се лукративни цели.
9.Поддршка на Украина
Мицкоски постојано повторува дека ја поддржуваме Украина во нејзината одбрана од
руската агресија и дека ќе и помогнеме. И на тоа останува. На едноставни флоскули и тапкање по
рамо на храбриот украински народ кој се бори за својата, но и за нашата слобода и демократски
вредности против Сатрапот од Кремљ. Откако си премиер Христијан, не предложи, а не пак
започна, спроведе и реализира барем една иницијатива или пратка за помош на Украина. Немаш
практично реализирано ништо, не само оружје, а постојано се нешто ветуваш. Ветуваш на народ
кој секојдневно страда и трпи огромни воени напори, народ кој е нападнат и е жртва. Ова веќе има
врска и со лични психолошки карактеристики и човечки способности за емпатијата, личен и јавен
морал и чувства. Посебно кога големиот Путинов пријател ти е потпретседател во твојата Влада.
10.Доверлив член на НАТО
Токму како и кон Украина, исто се однесуваш и кон НАТО. Настаните и активностите во
НАТО и на НАТО ти служат само за ПР сликање и божем дека нешто работиш. Вети опремување
на АРМ и осовременување. Вети и нова Стратегија за одбрана уште минатата година во Август.
Знаеш ли во каква состојба е реално армијата? Каква е состојбата со интендантската опрема
(доколку воопшто знаеш што е тоа)? Каква е состојбата со заштитните средства (доколку знаеш
што потпаѓа под тоа)? Каква е состојбата со личното и формациското вооружување (доколку
можеш да направиш разлика што е што)? И да не набројувам, затоа што за прашањата за
одбраната, одбранбените политики, нашата контрибуција во НАТО и нашите капацитети и
способности кои влијаат врз тоа да не проценат колку сме сериозен и доверлив член ќе ми требаат
повеќе колумни. А и не сакам да пишувам во јавноста и отворам жива рана на припадниците на
Армијата.
11.Реформи на системот за заштита и спасување
А да, тоа беше задача која ти беше приоритетна и со која се пофали одамна пред скоро
година и половина и ја довери на Љупчо Димовски другар ти од Социјалистичка и Стојанче –
хибриден автомобил. Во нашата ВМРО-ДПМНЕ, според тебе, нема кадар кој е способен соодветно
и пред се реално да го реорганизира и среди системот за заштита и спасување. Зима е па нема
пожари, а на лето за 6-7 месеци кога пак ќе се разгори Македонија повторно ќе импровизираш со
„иновации“, повторно ќе се сликаш за ПР и веројатно ќе обвиниш некого, онака за да кажеш
нешто. А да знаеш колку работа има во средувањето на системот за заштита и спасување и тоа
работа за повеќе министерства и институции на чело со твојата влада. Ама не знаеш а и не те
интересира.
12.Доаѓаат две нови големи инвестиции во следниот месец
Ова го кажа кога две големи инвестиции ја напуштија Македонија оставајќи 1000 луѓе без
работа за кои ти Мицкоски кажа дека не е страшно-се случувало. Како тебе не ти се случи такво
нешто, да видиш колку не е страшно? Но страшно е што не дојдоа новите инвестиции. За тебе не.
Ти имаш пари да купуваш часовници – или да ги добиваш на подарок додека некој нема за
егзистенција. Но не е страшно, ќе дојдат нови инвестиции – идниот месец. Ама кој е тоа иден?
13.Трета – четврта економија во Европа
Ами како тоа третата економија во Европа има инфлација преку 20%? Како тоа третата
економија нема реален економски раст но има фалсификувани податоци за раст на БНД од 3,5%?
Го има сето тоа во фалбите на Мицкоски но ова се вели „весела математика“. Како тоа во третата
економија во Европа владее сиромаштија и апатија?
14.Цените ќе ги ограничиме и ќе го заштитиме стандардот на граѓаните
Порано, „нема популистички да решаваме проблемот со цените туку системски“. Владата
нема да се меша во својата работа. Сега, „нема да ги ограничуваме цените и да интервенираме“. А
цените дивеат. Си бил ли ти Христијан некогаш во продавница – во месара на пример да купиш
средно квалитетно телешко месо? Тоа е еден просек на квалитет и чини 15 евра за килограм.
Скоро 1000 денари. Не, не, ти јадеш во Влада бејби биф на државен трошок – кога не постиш.
Граѓаните купуваат најниска класа мелено месо за 450 денари килограм. Толку од заштитата на
стандардот на граѓаните, но и квалитетот на здравјето. Ајде малку симни се од облаци и појди во
маркет со 1000 денари (или тоа е 4% од минималната плата) и види што се ќе изнакупиш. Нема да
можеш да се однесеш до дома. Па да видиш дали владата не треба да реагира и тоа итно во повеќе
правци, доколку знае како и каде.
15.Субвенции и поддршка на земјоделците
Ајде што го компромитира и изгуби ИПАРД, па сега ЕУ ни го блокираше без надеж дека
брзо ќе ни ги врати европските субвенции, туку и домашните буџетски субвенции за земјоделието
ги намали со новиот „развоен“ буџет за цели 7 милиони евра. Па да не се чудиме што увозот на
храна ќе биде зголемен, а истата поскапа. Токму ова има врска со претходната точка. А
земјоделците нека му ја мислат – ќе се снајдат, нели. Брееј, жилав народ ова македончето, и
„неговите“ не можат да го искорнат, пирејот.
16.Гарантиран откуп на јагнињата и зголемување на сточниот фонд
Годинава ги прелажа сточарите и им направи шема да бидат уценети со откупот на
јагнињата за да можат некои твој блиски да заработат. Догодина ги чека поголема голгота, И како
тоа ќе се зголеми сточниот фонд на државата? Единствено доколку не мислиш тоа да биде по
принципот на Краварките (пријателките ти) од Крива Паланка. Ами не можат сите да бидат
пашитни говеда или што би рекле Охриѓани – пусто гоедо. Инаку добра ти е таа формула за развој
на сточарството, „развојна операција – пусто гоедо“.
17.Дека ќе ја де ДУИ-зираш Македонија
Така кажуваше на избори 2024 и цело време тоа го повторуваше како расипана лента и не
јадеше бисквити – барем така велеше. Е да, само што твојот коалиционен партнер ВЛЕН покажа
дека е исто ДУИ (ако не и полош – малку маскиран за слепците), само со друго име за да помине
приказната. Да беше нешто различно немаше министри од твојата влада да протестираат за
обвинети воени злосторници од Косово пред Меѓународниот суд за воени злосторства во Хаг.
Воени злосторници и тоа од друга држава, поддржани од министри од твојата влада (од тебе),
заедно со оние од ДУИ од кои не спасуваше и се уште не спасуваш. Ова се нарекува дијагноза –
ШИЗОФРЕНИЈА. Само дали твоја, дали на нашите сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ кои ти веруваат
или колективна на сите македонски граѓани кои молчат. Патем, едниот твој коалиционен партнер
– ВЛЕН, од истиот митинг им вели на Србите и Србија „тиииит“, а другиот твој партнер од ДПС
во Македонија седи со нив во твојата влада како потпретседател на Владата. Тотална
ШИЗОФРЕНИЈА.
18.Најдемократската партија во регионот – ВМРО-ДПМНЕ
Да, да, најдемократска во која по трет пат ти се самоизбираш за претседател, при што
задоволство е да се констатира „дека само ти си единствен кандидат“. И уште најавуваш дека ти ќе
го браниш Статутот на ВМРО-ДПМНЕ. Види чудо, да не пукнеш, ме изнасмеа. Ние од 2022
година ти зборуваме дека треба да го смениш Статутот за да ја демократизираш ВМРО-ДПМНЕ за
да опстане партијата, а тебе сега ти текна и тоа јавно да го кажеш. Види ербап. Веројатно го
чекаше моментумот, а?
Да не должам со набројувањето, пред се затоа што листата е предолга и нема крај. Да
завршам со зборовите на една од мајките на настраданите деца во трагедијата во Кочани. Онаа де
трагедија поради која ти ќе ги вадеше за уши. Онаа трагедија во која доколку ти дадеа еден доказ
дека се познаваш со некого од агенцијата Рубикон ќе си поднесеш оставка. Онаа агенција Рубикон
чии скриен сопственик е колегата Александар Нацев. Оној Нацев кого не го знаеш-познаваш, со
кого имаш куп сликички но не го знаеше дури и додека беше потпретседател на ОК Пробиштип и
претседател на Комисија за безбедност и одбрана на ВМРО-ДПМНЕ на централно ниво. Ова се
вели „се правиш на будала“ или си само циничен и во фаца ни се потсмеваш, што би рекол ти „на
јавна сцена“.
И како што кажа кочанската мајка, со целата нејзина исконска и искрена болка по своето
чедо (не онаа актерската од говорница на другарка ти Иванка): „Премиере, ти цинично ми се
смееш“.
Се потсмеваш ти Христијан на целата нација. Тоа е твојот вистински психопатолошки
профил на цинизам и омраза кон македонскиот народ кого го сметаш за глупав и прост!
Прикривање на неспособноста за раководење на државата низ користење на флоскули, празни
фрази, лажни прикази и ветувања, возгордеаност и ништење на сите македонски вредности.
Колку вреди твојот збор Христијан?
Оливер Андонов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
СДСМ: Скопје се гуши, Мицкоски и неговите…
Скопје со денови е задушено во чад.…
Ќе побара ли Мицкоски одговорност од Претседателот…
Скопје е задушено во чад поради горењето…
Филипче: Граѓаните во Скопје се гушат, Мицкоски…
Скандалозна е изјавата на премиерот Мицкоски за…
Се заваруваат сите шахти на трасата каде…
Сите шахти на трасата каде поминува Премиерот…
Мицкоски на родителите им барал да му…
Родителите на починатите деца во пожарот во…