Муцунски по средбата во Софија: Позициите се далечни, но разговаравме во позитивен дух
Позициите на Македонија и Бугарија во однос на прашањата поврзани со европската интеграција сè уште се многу далечни, изјави министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски по средбата со бугарската колешка Велислава Петрова-Чамова во Софија.
Муцунски оцени дека разговорите биле конструктивни и одржани во позитивен дух, но нагласи дека меѓу двете страни сè уште постои висок степен на недоверба, особено околу предвидливоста на евроинтегративниот процес.
„Морам да бидам и апсолутно транспарентен и јасен, не е дека решивме некое суштинско прашање – позициите се сè уште многу далечни, за тоа нема никаква дилема. Но, разговаравме во позитивен дух за развивање на дијалог во периодот што следи помеѓу двете држави и тој дијалог несомнено ќе продолжи“, рече Муцунски.
Тој посочи дека дијалогот сам по себе не гарантира решение, но без разговори не може да има приближување на ставовите.
„Доколку нема дијалог, никако нема да има решение. И самиот дијалог не е гаранција за решение, бидејќи двете држави имаат позиции коишто се навистина различни и се сè уште многу спротивставени или далечни. Но, се договоривме дијалогот да продолжи“, изјави Муцунски.
Бугарската министерка Петрова-Чамова, пак, повтори дека Софија ја поддржува европската перспектива на Македонија, но очекува исполнување на обврските од европскиот консензус од 2022 година, вклучително и уставните измени. На средбата таа побарала и информација за временската рамка во која Македонија планира да ги исполни тие обврски.
Во однос на барањата за гаранции од македонската страна, Петрова-Чамова порача дека ниту една земја членка не може однапред да гарантира како ќе се одвива целиот пристапен процес, туку може да покаже политичка подготвеност да ги почитува преземените обврски.
Двете страни се договориле комуникацијата да продолжи и во следниот период по прашањата од заеднички интерес.
Муцунски престојуваше во Софија по повод Меѓународната конференција за Коридорот 8, посветена на транспортната и енергетската поврзаност, економскиот развој и безбедносното значење на коридорот за регионот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Муцунски по средбата во Софија: Позициите се…
Позициите на Македонија и Бугарија во однос…
ЕУ бара од Русија итно да ги…
Европската Унија го засилува притисокот врз Русија…
Македонија и Турција ја продлабочуваат соработката во…
Министерот за правда Јетон Шасивари оствари билатерална…
СЗО: Речиси секоја трета девојка од 15…
Околу 43 милиони девојки на возраст од…
Криста Пајк ја преживеа егзекуцијата: Се разбуди…
Криста Пајк, осуденичката на смрт во Тенеси…