Сотир Костов – Доста бре луѓе престанете: Ова е вакцинирање против вистината

t

Неподносливата леснотија на манипулирање(2.)

Го читате ли Достоевски? Го слушате ли Чајковски?

Сето ова што се случува во врска со Украина се специјални психолошки операции, дефинирани како неокортикални активности, коишто за прв пат прераснаа во посебна “Неокортикална војна“.

Повеќе од три недели сме сведоци на сурова војна/специјална воена операција во и околу Украина. Паралелно се водат и преговори помеѓу Москва и Киев(директните учесници во воениот конфликт). И замислете ги нарекуваат мировни преговори. Невидено лицемерие и срамна бласфемија(морално и интелектуално богохулење).

Заинтересирано, со голема сериозност и уште поголема загриженост следам се што се случува во Украина, Русија, САД, Европа и светот. Неодоливо ми е чувството дека ова е веќе видено. Најпрвин во БИХ, Српска Краина, Хрватска, Србија, Косово, од 1992г. до 1999г, а потоа и во Ирак, Авганистан, Иран, Либија, Сирија, од 2003г. па наваму. Добро ми доаѓаат и сликите од поодамнешното воено-интервенистичко минато, во врска со интервенциите на САД и НАТО во Гранада, Либан, Ел Салвадор, Никарагва, Панама, Ирак, Кувајт(т.н “Заливска војна“), Сомалија, Судан и уште дваесетина други држави.

Што да ви кажам за ова? Згрозен сум. Лут, гневен и бесен. Се прашувам како е можно големите светски хегемони, и покрај сите горки и тажни воени искуства, така лесно, без совест и свест, да ги повторуваат и повторно да ги повторуваат, едните “хуманитарните интервенции“, а другите “специјалните воени интервенции“.  Се трудам, ама не можам да сфатам и прифатам зошто војуваат, за да веднаш и преговараат? Зошто преговараат, а и понатаму војуваат?

И сега наместо да се свестат и да ги прекинат воените дејствија,  тие Господарите на војната, директните учесници, и оние индиректните – подбуцнувачите, поддржувачите и навивачите, со невидена политичка и воена пропаганда, ни приредуваат војна како спектакл, во смисла на синтагмата на филозофот Жан Бодријар. И тоа најмногу ги навредува сите наши сетила – очи, уши, ум, разум.

Не ни се поштедени ниту интелегенцијата, свеста и совеста. После се што видов, чув и прочитав на медиумите, а видов многу, дури премногу, од усна и писмена пропаганда, преку пропаганда со слики и акции, до пропаганда на ветувања, закани, убедување и принуда, и секако сето тоа не е без грозоморна психолошка и сурова специјална војна, со жалење морам да констатирам дека сите тие нас не манипулираат, нудејќи ни полувистини, невистини и лаги.

Се прашувам зошто и понатаму сме сведоци и современици на пишување на историјата со солзи, крв, убиства, загуби, уништувања на домови и цели градови, раселени и воени бегалци? Луѓе бре доста беше! Престанете! Преговарајте колку сакате, ама воените дејствија стопирајте ги веднаш. Сега за сега, толку за воено-политичките милитанти гладни за крв и воени разорувања.

Имаме и друг проблем во врска со ова воено-политичко лудило. Што да се прави со медиумската и медиумско-пропагандната војна? Еве и во случајот на Украина, се покажа и докажа дека медиумите во 21-от век не се средства на демократијата, туку инструментализирани алатки на пропагандата. Во случајот на онаа најгрозната – специјална воена пропаганда. Ова е еден вид на “вакцинирање на јавноста“, ама вакцинирање против ВИСТИНАТА  се сеќавате на што одамна не предупредуваше Ноам Чомски.

Ете, тоа е тоа:  во состојба на симулирана светска демократија, срамно се симулира и наводно демократска улога на медиумите. А тоа се прави преку  посебната улога на т.н. “политичка вакцинација“. Да појаснам: Русија започна, тоа што го започна, во секој случај крајниот резултат е грозна војна. Ама, ајде да видиме како во “предиграта“ се однесуваше т.н. меѓународна заедница и меѓународната јавност. Наместо вистински да беа медијатори и амортизери на затегнатоста(пред да отпочнат воените операции), светската јавност и заедница, ја “остреа“ Украина против Русија, и ветуваа воена помош, и на крајот ја изиграа – ја оставија сама да се снаоѓа, како знае и умее. А најлошо од се е што Украина ја направија центарот на нестабилноста на безбедноста на Европа, а евроинтеграциите ги успорија. Сетики мислам дека веќе  и се блокирани.

И да не заборавиме, Западот воведе таква цензура на/за се што е руско(култура, уметност, спорт, економија), што ја мина нормалната граница на ембарго, блокада, дискриминација и омраза, и заплива во матните води на расизмот.

Се исфрлуваат руските студенти од западните универзитети, на руските спортисти им се забранува да учествуваат во меѓународниот спорт, се национализираат руски имоти, ги забрануваат Достоевски и Чајковски, им се даваат откази на врвни руски диригенти и оперски пејачи, во Германија и Португалија ресторани забрануваат влез и услуга за Руси, во Полска се затвораат руски училишта, а руските медиуми “Спутник“ и “Русија денес“  се блокирани и затворени за емитување надвор од Русија. Ова е демонстрација на сурова моќ и расизам во 21-от век.

Да поентирам: Ова е сé, само не слободен проток на идеи, капитал и луѓе; и едните(Русија), и другите(Украина) и третите(САД, НАТО), упорно како вистина ни нудат, “ни продаваат“ црна воена и политичка пропаганда, чија улога е замаглување на напред споменатата вистина,  и да не вовлечат во логиката на воената спирала и на крај да не принудат за еден комплексен воено-политички спор, а сега и судир, да заземеме страна. Сето ова што се случува во врска со Укранина е специјална психолошка операција, дефинирани како неокортикални активности, коишто за прв пат прераснаа во посебна “неокортикална војна“, која поконкретно ќе ја објаснам во следните колумни.

Сотир Костов

П.С.

Чинам дека стихот на Бора чорба “На Западу ништа ново, а на Истоку старе приче“, “Кучињата на војната“ го преиначија во “На Исток ново – војна, а на Запад стари лаги и манипулации“

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна…

Колумната е кратка приказна за селските и…