Македонија има најниски туристички цени во Европа

t

Македонија е меѓу најисплатливите европски дестинации за туристи кои гледаат на трошоците за сместување и храна, покажуваат податоците на германскиот Сојузен завод за статистика Дестатис.

Според анализата, во април годинава цените на хотелските и ресторанските услуги во земјава биле во просек 52 проценти пониски од оние во Германија. Со тоа Македонија има најниско ценовно ниво меѓу анализираните европски туристички дестинации.

Практично, услуга што во Германија би чинела 100 евра, во Македонија би изнесувала околу 48 евра. Веднаш зад земјава е Бугарија, каде цените се пониски за 47 проценти, а потоа следи Црна Гора со 39 проценти пониски трошоци за хотели и угостителски услуги.

Пониски цени од германските има и во повеќе други јужни и медитерански дестинации. Во Португалија и Чешка ценовното ниво е околу 30 проценти под германското, во Шпанија 22 проценти, во Малта 20 проценти, во Кипар 19 проценти, а во Грција 18 проценти пониско.

Кај дел од традиционално популарните туристички земји разликата е помала. Хрватска, според податоците, е 9 проценти поевтина од Германија во оваа категорија, додека Италија е само 2 проценти под германското ценовно ниво.

На другиот крај од листата се земјите каде туристите плаќаат значително повеќе. Во Норвешка хотелските и ресторанските услуги се 34 проценти поскапи отколку во Германија, додека Исланд и Швајцарија се издвојуваат со цени повисоки за 49 проценти.

Од Дестатис посочуваат дека споредбата се однесува на ценовното ниво на ресторански и хотелски услуги, пресметано врз основа на паритетите на куповна моќ што ги објавува Eurostat. Тоа значи дека податоците даваат слика за трошоците за сместување и угостителство, а не за вкупната цена на едно патување, во која влегуваат и транспорт, излети, сезонски понуди и други лични трошоци.

И покрај тоа, анализата ја потврдува ценовната предност на земјите од Југоисточна Европа. Македонија, според овие показатели, моментално се издвојува како најповолна опција за туристи кои бараат пониски трошоци за престој и угостителски услуги.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Од полноќ големо поскапување на дизелот

Дизелот поскапува за 5,5 денари, бензините поевтинуваат…

Ова се цените на горивата во Европа,…

Европските влади дискутираат за воведување на данок…

Жените во Македонија за еднаква работа заработуваат…

И покрај законските гаранции за еднаква плата…

Во јули 367 одобренија за градење, предвидени…

Во јули годинава се издадени 367 одобренија…

Европа пред тешка зима: Растат цените на…

Европа повторно се соочува со непријатна комбинација…