ХАКИРАН СИСТЕМОТ НА ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО?! Исчезнаа податоци за пациенти, документи – никој не знае што се случува

t

Колабираше системот на најголемата здравствена институција во земјава. Од вчера и централата и подрачните служби на Фондот за здравствено осигурување не работат. Дали се работи за хакирање на системот на Фондот допрва ќе се истражува. Од Министерството за внатрешни работи не одговараат дали нивен тим е излезен на терен за да провери за што станува збор.

“Има технички проблеми во серверската инфраструктура во централата. Се работи на отстранување на дефектот“, кусо ни одговори раководителката на секторот за односи со јавност во Фондот за здравствено осигурување, Менче Атанасова Точи, на прашањето што се случува со изгубените податоци и сомневањата за хакирање на системот на осигурениците.

Според извори во Фондот, вчера настанал огромен проблем со податоците и со компјутерите воопшто. Имено, кога почнало да се префрлаат податоци од сервер на клауд, сите податоци ги снемало и никој не знаел што се случило. Паниката била огромна, бидејќи станува збор за лични податоци на околу два милиони осигуреници, финансиски документи и доверливи информации.

Минатата година, Државниот завод за ревизија го предупреди Фондот дека има сериозни забелешки во делот на заштитата на податоците:

“Со извршената ревизија во делот на воспоставениот информациски систем и начинот на функционирање на истиот во пропишаната организациона структура на Фондот: не се донесени ИТ стратегии за развој на информацискиот систем, заштита на податоците и функционирање на системот по евентуални катастрофи согласно стандардите за информациска безбедност. Презентираните ИТ политики и процедури за ИТ безбедност се од 2014 година и не се ажурирани подолго време; Секторот за ИТ, во последните години се соочува со перманентен одлив на вработени. Од вкупно предвидените 34, во 2020 година се пополнети 5 работни места и ангажирани 9 лица со договор на дело, а во 2021 година пополнети се 2 работни места и 3 лица со договор за дело. Состојба со кадарот не е доволна за одржување на ИТ системот на Фондот, а развојната компонента во целост ја врши ангажирана информатичка компанија, иако Фондот го поседува изворниот код за информацискиот систем. Поради недостиг на ИТ кадар, директорот на секторот во исто време е и администратор на ИТ системот во Фондот, што не е во согласност со добрите пракси за ИТ безбедност; − серверската структура во систем салата на Фондот е застарена и целосно амортизирана како резултат на непрекинато работење и не е во можност целосно да одговори на моменталните потреби на Фондот, особено што не е обезбедено одржување, ниту секундарна локација на истата.

Според неофицијални информации, Фондот по поништување на постапките за јавна набавка на серверска инфраструктура во 2020 и 2021 година, оваа година го реализирал тендерот и Македонски Телеком е фирмата која е избрана и која во моментот го спроведувала префлрањето на податоците.

Ова не е прв пат да се случи хаварија во системот на Фондот за здравство. Ревизорскиот извештај го нотира и следново:

“Во 2020 година регистриран е испад на системот поради откажување на струен кабел за системот за ладење, што довело до исклучување на серверите во систем салата. Иако интегритетот и целосноста на податоците, како и серверите биле зачувани во исправна состојба, санирањето траело долго време како резултат на недоволното познавање на системот од страна на вработените (нема обучен кадар ниту пишана процедура/постапка) и на ненавремената реакција на економскиот оператор задолжен за одржување на системот; Сите процеси преку кои се остваруваат правата од здравственото осигурување во најголем дел се автоматизирани за што се воспоставени околу 30 апликативни модули, но дел од нив не се целосно функционални, делумно се користат или воопшто не се користат. Исто така не е функционален набавениот софтвер, со кој било планирано да се обезбеди целосно поврзување и интегрирано преземање на податоците од различните апликации. Поради наведеното за дел од трансакциите е оневозможено автоматско евидентирање и соодветно прикажување во деловните книги на Фондот, а наместо тоа се прават рачни анализи и евиденции“.

Ревизорите напоменуваат дека “Во повеќе наврати од страна на Секторот за информатика доставени се дописи до одговорните лица на Фондот, во кои е укажано на проблемите со кои се соочува секторот, но состојбата не е подобрена. Со планот за јавни набавки за 2022 година, предвидена е набавка на серверска опрема за консолидација на ИТ инфраструктура на Фондот, како и набавка на услуга за изнајмување на секундарна локација за серверската инфраструктура во случај на испад на примарна локација“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

На еден час пред почетокот четири земји…

Четири земји најсилно се заканија дека ќе…

Хрватите се жалат: Црешите се поскапи од…

Хрватите се жалат дека црешите се прескапи,…

Американската амбасада на листата даночни должници во…

Според податоците на Даночната управа на Црна…

Германија планира воведување на задолжителен воен рок

Германија ги разгледува опциите за враќање на…

Димитров: Албанија нема да има ништо против…

Македонија го избра парадоксот на комбинирање на…