АНБ: Луѓето што се обидоа да ја опожарат синагогата во Скопје се идеолошка продолжена рака на Исламска држава
Агенцијата за национална безбедност (АНБ) информира дека лицата кои се обидоа да ја запалат синагогата во Скопје, имале логистичка мрежа и припаѓале на радикална групација идеолошки надоврзана на глобалната мрежа на Исламска Држава. Тие почнале да преземаат радикални и криминални активности непосредно по повикот на Исламска Држава на почетокот на април, велат од АНБ. Според информации на „Слободен печат“ од доброупатени извори, станува збор за лица од скопската населба Скопје Север.
АНБ согласно своите надлежности презеле оперативно-технички и аналитички мерки и активности со цел идентификување на мотивите и непосредните извршители на обидот за опожарување на објектот на Еврејска заедница во Скопје.
Во таа насока од страна на Агенцијата се прибраа информации и беа идентификувани лица – најверојатни извршители и нивна логистичка мрежа, како и повеќе објекти во Скопје, кои според нашите индиции, како дел од радикална групација идеолошки надоврзани на глобалната мрежа на Исламска држава, непосредно по повикот на споменатата терористичка организација од почетокот на април, презедоа насилни активности. Во соработка со ОЈО за ГОКК и МВР на 30 април годинава беше спроведена акција за лишување од слобода на лица и претреси на објекти со цел ефектуирање на кривичен прогон и елиминирање на идни активности на терористичката групација. АНБ останува посветена на планот на превентивно делување и попречување на ризици и закани по националната безбедност преку навремено обезбедување на информации и преземање на активности во соработка со други надлежни институции од земјава, велат оттаму.
Вчера по претходно обезбедени наредби за вршење на претрес на дом и други простории, извршени се претреси на 13 локации на територија на Скопје, при што приведени се седум лица и одземени се предмети и електронски уреди поврзани со кривичното дело.
Денеска министерот за надворешни работи на Израел Гидеон Сар на социјалната мрежа Икс им се заблагодари на властите во Македонија и на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски за успешната реализација на акцијата во која приведени се 7 лица за антисемитскиот напад врз синагогата во Скопје кој се случи на 12 април.
-Нивната одлучна и брза акција да ги соочат сторителите со одговорност, се показател за заложбите на Северна Македонија да ја заштити Еврејската заедница, напиша тој.
Пред 3 недели амбасадорката на Израел во Македонија, Вивијан Ајзен, објави видеоснимка од обидот да се запали синагогата во Скопје.
На снимката се гледаат две лица како ја прескокнуваат оградата и се доближуваат до влезот на објектот. Потоа, тие прскаат со запалива течност, по што фрлаат факел и предизвикуваат пожар.
„Длабоко вознемирувачки антисемитски инцидент во Северна Македонија, прв од 1945 година, ги погодува самите вредности на соживот што ги почитува еврејската заедница. Јас сум на страната на заедницата и ги повикувам македонските власти да ги изведат одговорните пред лицето на правдата“, наведе амбасадорката Ајзен, објавувајќи го и видеото на платформата Х.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
АНБ: Луѓето што се обидоа да ја…
Агенцијата за национална безбедност (АНБ) информира дека…
Уште еден обид за палење на синагога…
Извршен е уште еден обид за палење…
МВР го потврди обидот за опожарување на…
Министерството за внатрешни работи (МВР) го потврди…
Потпишан Меморандум за соработка меѓу Јавното обвинителство…
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад…
25 години од почетокот на воениот конфликт…
Денеска се навршуваат 25 години од официјалниот…