Ахмети со свој фронт контра коалицијата „Вреди“

t

Иако официјално сè уште не си подале рака, речиси е извесно дека ДУИ ќе настапи на парламентарните избори со фронт што ќе ги обедини Алијанса за Албанците на Зијадин Села, ДПА на Мендух Тачи, Европска демократска партија на Арјанит Хоџа и Народно движење на Скендер Реџепи Зејд, наспроти албанскиот опозициски фронт Вреди, предводен од Демократско движење на Изет Меџити, Беса на Билал Касами, Алтернатива на Африм Гаши и Алијанса на Арбен Таравари. И додека во опозицискиот блок веќе е јасно дека лидерите ќе бидат носители на пратеничките листи, во фронтот предводен од лидерот на ДУИ, Али Ахмети јасно е дека интегративците отстапуваат само едно носителско место, и тоа во Петтата изборна единица за Зијадин Села, доколку Алијанса дефинитивно одлучи на изборите да истрча со ДУИ.

Од ДУИ велат дека откако опозицијата настапува обединета, нивната стратегија е да настапат како владејачки фронт, а деновиве треба да финишираат разговорите по што ќе се официјализира соработката. По официјализирање на коалицијата Вреди, ДУИ ја затвори вратата за можна предизборна соработка со СДСМ и коалицијата.

Според информации од владејачкиот блок, носител на Шестата изборна единица традиционално ќе биде Ахмети, „петката“ треба да ја предводи Села, а носител на Втората изборна единица се очекува да биде потпретседателот и пратеник Арбер Адеми. Сè уште се калкулира кој да ја предводи „единицата“, бидејќи ако Села е носител на „петката“ која беше резервирана за техничкиот премиер Талат Џафери, сега комбинациите се тој да ја предводи „единицата“ или да биде втор по Ахмети во „шестката“. За „единицата“ се мести и градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, но чаирското крило инсистира носителот да биде од Чаир бидејќи носат повеќе гласови од Сарај. За Беџети има дилеми бидејќи тој беше дел од „огнените“. Од друга страна пак, има размислувања дека ДУИ во „единицата“ треба да истрча токму со него за Беџети да се соочи со Изет Меџити од коалицијата Вреди и поранешен колега од „огнените“.

Ако власта настапи на заеднички листи, во „шестката“ по Ахмети се очекува да биде генералниот секретар Фатон Ахмети, трета на листата треба да биде Илире Даути од Алијанса, потоа се позиции за ДУИ, а подолу на листата ќе се најдат Мендух Тачи од ДПА и Арјанит Хоџа од ЕДП.
Скендер Реџепи би требало да биде втор во „двојката“, а Третата изборна единица ќе ја предводи Сулејман Баки од турска невладина организација. Власта ќе нема пратеничка листа само во „четворката“.

Кај опозициската коалиција Вреди начелно е договорено Шестата изборна единица да ја предводи Билал Касами, во „единицата“ ќе истрча Изет Меџити, прв во Втората изборна единица ќе биде Африм Гаши, додека „петката“ е резервирана да ја предводи Алијанса на Таравари. Но, интересни се размислувањата дали Касами треба да ја предводи „шестката“ ако не мисли да се повлече од градоначалничката позиција. Ако Касами е носител на листата и остане градоначалник, во тој случај Беса губи пратеник од Шестата изборна единица, бидејќи начелниот договор е ако носител е на пример од Беса, втор, трет и четврт на листата да бидат од партнерите на Вреди. Во таков случај од Беса би бил петтиот на листата што, пак, значи дека само тој би бил пратеник. Интересна е и ситуацијата во Петтата изборна единица каде договорот е листата да ја предводи Алијанса на Таравари за директно да се соочат со Алијанса на Села. Од Алијанса, пак, инсистираат носителот да биде Стружанец, но таму крилото на Таравари нема експонирани пратеници, па можно е носител да биде дебранецот Беким Поцеста. Беким Ќоќу, советникот на косовскиот премиер Албин Курти за кој првично се шпекулираше дека ќе е носител во „петката“, според наши информации ќе биде на листата во Шестата изборна единица, каде што, пак, втор на листата по Касами ќе биде пратеникот на Алијанса, Халил Снопче.

Извор: Слободен печат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Ахмети со свој фронт контра коалицијата „Вреди“

Иако официјално сè уште не си подале…

Таравари за ТВ21: За Алијанса е многу…

Во просториите на општина Гостивар попладнево се…

Ахмети за ТВ21 по состанокот со Таравари:…

Во просториите на општина Гостивар попладнево се…

Најкорумпираниот функционер на ДУИ, Беким Мемети ги…

Беким Мемеди е единствениот албански шериф во…

Ахмети – Лудва: Уставните измени се многу…

 Скрининг процесот, уставните измени, европската интеграција и…