Без промени на даноците во 2027 година, повеќе пари за судството, платите, пензиите и поддршка на бизнисот
Предлог-буџетот за 2027 година е креиран со цел да ја одржи економската стабилност и да обезбеди услови за економски раст, во услови на неизвесни економски и геополитички случувања во светот. Ова го истакна министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, на брифингот со новинарите, оценувајќи дека станува збор за еден од најтешките буџети што досега ги подготвило Министерството за финансии.
Таа нагласи дека главен приоритет во 2027 година ќе биде редовната исплата на пензиите, платите и социјалните надоместоци, за што се предвидени над 124 милијарди денари. Намалувањето на средствата за социјални трансфери, според министерката, е резултат на откриени корисници кои не ги исполнувале законските услови за добивање социјална помош. За поддршка на домашните компании се планирани 3,3 милијарди денари, а средства се предвидени и за набавка на електрични автобуси и амбулантни возила. Капиталните расходи изнесуваат 40,8 милијарди денари. Димитриеска-Кочоска најави дека државата ќе мора да издаде еврообврзница во 2027 година, како и во следните две години, за редовно сервисирање на финансиските обврски.
Според макроекономските проекции, инфлацијата е предвидена на 3,2 проценти, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП. Министерката посочи дека постои потенцијал за повисок економски раст, но неговото остварување ќе зависи од меѓународните случувања. Таа информираше и дека се разгледува можноста за привлекување инвеститори од Србија кои би ги преместиле своите бизниси.
Во делот на даночната политика како што посочи министерката во изминатиот период интензивно се работи на подобрување на законската регулатива конкретно во делот на повратот на ДДВ, преку подготовка на законски измени со кои ќе се унапреди постојниот систем и ќе се спречат можни злоупотреби. Во таа насока, таа истакна дека се водат разговори со бизнис-заедницата и се анализираат искуствата од европските и соседните земји, со цел креирање на соодветно законско решение конкретно во роковите за поврат на ДДВ кон компаниите. Посочи дека оваа реформа е дел од Програмата на Владата, меѓу кои се и воведувањето зелена карта и бела листа на компании, кои ќе бидат имплементирани.
Во делот на судството, за 2027 година се предвидени повеќе од 55 милиони евра и 400 нови вработувања. Сепак, барањето за издвојување 0,8 проценти од БДП, односно околу 160 милиони евра, нема да биде исполнето. Министерката оцени дека буџетските средства мора да се распределуваат реално, при што треба да се обезбедат пари и за плати и за инвестиции.
Осврнувајќи се на пензискиот систем, таа посочи дека поради дефицитот на Фондот за ПИОМ, за 2027 година се планирани 62 милијарди денари трансфери од централниот буџет. Месечно во Фондот се префрлаат околу 3,5 милијарди денари за редовна исплата на пензиите. За плати се планирани 57,2 милијарди денари, односно 6,6 проценти од БДП, при што растот е поврзан и со обврските од колективните договори.
Предлог-буџетот беше разгледуван и на седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет, каде што власта и опозицијата изнесоа спротивставени оценки за неговите приоритети и ефектите врз економијата и животниот стандард. Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска оцени дека буџетот предвидува конкретни инвестиции во образованието и инфраструктурата. Таа посебно го истакна проектот за изградба на основното училиште во селото Непроштено, општина Теарце, за кој документацијата е подготвена и одобрена, а изградбата се очекува да започне во 2027 година.
Стојаноска посочи дека капиталните инвестиции треба да се насочат кон изградба и реконструкција на училишта, спортски сали, здравствени објекти, водоводи и железничка инфраструктура. Меѓу значајните проекти ги посочи делниците од коридорите 8 и 10Д, Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани и Прилеп – Битола, како и продолжувањето на работите на автопатите Кичево – Охрид, Кичево – Букојчани и Скопје – Блаце. Таа нагласи дека буџетскиот дефицит е планиран да се намали од 4,1 на 3,5 проценти од БДП. Истовремено, предупреди на потребата од одговорно управување со јавните финансии, посочувајќи дека за камати се предвидени 24,9 милијарди денари. Стојаноска упати критики до претходните влади за задолжувањето и недоволната реализација на капиталните инвестиции.
Од опозициската СДСМ, пратеничката Сања Лукаревска оцени дека предложениот буџет ги продлабочува економските и социјалните проблеми, наместо да понуди подобар животен стандард и поголема сигурност за граѓаните. Таа предупреди дека за социјална заштита се планирани 14,3 милијарди денари, што, според неа, претставува реално намалување во однос на претходните години. Посочи дека стапката на сиромаштија кај децата до 17 години изнесува 21,9 проценти, кај самохраните родители 29,5 проценти, а кај семејствата со три или повеќе деца достигнува 45 проценти.
– Секое трето дете во оваа земја живее под прагот на сиромаштија – истакна Лукаревска, оценувајќи дека социјалните трансфери не обезбедуваат доволна поддршка за најранливите категории граѓани.
Таа предупреди и на недоволното финансирање на општините, посочувајќи дека блок-дотациите се намалуваат, додека трошоците за плати растат. Според неа, тоа може да се одрази врз функционирањето на училиштата, градинките и домовите за стари лица. Лукаревска посебно го критикуваше растот на каматните трошоци, кои за 2027 година се планирани на 24,9 милијарди денари, што е зголемување од 18,2 проценти во споредба со ребалансот за 2026 година. Таа посочи дека во 2021 година каматите изнесувале 9,1 милијарда денари, односно за шест години се зголемиле речиси 2,7 пати.
Во однос на здравството, пратеничката информираше дека неплатените обврски на јавните здравствени установи достигнале 157 милиони евра. Истовремено, средствата за Министерството за образование се намалени за 503 милиони денари во споредба со 2026 година, според анализата на Парламентарната буџетска канцеларија. Критики упати и за финансирањето на борбата против корупцијата, посочувајќи дека за оваа намена се предвидени само 150.000 денари. Според Лукаревска, владината програма за јакнење на владеењето на правото и антикорупциските активности немаат соодветна финансиска поддршка.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Без промени на даноците во 2027 година,…
Предлог-буџетот за 2027 година е креиран со…
Француски војници со месеци во Украина во…
Мали групи француски војници веќе неколку месеци…
НОВИ ДЕТАЛИ – потврдено дека е побаран…
Основното јавно обвинителство Охрид поднесе обвинение против…
САД со безбедносно предупредување за своите граѓани…
Американските власти ги повикаа своите граѓани во…
(Видео) Како татко, како брат и сопруг…
Ова мое денешно обраќање требаше да биде…