(Видео) Нова тепачка во албанскиот парламент: пратеници запалија сигнални ракети, на Бериша му го исклучија микрофонот
Пратеници од албанската опозиција утрово ја прекинаа седницата на парламентот со активирање сигнални ракети, по неколкунеделните насилни антивладини протести што ги организираат студентите, барајќи оставка од премиерот Еди Рама.
Пратениците на опозициската Демократска партија на Албанија го блокираа и пристапот до говорницата додека се гласаше за закон за Централната банка, објави „Ројтерс“.
„Овие од власта се криминалци и тие заслужуваат солзавец, гумени куршуми, пукнати черепи и скршени коски, а не младите“, изјави опозицискиот лидер Сали Бериша, пред да му биде исклучен микрофонот.
Други опозициски пратеници го опколија за време на говорот, држејќи фотографии од демонстранти повредени од гумени куршуми. Некои од нив запалија сини сигнални ракети, во бојата на нивната партија.
Протестите предводени од студентите, поттикнати од гневот поради сомнежите за корупција во владата, недостигот од работни места и од нискиот квалитет на образованието, го зафатија центарот на Тирана во средината на октомври, а потоа се проширија и во други градови.
Демонстрантите кои бараат оставка од Рама запалија владини згради и банки, кршеа излози и вадеа камења од тротоарите за да ги фрлаат кон полицијата.
Немирите следуваа по неколкумесечните претежно мирни протести против луксузен проект за изградба на крајбрежјето, поддржан од Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп. Ова е најголемиот предизвик досега за Рама, кој е на власт од 2013 година и минатата година освои четврти премиерски мандат.
Рама во неделата најави нови мерки за спречување на насилството, меѓу кои и казни од околу 5.500 евра за секој што ќе учествува на протест што ќе прерасне во насилство, дури и ако лично не извршил насилни дејствија.
Протестите оваа недела главно беа мирни, а нов протест е најавен за сабота.
Рама повторно ги повика студентите на дијалог и најави нови економски мерки, меѓу кои поевтино гориво и поголема финансиска помош за сиромашните семејства, во обид да го запре насилството на улиците.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Нова тепачка во албанскиот парламент: пратеници…
Пратеници од албанската опозиција утрово ја прекинаа…
Рама најави построги казни за протестите во…
Албанскиот премиер Еди Рама најави пакет законски…
Рама повторно повикува на дијалог: Подготвен сум…
Албанскиот премиер Еди Рама денес повторно повика…
(Видео) МАСОВНА ТЕПАЧКА во албанскиот парламент
За време на денешната седница албанскиот парламент…
Молотови коктели кон кабинетот на Рама, пожар…
Демонстрантите во Тирана фрлаа молотови коктели кон…