(Видео) Протестите во Италија ескалираа – владата испраќа 500 војници да го обезбедуваат Милано

t

Италијанската влада ќе испрати 500 армиски војници за да го „заштитат Милано“ по два дена немири, во кои демонстрантите се судрија со полицијата, ограбуваа продавници и оштетија имот, соопшти вицепремиерот Матео Салвини, пренесе „Гардијан“. Се очекува распоредувањето на војниците да биде вклучено во пакет безбедносни мерки што треба да бидат одобрени на седницата на владата во вторник.

Продавниците во централниот дел на Милано затворија порано и ги заштитија излозите со дрвени табли, стравувајќи од нов бран насилство во финансискиот центар на Италија.

„Од зборови на дела: уште 500 војници за да го заштитат Милано“, напиша Салвини на социјалните мрежи. Тој е и лидер на десничарската партија „Лига“, која е дел од владејачката коалиција.

Повеќето продавници во луксузната трговска зона на улицата Виа Монтенаполеоне, каде што се наоѓаат брендовите „Шанел“, „Тифани“ и „Диор“, ги отстранија производите од излозите, додека полицијата патролираше по улицата.

Неколку стотици демонстранти со качулки, од кои многумина наводно биле малолетници, запалија контејнери за отпад и ограбуваа продавници во центарот на градот за време на викендот. Немирите избувнаа по првично мирниот протест во саботата, организиран поради лошите јавни услуги и зголемените трошоци за живот.

Меѓу ограбените продавници биле спортските трговци „Декатлон“ и „Арктерикс“, како и мобилниот оператор „Водафон“, покажуваат телевизиските снимки. Модните брендови „Левис“ и „Андер Армор“, како и „Декатлон“, ги покрија излозите со картон и дрвени панели.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони, која следната година ја очекуваат национални избори, го осуди насилството и во понеделникот претседаваше со состанок со министри и раководители на безбедносните служби.

„Владата решително ќе одговори на овие напади врз државата, вклучително и преку мерки насочени кон ограничување на насилството од страна на малолетниците“, напиша на социјалната мрежа Икс шефот на италијанската дипломатија Антонио Тајани, кој исто така е вицепремиер.

Според весникот „Кориере дела сера“, Мелони размислува за продолжување на периодот на превентивно задржување на малолетниците и за мерки против младинските банди, преку забрзување на усвојувањето на одредени одредби од постојниот предлог-закон за безбедност.

Италијанската полиција соопшти дека во неделата привела 271 младо лице за време на немирите во Милано. Од нив, 32 биле уапсени, меѓу кои 23 малолетници и 13 странски државјани. Други 28 лица биле предадени на судските власти. Согласно начелото на презумпција на невиност, приведените се сметаат за невини додека не се докаже спротивното.

Немирите следуваа по судирите во саботата и во други северни италијански градови, меѓу кои Болоња, Бреша, Бергамо и Торино, каде што биле уапсени 28 демонстранти.

Случувањата потсетија на немирите во соседна Франција, каде што во саботата стотици илјади луѓе, незадоволни од растечките трошоци за живот и влошувањето на јавните услуги, излегоа на улиците во едни од најнасилните протести во земјата во последните години.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Протестите во Италија ескалираа – владата…

Италијанската влада ќе испрати 500 армиски војници…

(Видео) Насилни протести во Италија: полицијата употреби…

Италијанската полиција употреби солзавец против демонстрантите во…

Илјадници млади на улиците во Италија и…

Илјадници студенти и средношколци излегоа на улиците…

Хаос во Италија поради одлуката на синџир…

Одлуката на енергетскиот гигант Ени предизвика голема…

Мелони забранува носење на бурки и никаби…

Италија се подготвува да го забрани покривањето…