Груевски за Черчил: Зошто е важен за Македонците и за Балканот

t

ВИНСТОН ЧЕРЧИЛ

“Имате непријатели? Супер. Тоа значи дека некогаш сте се бореле за нешто во вашиот живот”

“Никогаш, никогаш, никогаш не откажувајте се”

“Ако одите низ пеколот, продолжете да се движите”

“Песимистот гледа потешкотии во секоја нова можност, а оптимистот гледа нова можност во секоја потешкотија”

Деновиве се навршија 59 години од смртта на еден од најзначајните политичари и лидери на 20. век кои промениле нешто многу значајно во светот – Винстон Леонард Спенсер Черчил (30 ноември 1874 – 24 јануари 1965).

“Постојан труд – не сила или интелигенција, е клучот за откривање на нашиот потенцијал”

Според годината на раѓање тој е генерација на најавторитетниот и најславен револуционер во македонската историја Гоце Делчев, а и двајцата имале одредено воено образование, но за разлика Делчев кој е убиен во неговата 29. година во борбата за слобода на Македонија, Черчил кој е син на државник и министер за финасии и внук на државник и аристократ, имал среќа да живее 90 години, да се роди во земја која е светска воена и финасиска сила, која е слободна, не е окупирана туку има свои колонии и светско влијание, иако во одреден период токму кога тој е премиер и има голема одговорност е нападната.

Како и да е и двајцата политички лидери се веројатно најмаркантните историски политички личности на својата нација.

Тој бил воен дописник од војните во неколку земји, во различни периоди имал многу високи одговорности и функции во различни министерства, па така веќе на 35 години бил министер за внатрешни работи, бил министер за морнарица во дел од периодот на првата светска војна, потоа отишол да биде потполковник во битките во војната на западниот фронт каде повремено командувал со шестиот батаљон на кралските шкотски фузилиери. Во јули 1917 година бил назначен за министер за вооружување , а во јануари 1919 година за воен и министер за воздухопловство .

Тој станал еден од архитектите на таканареченото „Десетгодишно основање“ – доктрина според која воениот развој и воениот буџет треба да се планираат врз основа на тоа дека Англија нема да биде вклучена во големи конфликти десет години по крајот на војната.

Черчил бил еден од главните поддржувачи и главните иницијатори на интервенцијата во Русија , објавувајќи ја потребата да се „задави болшевизмот во неговата лулка“. Според Черчил: „ Од сите тирании, болшевичката тиранија е најлоша… најразорна, најпонижувачка и… многу полоша од германскиот милитаризам.

Во 1921 година, Черчил бил назначен за колонијален секретар , во кое својство го потпишал Англо-ирскиот договор , со кој се создала Ирска слободна држава. Во 1924 година, Черчил, сосема неочекувано за себе, добил втора позиција во државата – канцелар на финансии во владата на Стенли Болдвин свера која не е од негов најголем интерес.

Многу историчари и современици сметаат дека најважната заслуга на Черчил е неговата решеност да ја продолжи војната до победата, и покрај фактот што голем број членови на неговиот кабинет, вклучително и министерот за надворешни работи, Лорд Халифакс, се залагаа за обид за постигнување договори со нацистичка Германија.

Во својот прв говор во Долниот дом како премиер на 13 мај, Черчил тој ќе рече: “Немам што да понудам (на Британците) освен крв, труд, солзи и пот”. Спротивно на тоа, тој создава коалиција против Хитлер.

Како еден од неговите први чекори како премиер, Черчил ја создаде и ја презеде функцијата секретар за одбрана, концентрирајќи ги во една рака насоката на воените операции и координацијата помеѓу морнарицата, армијата и воздухопловните сили, кои претходно беа под посебни министерства.

Черчил бил премиер во два мандата со пауза измеѓу како шеф на опозицијата (1940-1945 и 1951-1955), писател, историчар, сликар,добитник на Нобелова награда за литература(1953), пратеник на Конзервативната партија на Обединетото Кралство, па по одредени несогласувања преминал и завземал високи државни функции во конкуренстката Либерална партија, за подоцна повторно да се врати во Конзервативната партија и да завземе многу високи државни функции вклучително и премиер. Тој почесен член на Британската академијата (1952) и што ли уште не.

Во втората светска војна на основа на својата позиција, искуство и проникливост, тој има политичка улога со која влегува како значајна личност во светската историја во делот на победата над фашизмот.

Черчил бил силен оратор, знаел да направи добра шега, понекогаш со многу цинизам доколку дискусијата е зајадлива, знаел да гради сојузништва и да биде добар сојузник.

“Шегата е сериозна работа”

“Можеби сум пијан госпоѓо, но наредното утро ќе бидам трезен, а вие се уште ќе бидете грда”

“Сакам човек кој се подсмева додека се бори”

Да го имаш на своја страна било предност, но да го имаш против себе било голема непријатност, што тогаш го почуствувале Рузвелт, Сталин, Де Гол, Тито и други од една страна, но и Хитлер, Мусолини, Цар Борис и другите нивни сојузници од другата страна.

Имал големи дипломатски способности и важи за политички маневрист од голем ков, со кои вештини многу успешно маневрира во кариерата во партиите, на државните функции и во меѓународната политика.

Во животот имал огромни успеси со кои стекнал светска слава, но и имал и неуспеси кои се дел од неговата биографија.

“Успех е одењето од неуспех во неуспех, без губење на ентузијазмот”

“Има само една работа која е потешка од борење со сојузниците, тоа е да се борите без нив”

За време на втората светска војна имал огромна подршка од гласачите, многу патувал обидувајќи се да ја организира коалицијата против Хитлер и иако завршил со огромен успех во 1945 година ги губи изборите, но продолжува како шеф на опозицијата и повторно станува премиер во 1951 година.

Черчил има така бурна и содржајна кариера што е инспирација за многу луѓе и за него се направени многу книги, иако и самиот оставил многу мемоарска литература зад себе, снимени се многу филмови, телевизиски серии итн, а мислам дека е државник со најмногу споменици во различни главни градови во Европа и светот.

Но, зошто е важен за нас Македонците и за Балканот генералн?

За Македонците некогаш сојузник кога Македонците од вардарска Македонија заедно со другите југословенски народи се борат во НОБ за ослободување од фашизмот, некогаш на другата страна како убедливото мнозинство Македонци во егејскиот дел на Македонија кои се составен дел на левичарските ЕАМ (Грчки ослободителен фронт – политичко раководство) и ЕЛАС (грчка народноослободителна војска – воени сили) создадени од КПГ која го започнала отпорот против фашизмот. ЕАМ и ЕЛАС имале подршка од Советскиот сојуз а либералите од Велија Британија. Тогаш Черчил е премиер и недвосмислено е силен подржувач на кралската војска и на кралот во Грција кого го заштитиле.

По ослободувањето на Грција во октомври 1944 година, недогласувањата помеѓу КПГ и либералните владини сили продолжиле. Со посредство на Велија Британија на почетокот на 1945 година бил постигнат договор во Варкиза со кој ЕАМ и ЕЛАС се разоружале и организирање на слободни избори.

Во меѓувреме владата спровела масовен терор врз македонските и грчките комунисти, што ќе биде вовед во граѓанската војна што ќе се одвива од 1946 до 1949 година.

За оние кои чувствуваат задоволство да прочитаат повеќе детали автобиографски напишани од Черчил за Балканот во 1944/45 година а објавени во “Избрани есеи”, преведена книга во склоп на едицијата “Нобеловци” издадена во Македонија како владин проект во 2009 година. Насловот на оргиналот на книгата е: Sir Winston Leonard Spencer Churchill: BLOOD, TOIL, TEARS AND SWEAT: WINSTON CHURCHIL’S FAMOUS SPEECHES.

Во овој извадок кој е еден од извадоците за Балканот, ќе прочитате каков бил односот на Черчил кон Тито, средбите и разговорите со Тито во текот на војната, каков впечаток му оставил југословенскиот маршал, како и под кои услови го помагал Тито и НОБ, како ја организирал војната во комуникација со Рузвелт и Сталин пресликувајќи ги меѓусебните телеграми меѓу нив во еден период, како гледал на Грција како традиционален сојузник за кој веќе претходно Британија дала голем број жртви и со каков ентузијазам и без дилема се трудел и им помогнал, како Тито отворено го лажел Черчил дека по војната нема да воспостави комунистички режим туку слободна демократија и слободни избори, па не случајно и го одбил предлогот на Черчил јавно да го вети тоа.

Ќе прочитате за обидите на Черчил за помирување на Тито и Кралот на Југославија и негово враќање во земјата, здружување на партизанските сили и четниците на Дража Михајловиќ како трупи поддржувачи на југословенскиот крал кој бил заштитен во Лондон, како и кралската влада во егзил. Интересни се средбите меѓу Черчил, Тито и Иван Шубашиќ (1892-1955) кој е Хрват и генерација по годината на раѓање на Јосип Броз, кој од 1 јули 1944 година станал претседател на владата во егзил. Во оваа влада, д-р Шубашиќ, покрај функциите премиер, ги извршувал и функциите министер за надворешни работи и министер за финансии а бил назначен и за заменик-министер за армија, морнарица и воздухопловни сили до изборот на нов министер.

По предлог на Черчил, Југославија добила инструкции да се договори за формирање заедничка влада со претставниците на НКОЈ и маршалот Тито. Иван Шубаши се сретнал на Вис со Тито од 14. до 17. јуни 1944 година, каде што го потпишал Вишкиот договор со Тито. После тоа, тој оди во Бари, каде премиерот Черчил го известува за резултатите од договорот.

На инсистирање на Черчил, тој повторно тргнал по други патишта во Југославија. Во октомври 1944 година тој имал нов опширен разговор со Тито за формирање нова влада. По формирањето на привремената влада на ДФЈ, на 7 март 1945 година, во Белград, на д-р Шубашиќ му е доделен одделот за надворешни работи, а во таа влада влегле уште двајца приврзаници на кралот. Веќе во октомври 1945 година, тој поднел оставка поради несогласување со политичкиот курс на земјата и ја напуштил владата под изговор дека нема слободен демократски говор и дека во земјата владее комунистичка диктатура.

За оние за кои читање на подолг историски текст од 1944/45 година претставува неостварлив потфат, им се заблагодарувам за посветенито време и препорачувам тука да запрат со читањето.

******

ПОТРЕСИ НА БАЛКАНОТ

Во летото 1944 советските армии продираа во централна и источна Европа и сметав дека е неопходно со Русите да се постигне некаков политички аранжман во однос на ид- нината на тие територии. Се чинеше дека повоената Европа почнува да го добива својот облик. Поради руските интриги, во Италија веќе се појавија тешкотии. Во директни разговори со Тито настојувавме да дојдеме до избалансирани резултати за југословенското прашање. Меѓутоа, со Москва не беше постигнат никаков напредок во однос на Полска, Унгарија, Романија и Бугарија. Ова прашање беше разгледано на Империјалната конференција одржана во мај во Лондон. Од министерот за надворешни работи побарав за потребите на кабинетот и за Империјалната конференција да подготват краток извештај на оваа тема. Нагласив дека извештајот не треба да биде подолг од една страница. Смeтав дека така ќе се нагласат и ќе го привлечат вниманието проблемите што се јавуваа во Италија, Романија, Бугарија и во Југославија, а особено во Грција.

Препорачав да се концентрираат на прашањето – дали ќе се согласиме на комуницирање на Балканот и на Италија. Мојот став беше дека за овие прашања мора да имаме јасен став. Ако донесеме решение дека ќе се противставиме на комунистичката инвазија, тоа во погоден момент треба отворено да им го соопштиме на Русите, се разбира во време кога развојот на воените настани ќе биде поволен да се разговара за тоа. Истакнав дека е неопходно за ова претходно да се консултираме со Соединетите Држави.

Истиот ден испратив уште едно писмо до Министерството во кое додадов дека е очигледно дека се наближува времето да се пресметаме со Русите поради нивните комунистички интриги во Италија, Југославија и во Грција. Сметав дека нивното однесување од ден на ден станува се понепријатно.

Советскиот амбасадор во Лондон на 14 мај, во Министерството за надворешни работи, разговараше со господинот Идн и му соопшти дека тие се подготвени да го прифатат неговиот предлог според кој Романија во овие воени околности треба да биде препуштена на руското влијание, а Грција да ни се препушти нам. Пред да дадат дефинитивен одговор, сакале да го знаат американското мислење за ова. По тој разговор запишав дека идејата не им е лоша, бидејќи сметав дека идејата ќе му се допадне и на американскиот претседател, а јас ги посакував блиските контакти со него.

Со телеграма го известив претседателот за последниот развој на настаните и за разговорот со рускиот амбасадор.

„Се надевам дека ќе одлучите да дадете благослов за овој предлог. Се разбира, ние не сакаме да го распарчиме Балканот на сфери на влијание. Согласувајќи се со таков договор, јасно ќе ставиме на знаење дека тој се однесува само на времето додека трае војната и дека тоа нема да има влијание врз правата и одговорностите што ќе ги имаат при склучувањето на мировните спогодби и подоцна, а тоа ќе се однесува на цела Европа…”, напишав, меѓу другото.

Бидејќи лордот Халифакс отиде со слични инструкции да разговара во Министерството за надворешни работи на САД, ме извести дека првата американска реакција била дека нив ги вознемирува каква и да е сугестија која би можела да потсетува на создавање или прифаќање на идејата за сферите на влијание.

На 8 јуни на Халифакс му испратив телеграма во која му нагласив дека создавањето на сфери на влијание не доаѓа предвид.

„Сите ние ќе мора да работиме заедно, ама некој мора да ја изигра картата. Изгледа дека е логично Русите да се занимаваат со Романија и Бугарија, кон кои продираат руските армии. Истото важи и за нас, да се занимаваме со Грција, која е во состав на нашето боиште. Грците се наши стари сојузници, а таму во 1914 година жртвувавме 40.000 војници. Имам причина да верувам дека претседателот потполно ги поддржува ставовите во врска со Грција, а истото важи и за Југославија. Јас за се го известувам претседателот, но изгледа дека ние – Владата на Неговото Величество треба да ја изиграме картата, а мора тоа да го направиме внимателно, во согласност со Русите. Нема полоша судбина за некоја држава од онаа ако во вакви времиња за неа се носат одлуки со тристрана или четиристрана телеграфска комуникација. Додека ние ќе се согласиме како да решиме едно прашање, се јавува друго, а настаните во тие држави се развиваат мошне брзо”.

На 11 јуни претседателот Рузвелт ми испрати телеграма во која ми соопшти дека „одговорната воена управа, на која и да е територија, неизбежно ќе носи одлуки кои зависат од развојот на воената ситуација, но уверени сме дека спогодбата каква што е предложена ќе ја поттикне природната тенденција полето на донесените одлуки да не се запре само на воени прашања. Според нас, тоа би довело до сè почести разлики меѓу вас и Советите, како и до поделба на Балканот на сфери на влијанија, иако сегашната идеја се ограничува само на воените прашања”.

Истиот ден му одговорив на претседателот. Му напишав дека сум многу загрижен од неговите ставови и дека акцијата ќе биде парализирана, ако секој со секого, за сè, треба да се консултира. Сметам дека настаните, со оглед на менливата ситуација на балканските простори, многу брзо се менуваат.

„Некој мора да биде овластен да планира и да дејствува. Консултативен комитет би бил само пречка. Во итни ситуации ваквиот комитет секогаш би се заобиколувал, а за да се дејствува ќе треба да се изврши размена на мислења меѓу мене и Вас, или кој и да е од нас двајцата со Сталин… Русите се подготвени да ни го препуштат водството во однос на решавањето на проблемите во Грција, што ќе значи дека националните сили на Грција ќе можат да го скротат ЕАМ и неговите зли намери. Во спротивен случај, во земјата која и Вам многу ви значи ќе продолжи граѓанската војна и ќе доживее пропаст. Секогаш Ве известував и ќе продолжам да Ве известувам. Мислам дека можете да имате доверба во мене, во секој поглед”.

Додадов дека, ако мора да се консултираме со другите сили, разменувајќи телеграми на сите три или четири страни, резултатот може да биде само хаос и немоќ.

„Со оглед на тоа дека Русите наскоро со голема војска ќе навлезат во Романија и дека на Романија ќе и помогнат од Унгарците да поврати еден дел од својата територија, ми се чини дека ќе биде добро тоа поле да им се препушти на Советите. Ние таму немаме никакви трупи и, во секој случај таму Русите веројатно ќе направат што ќе наумат. Покрај тоа, сметам дека нивните услови, освен преголемата отштета што имаа намера да ја бараат, се мошне разумни, дури и широкогради. Романските трупи и нанесоа огромни штети на советската армија, а со задоволство влегоа во војната против Русија. Не гледам ниту една пречка во кое било време, за кое и да е прашање да разговараме со Русија, но, Ве молам, оставете ги и натаму да ги следат упатствата како што се спогодивме, бидејќи тие ја завршуваат целата работа.

Слично на тоа е нашата положба во Грција. Ние сме стари грчки сојузници. Не сметајќи ги загубите на Крит, во одбраната на Грција од Хитлер загинаа 40.000 наши луѓе. Грчкиот крал и Грчката влада се под наша заштита… Помагајќи ѝ на Грција, загубивме и многу бродови, а повлекувајќи се од Киринејк, за да им помогнеме на Грците, загубивме се што имавме таму запоседнато. Телеграмите што ми ги испраќавте во времето на последната криза придонесоа таму да направиме чуда. Бевме согласни за се, а резултатите се покажаа многу добри. Зошто таквото ефикасно насочување да се разводни со некаков комитет на средно вредни функционери, какви што создадовме ширум светот? Зошто Вие и јас, кога веќе толку се сложуваме, тоа да не го задржиме во наши раце?” Му предложив да го тестираме мојот аранжман во следните три месеци. Потоа, трите сили ќе расправаат дали е ваквото решение добро. Два дена потоа претседателот го прифати тој предлог, но додаде: „Мораме да се погрижиме да се разјасни дека не се обидуваме по војната да создаваме никакви сфери на влијание”.

Ги прифатив неговите сугестии и следниот ден му одговорив дека британскиот министер за надворешни работи доби задолжение за се да го информира Молотов. Воениот кабинет одлучи за тримесечниот аранжман да се извести Советската влада. Тоа беше направено на 19 јуни. Во меѓувреме, добив вознемирувачка порака од претседателот Рузвелт, кој беше незадоволен од тоа што неговите луѓе за аранжманот дознале откако ние разговаравме со Советите.

Одговарајќи на овој прекор, на претседателот му ја образложив ситуацијата така како што јас ја гледав од Лондон.

„Русите се единствената сила која може да направи нешто во Романија, па сметав дека Вие и јас сме согласни Русите, врз основа на нивните умерени услови за примирје, освен отштетата, треба да се обидат она што ќе се случува таму да го насочат во разумен правец. Всушност, во Каиро сите тројца блиску соработувавме во врска со романскиот демарш за примирје. Од друга страна, грчкото бреме во потполност лежи на нас, а така е уште од 1941 година, кога се обидовме да им помогнеме. Покрај тоа, Вие ни препуштивте да играме главна улога во Турција, а ние постојано се консултираме со Вас и сметам дека сме усогласени во врска со линијата која треба да се остварува таму. Бидејќи сега во надворешната политика е популарна таа тенденција, мене ќе ми беше најлесно да скршнам в лево, да оставам работите да си течат низ реката. Тогаш, најверојатно, грчкиот крал ќе беше принуден да абдицира, а ЕАМ ќе воведе владеење на терор во Грција. Жителите на селата, како и други слоеви на населението, со сила би биле мобилизирани во баталјони, а за да се спречи анархијата, тие ќе побараат германско покровителство. Единствен начин да се спречи тоа е да ги наго- ворам Русите да прекинат со поддршката на ЕАМ. Тоа беше причината да им поднесам на Русите привремен работен аранжман, се со цел подобро да ја водиме војната. Тоа беше само предлог, кој мораше да Ви биде доставен и Вам, за да ја добие и Вашата согласност…

Исто така, презедов акција со цел да издејствувам обединување на силите на Тито со оние во Србија и со другите кои ја поддржуваат Југословенската кралска влада, што двајцата ја признаваме. Во сите фази бевте информирани за тоа како се справуваме со тој проблем, кој најмногу е наша грижа. Не ќе биде ништо полесно отколку кралот и Југословенската кралска влада да ги фрлиме во челуста на волкот и таму да избие граѓанска војна, како што посакуваат Германците. Јас се обидувам да го престорам хаосот во ред и сите сили да се насочат кон заедничкиот непријател. Непрекинато ве известувам и се надевам дека ја уживам Вашата доверба”.

* * *

За помалку од два месеца сојузничките армии во Италија напредуваа над 300 километри. Сојузничките и германските сили во тој период имаа големи проблеми со снабдувањето, особено откако нашето воздухопловство ги сруши речиси сите мостови на реката По.

Тогаш решив да заминам за Италија. Мислев дека со моето присуство полесно ќе ги решиме проблемите. Особено сакав да се сретнам со Тито, на кој не му беше проблем од островот Вис, каде што ние го штитевме, да се префрли во Италија. Од Каиро во Италија можеа да дојдат господинот Папандреу и некои негови колеги. Можеше да го договориме нивното враќање во Атина, по заминувањето на Германците. Најпосле, постоеше и италијанскиот политички заплет.

Во Кабинетот имаше премногу обврски, така што за неколку дена го одложив моето патување во Неапол. Сепак, на 10 август му испратив телеграма на Купер дека утредента ќе слетам во Мезон Бланш, аеродром недалеку од Алжир. Стасав како што беше планирано. Бидејќи имавме најмалку три слободни часа, порачав дека е можно да се видиме со Де Гол. Генералот одби. Рекол дека не сака со ништо да го нарушува мојот кус одмор, но знаев дека тој се уште е навреден и сметал дека ова му е добра можност да го покаже своето несогласување околу порано изведената акција „Оверворлд”.

Попладнето стасав во Неапол и се сместив во раскошна, ама нешто постара вила од која има величествен поглед на Везув и на заливот. Генералот Вилсон ме информира дека се завршени сите подготовки за состанокот со Тито и со новиот претседател на Југословенската влада на кралот Петар, Иван Шубашиќ. Тие веќе беа во Неапол, а беше договорено следниот ден да вечераме заедно.

Претпладнето на 12 август маршалот Тито дојде во мојата вила. Носеше прекрасна сиво-златна униформа, но таа беше прилично несоодветна за големата горештина. Униформата му ја дале Русите, а златните ширити, како што разбрав подоцна, биле донесени од Соединетите Држави. Состанокот се одржа на терасата на вилата. Присуствуваа и бригадниот генерал Маклин и еден преведувач.

Предложив Маршалот прво да ја види трофејната соба на генералот Вилсон, па влеговме внатре. Во придружба на Маршалот беа двајца телохранители со суров изглед. Двајцата носеа автомат и тој рече дека сака и тие да одат со нас. Изгледа дека се плашеше од предавство. Со доста напор го убедивме дека нема потреба и тие да доаѓаат со нас, па му реков дека нема да е проблем тие да одат со нас за време на вечерата.

Го одведов во една поголема просторија на чии ѕидови беа закачени мапи од фронтовите. Почнав да му говорам, објаснувајќи му ја ситуацијата на фронтот во Нормандија и нашите широки стратешки маневри против Германците на западот. Му ја нагласив тврдокорноста на Хитлер, кој не сакаше да отстапи ниту една стапка од територијата. Поради тоа, голем број германски дивизии во Норвешка и во балтичките држави беа блокирани и отсечени. Му реков дека стратешки и за него би било добро ако ги повлече своите единици од Балканот и да се концентрира на главните фронтови. Додека му говорев, му ја покажав мапата на Истра и го прашав Тито каде би сакал неговите сили да соработуваат со нашите, ако ние успееме да стигнеме до полуостровот од источната италијанска страна. Додадов дека би било многу корисно ако на југословенската страна може да се екипира барем едно пристаниште. Во текот на јуни и јули до неговите единици испративме две илјади тони материјали, но би можеле и повеќе. Тито рече дека, иако германскиот отпор во последно време е засилен и дека нивните загуби се зголемени, може да собере поголеми сили во Словенија и во Хрватска и дека има позитивен став за учество на југословенски сили во операција против Истра.

Потоа поминавме во еден помал салон и почнав да го прашувам за неговите односи со Југословенската кралска влада. Рече дека сè уште траат интензивните борби меѓу партизаните и Михајловиќ, чија моќ се базира на германска и бугарска помош. Помирувањето е малку веројатно. Му одговорив дека не сакаме да се мешаме во внатрешните прашања на Југославија, но дека сакаме неговата држава да биде силна, единствена и независна. Доктор Шубашиќ беше многу голем приврзаник на таа идеја. Покрај тоа, не можеме да го изневериме кралот. Тито рече дека ја разбира нашата обврска кон кралот, но во тој поглед, додека не заврши војната, не може да направи ништо, а тогаш југословенскиот народ сам ќе одлучува.

Почнав да му говорам за иднината и нагласив дека, според мене, правилното решение за Југославија ќе биде ако таа воспостави демократски систем кој ќе се потпира на селанството. Можна е и определена аграрна реформа, особено таму каде што се мали земјоделските имоти. Тито ме уверуваше дека, како што јавно изјавува, нема желба во Југославија да воспостави комунистички режим туку демократска држава, бидејќи по војната најголемиот број европски земји ќе живеат под таков систем. Рече дека настаните во помалите држави ќе зависат и од односите меѓу големите сили. Југославија ќе може да има корист од се поголемото подобрување на тие односи и да се развива во демократски правец. Русите имаат една мисија кај партизаните, но тие се далеку од идејата да заговараат воспоставување на советски режим во Југославија.

Го прашав Тито дали е подготвен својата изјава за комунизмот јавно да ја искаже, но тој одби, образложувајќи дека таквиот потег може да се смета како изнуден. Сепак, се согласивме за таа идеја да разговара со доктор Шубашиќ, со кого требаше за прв пат да се види тоа попладне.

Потоа ручавме заедно и се договоривме да се видиме следната вечер, ако разговорите со Шубашиќ напредуваат добро. Презедов обврска да подготвам еден меморандум за југословенските прашања, а Маршалот вети дека ќе ми испрати писмо во врска со некои специфични проблеми околу снабдувањето.

Следното утро, рано, Тито имаше средба со генералот Гамел, началник на штабот на генералот Вилсон. Тогаш му беше врачен еден значаен меморандум за сојузничките планови поврзани со Истра и околината.

Меморандумот предвидуваше автоматско укинување на италијанскиот суверенитет и воспоставување на воена управа над териториите во Италија, Австрија и Унгарија, по ослободувањето на тие подрачја. Особено беше важно да се обезбеди сигурна комуникација меѓу пристаништето во Трст и патот кон Грац, преку Љубљана и Марибор. Со посебна точка од меморандумот се нагласуваше дека сојузничката врховна команда очекува соработка со југословенските власти.

Во едно писмо, испратено порано, Тито не се согласуваше со насоките во меморандумот. На новиот состанок, одржан попладнето на 13 август, реков дека се работи за оперативни прашања и дека е неопходно за нив да се консултираме и со американскиот претседател. Не треба да се прејудицира статусот на Истра, која засега ќе се третира како италијанска. Можеби е добро Истра да се оддели од италијанската сувереност, но за тоа може да се одлучи на мировна конференција. Ако не се одржи таква конференција, ќе треба да се организира посебна средба на која Југославија пред главните сили ќе ги изнесе своите територијални барања. Додадов дека Владата на Соединетите Држави е против територијални промени во време додека трае војната, а ние не треба да ги обесхрабруваме Италијанците повеќе одошто е тоа неизбежно, бидејќи сега тие даваат придонес во војната. Според тоа, кога Истра ќе биде ослободена од Германците, најдобро решение ќе биде со неа да управува сојузничка воена власт.

Тито рече дека не може да се согласи на Истра да постои италијанска цивилна администрација. Неговото народноослободително движење контролира голем дел од територијата и би било во ред дека за него треба да се обезбеди барем учество во управувањето. Тој и Шубашиќ се согласија да ни испратат заеднички меморандум за Истра и таа работа тогаш застана тука.

Потоа се договаравме дека треба да се изгради југословенска морнарица. Реков дека ќе му испратиме лесни тенкови, артилерија и неколку помали воени бродови. Нагласив дека ќе сториме се што е во наша моќ, но предупредив дека ќе го загубиме нашето интересирање за нив, ако борбите во Југославија се претворат во обична граѓанска војна, а борбата против Германците им стане само споредно прашање. За последното, дента пред тоа на Тито веќе му имав испратено порака, па можевме да направиме поширока елаборација на документот, кој почнуваше со констатацијата дека Владата на Неговото Величество сака да види единствена југословенска влада, во која се застапени сите Југословени кои се борат против непријателот. Се нагласуваше и важноста за смирување меѓу српскиот народ и народноослободителното движење.

Сега кога е постигната согласност меѓу Југословенската кралска влада и народноослободителното движење, Владата на Неговото Височество има намера да го продолжи, а ако може и да ја зголеми испораката на воен материјал за југословенските сили. Натаму, Британската влада очекува дека Тито ќе даде позитивен придонес за обединување на Југославија. Во декларацијата што ќе ја издаде, Тито треба да внесе и изјава според која тој нема намера на земјата да ѝ наметне комунистичко уредување. Јасно треба да декларира дека нема намера да ги употреби силите на своето движење за да влијае врз слободното изразување на народната волја во однос на идниот режим на државата.

Тито може да даде уште еден придонес кон заедничкото дело, ако се согласи на средба со кралот Петар, по можност на југословенска територија.

Ако се покаже дека големото количество оружје што го испраќа Владата на Неговото Величество, освен за самоодбрана се користи и за братоубиствена борба, тоа ќе влијае на натамошните испораки на оружје. Ние не сакаме да бидеме вмешани во внатрешните југословенски политички недоразбирања.

Ние би сакале кралската југословенска морнарица и воздухопловството со сите сили да се ангажираат во националното ослободување. Меѓутоа, нема да се согласиме со тоа ако, пред се, не се покаже должна чест кон кралот и знамето и ако нема потесно единство меѓу Владата и Движењето.

Чувствувајќи најголемо можно восхитување кон маршалот Тито и неговите храбри луѓе, Владата на Неговото Височество, сепак, смета дека не се признаваат доволно значењето и правата на српскиот народ, ниту помошта која ја дава и која и натаму ќе ја дава Владата на Неговото Височество.

Југословените ми забележаа за мислењето дека партизанското движење е одделено од српскиот народ. Не инсистирав натаму на тоа прашање, особено поради ветувањето на Тито дека ќе даде изјава дека Југославија по војната нема да воведе комунистички режим. Дискутиравме за можна средба меѓу него и кралот Петар. Јас кажав дека во Англија под уставната монархија демократијата цутеше и дека сметам дека меѓународната положба на Југославија ќе биде посилна ако биде кралство, а не република. Тито кажа дека неговата земја има лоши искуства со кралот и дека ќе треба да помине време кралот Петар со своето однесување да придонесе да се заборават неговите односи со Михајловиќ. Во принцип, тој нема ништо против тоа да се состане со кралот, но смета дека сега не е најпогодно време за тоа. Се договоривме тој и Шубашиќ да одлучат кога ќе биде најдоброто време за таа средба.

Подоцна го задржав Тито на вечера. Се уште беше стегнат во својот панцир со златни ширити, а јас бев задоволен што на себе го имам само белото платнено одело.

Веднаш го известив претседателот Рузвелт за резултатите на разговорите. Еве ја пораката од 14 август:

„Во последниве два дена имав состаноци со маршалот Тито и претседателот на Југословенската влада. На двајцата југословенски водачи им кажав дека наша основна цел е тие да ги здружат своите средства и да го претопат југословенскиот народ во единствен инструмент за борба против Германците. Наша цел е да придонесеме да се воспостави стабилна и независна Југославија, а формирањето на единствена влада е чекор во тој правец.

2. Двајцата водачи постигнаа задоволителна спогодба за определен број практични прашања. Се договорија да се обединат и да се борат под исто знаме сите југословенски морски сили. Оваа спогодба меѓу претседателот на Југословенската влада и маршалот Тито ќе ни овозможи на југословенските сили со поголема доверба да им испраќаме повеќе воен материјал.

3. Тие двајца се спогодија по неколку дена истовремено да дадат една изјава која, се надевам, ќе ја зголеми и ќе ја зајакне југословенската воена акција. Денеска тие заминуваат на Вис, каде што ќе ги продолжат разговорите.

4. За резултатите од овие состаноци ќе го известам Сталин”.

* * *

Во годините по војната говореа дека по Техеран, а особено по неделите што сега ги опишувам, сум инсистирал на Балканот да се изврши голема сојузничка инвазија. Американската стратегија беше спротивна, а мојот став во врска со тоа прашање можеби најдобро ќе го објаснам, цитирајќи ед- на моја порака до фелдмаршалот Сматс:

„Мојата цел е да го сочуваме тоа што го имаме во Италија. Тоа треба да биде доволно, затоа што непријателот веќе повлече четири од своите најдобри дивизии. Со тоа, се надевам, ќе ја пробиеме Готската линија и продирајќи во долината на По ќе можеме преку Трст и Љубљана да продолжиме до Виена. Му реков на Александер да биде подготвен за еден брз пробив со оклопни возила.

Бидејќи Александер не можеше да ја започне офанзивата пред 26 август, на 21 со авион отпатував во Рим. Таму ме чекаа редица проблеми и еден куп нови личности со кои тре-баше да се состанам. И овде, во најголем број случаи, не беше прашање што треба да се направи тоа ќе беше многу лесно – туку, за што ќе постигнеме согласност, како во татковината, така и меѓу сојузниците. Требаше да се разгледа кризата во Грција. Таа беше една од главните причини за мое доаѓање во Италија. Пред тоа добив телеграма од грчкиот крал, кој од Каиро ми соопшти дека левичарите од ЕАМ се откажуваат од спогодбата за соработка. Не молеше повторно да дадеме изјава дека ќе го поддржиме Папандреу, бидејќи неговата Влада го претставува мнозинството на грчкиот народ. Бараше да го осудиме ЕЛАС и да ги повлечеме нашите мисии од кај нив. За тоа разговарав со полковникот Вудхаус, кој беше во една од воените мисии. Тој сугерираше мисиите да останат, бидејќи се и еден вид сопирачки за непредвидени потези на ЕАМ. Јас се плашев дека еден ден членовите на нашите воени мисии можат да бидат земени за заложници и побарав да се намали нивниот број.

Гласовите за повлекување на германската војска од Грција внесоа многу возбуда и неслога во Владата на Папандреу. Всушност, се покажа колку се трошни и вештачки темелите врз кои се засноваше заедничката акција. Стана неопходно лично да се состанам со Папандреу и со луѓето кои ја уживаат неговата доверба.

Претходно, на министерот за надворешни работи му испратив инструкции:

„На господинот Папандреу мора да му кажеме дека треба да остане претседател на владата и да не попушта никому. Однесувањето на ЕАМ е апсолутно неподносливо. Тие, очигледно, не сакаат ништо друго освен да ја комунизираат Грција, користејќи го воениот метеж и не дозволувајќи народот да се определи на начин својствен на демократијата.

2. Не можеме да прифатиме еден човек, па потоа да дозволиме тој да биде фрлен во волчја јазбина и на него да ржат бедните грчки (комунистички) бандити. Сеедно колку е денес тоа тешко, не треба да си ја олеснуваме својата положба со тоа што ќе ги напуштиме луѓето на кои им ветивме поддршка, а тие се зафатија со сериозни дела…

4. Ако одат работите на полошо, а ЕАМ стане господар на ситуацијата, ќе мора повторно да размислиме дали таму ќе оставиме каква и да е мисија. Треба отворено да се помогне за да се крене грчкиот народ во борба против болшевизмот. Ми се чини дека целата работа стаса до следнава точка: или ќе го поддржуваме Папандреу, ако треба и со сила, или наполно ќе ги кренеме рацете од Грција”.

Во исто време испратив препораки до началниците на нашиот Генералштаб во кои им обрнав внимание дека треба да очекуваат барање по еден месец во Атина да испратиме 10 до 12 илјади војници. Тие војници ќе треба да се придружени со неколку тенкови, топови и оклопни возила. Бидејќи во Англија имаме една таква дивизија, таа формација треба да почне да се качува во бродови и така на време да стигне да ја спречи кризата во Грција. Нагласив дека само Атина ќе е цел на таа дивизија, бидејќи не доаѓа предвид некаков обид да се доминира над цела Грција. До пристигнувањето на оваа формација Германците најверојатно веќе ќе се повлечени и ќе маршираат на север, па може со сигурност да се претпостави дека жителите на Атина ќе бидат одушевени што ќе гледаат британски војници во Пиреја. Се разбира дека порачав оваа акција да се одвива во најголема можна дискреција.

Со поединостите на овој план го запознав претседателот Рузвелт. Напомнав дека нашето воено присуство во Атина е неопходно поради можната перспектива на хаос предизвикан од граѓанска војна. Одговорот стаса по повеќе од една недела и беше решителен. Претседателот кратко ме извести дека не се противи на планот една британска дивизија да го сочува редот по повлекувањето на Германците.

* * *

Со господинот Папандреу се сретнав вечерта на 21 август. Ме извести дека ЕАМ се придружил кон неговата влада, најмногу поради енергичниот став на Британија. Грчката држава, ме извести, се уште нема вооружени сили, ниту полиција. Бараше наша помош за да го обедини грчкиот отпор против Германците.

Му реков дека не можеме да ветиме ништо, ниту можеме да преземаме некакви обврски, а му препорачав за тоа да не се зборува јавно. Му препорачав да ја пресели својата влада од Каиро, каде што атмосферата беше полна со интриги, некаде блиску до сојузничката врховна команда, во Италија. Му реков дека сега, кога ЕАМ веќе не бара негово повлекување, тој е шеф на една вистинска национална влада. Се согласивме дека сега не е време за отпуштање на грчките бунтовници од затворите. Ќе треба да чекаме да видиме како ќе се однесуваат тие и нивните шефови, па да решиме дали на ЕЛАС и натаму ќе му испраќаме оружје. Истовремено треба да се прават напори за да ја организираме националната војска на Грција.

Господинот Папандреу, исто така, се жалеше дека Бугарите се уште држат окупирани територии во Грција. Му ветив дека, штом ќе се создадат услови, ќе им наредиме на Бугарите да се вратат во рамките на нивните граници. Тоа значеше дека ќе треба да чекаат да заврши војната.

* * *

На крајот од август, пред да заминам од Италија, го замолив началникот на Империјалниот генералштаб да ги разработи поединостите на планот за британската експедиција во Грција, во случај на повлекување на Германците. Дадов директиви нашите сили да бидат подготвени до 11 септември, до кога, без одлагање, претседателот и членовите на Грчката влада ќе бидат подготвени да дојдат во Атина.

Одложеното германско повлекување од Атина услови измени на нашиот план. Од друга страна, оддолженото повлекување не помогна да го консолидираме управувањето со грчките работи пред непосредниот удар. Кон крајот на септември генералот Вилсон ги повика Сарафис, генерал на ЕЛАС, и неговиот соперник, националистот Зервас, да дојдат во Казерта на состанок со Папандреу. Овој состанок требаше да обезбеди воспоставување на единствена команда за сите грчки сили кои се наоѓаа во Италија и во Грција. Нивна задача ќе биде, заедно со британските сили, да го извршат планираниот десант.

Една сеопфатна спогодба беше прифатена и потпишана на 26 септември. Таа предвидуваше сите герилски сили во земјата да й се потчинат на Грчката влада, а таа од своја страна ќе ги стави сите расположиливи сили под команда на генералот Скоби. Грчките герилски водачи мора да го одржат ветувањето оти ниеден нивни припадник нема да дејствува самоволно. Сите акции во Атина ќе ги контролира британскиот командант. Документот познат како Спогодбата од Казерта, беше основа за нашата идна акција.

* * *

Дојде време нашите аранжмани да се покажат на дело. На конференцијата во Москва, по скапа цена, го издејствував руското немешање. Бевме обврзани да ја поддржиме привремената управа, во која ЕАМ беше во потполност застапен. Сите групи беа обврзани со спогодбата од Казерта, а ние сакавме, без да губиме време, власта да ја предадеме на една стабилна грчка влада. Но, Грција беше разурната.

Повлекувајќи се кон север, Германците ги разурнаа патиштата и железничките пруги. Нашето воздухопловство ги вознемируваше на тој пат, но малку успевавме да им попречуваме на копното. Вооружените групи на ЕЛАС ги пополнуваа празнините кои зад себе ги оставаа окупаторите, но нивната централна команда не се трудеше да ги спроведе во дело свечено дадените ветувања. Секаде владееја немаштија и раздор. Финансиите беа несредени, резервите на храна исцрпени. Нашите воени средства беа оптоварени до крајна граница.

Кон крајот на октомври, од Москва во Атина, допатува господинот Идн, на кој му беше приреден свечен пречек. Се разгледа прашањето на нашата помош и се правеше се што е во рамките на нашата моќ. За да се подобри снабдувањето со храна, нашите трупи доброволно преминаа на преполовен дневен оброк, а пионерските единици почнаа со изградба на нови комуникации.

До 1 ноември Германците се повлекоа од Солун и Лерин. Десет дена подоцна и нивната последна единица ја напушти територијата на Грција. Само на неколку изолирани острови имаше остатоци од германските постави. Грција беше слободна.

Владата во Атина немаше доволно војска за да ја држи контролата во земјата, ниту да го натера ЕЛАС да ја почитува Спогодбата од Казерта. Безредието растеше и се ширеше. Затоа, на 7 ноември му напишав порака на нашиот министер за надворешни работи во која јасно кажав дека не ќе се воздржуваме да ги употребиме британските трупи за да и дадеме поддршка на Грчката кралска влада. Тоа значеше дека во секој случај, британските трупи треба да интервенираат за да се спречи беззаконието. Јасно соопштив дека очекувам грчката бригада наскоро да пристигне од Италија и таа, ако затреба, ке пука. Потребни ни се уште осум до десет илјади војници за да ги задржиме Солун и престолнината под контрола на сегашната Влада. Сигурно е дека треба да очекуваме судири со ЕАМ и од тоа нема повлекување. Многу е важно да знаеме добро да го избереме теренот.

Следниот ден испратив телеграми до генералот Вилсон, кој уште беше во Италија, и на нашиот претставник Липер во Атина, во кои им порачав дека треба да размислат за итно префрлување на наши трупи во областа на Атина. Постоеја навестувања дека комунистичките елементи во Грција имаат намера со сила да ја преземат власта.

Бидејќи бунтот на ЕАМ беше речиси готова работа, му препорачав на генералот Скоби да подготви соодветни противмерки. Тоа значеше дека Атина треба да биде прогласена за воена област, а затоа треба да се издаде наредба од тоа подрачје да се повлечат единиците на ЕЛАС. Единствената можност да се спречи граѓанската војна беше да се применат меѓународните спогодби, според кои може да се разоружаат герилците и другите сили и да се формираат национална војска и полициски сили под контрола на Владата во Атина. Беа преземени мерки за формирање баталјони на националната гарда, кои броеја по 500 луѓе. На крајот имаше 30 такви баталјони, кои се покажаа како многу ефикасни во фаќањето на непријателски расположените цивили и во одржувањето на редот во областите кои беа исчистени од страна на нашите трупи.

На збунетата Влада ѝ беше поднесен еден нацрт-предлог за демобилизација на герилците. Предлогот го бараше Папандреу, а го направија токму министрите од ЕАМ. Според првата идеја на предлогот, во регуларната армија требаше да останат грчката планинска бригада и Светиот ескадрон, составен во Египет од бивши офицери и подофицери на поранешната регуларна војска. Според предлогот, ЕЛАС требаше да задржи една своја бригада, а ЕДЕС (грчка национална демократска војска) да биде покриен со една помала единица. Меѓутоа, министрите од ЕАМ, по една недела, се премислија и бараа да се расформира Планинската бригада. Комунистичката тактика сега зеде поли замав. Шесте министри од ЕАМ поднесоа оставки, а следниот ден, на 2 декември, во Атина беше прогласен генерален штрајк. Преостанатиот дел од Владата ја донесе наредбата за распуштање на герилците, а Комунистичката партија го повлече седиштето на својата партија од Атина. Генералот Скоби упати порака до грчкиот народ во која рече дека застанува цврсто зад уставната влада додека не се воспостави грчка држава со легални вооружени сили и додека не се одржат слободни избори”. Јас упатив слична порака од Лондон.

На 3 декември, во недела, комунистичките следбеници, кои учествуваа во една забранета демонстрација, се судрија со полицијата и така започна Граѓанската војна. Следниот ден генералот Скоби нареди ЕЛАС веднаш да се повлече од Атина. Наместо да се повлечат во Пиреја, трупите на ЕЛАС и наоружани цивили се обидоа со сила да ја заземат престолнината.

Од тој момент ја презедов контролата во свои раце. Дознавајќи дека комунистите веќе ги имаат заземено речиси сите полициски станици во Атина и дека се на само еден километар од зградата на Владата, му наредив на генералот Скоби да интервенира и да отвори оган на подмолните напаѓачи. Во такви ситуации половични мерки не носат никаква корист. На насилството на толпата, со која комунистите се обидуваат да го освојат градот и да се прикажат како влада барана од грчкиот народ, можеше да се одговори само со огнено оружје. Немаше време да се свика Кабинетот. Окопу три часот наутро испратив телеграма до генералот Скоби во која му напишав дека тој е одговорен за одржување на редот во Атина и за неутрализација и уништување на сите групи на ЕАМ – ЕЛАС, ако се обидат да се доближат до градот.

„Можете да ги донесете сите прописи за строга контрола на улиците и за приведување на престапниците, сеедно колкав е нивниот број. Таму каде што ќе дојде до престрелки, ЕЛАС ќе се обиде во првите редови да ги стави жените и децата. Во таков случај мора да бидете мудри и да се снаоѓате. Меѓутоа, не воздржувајте се да отворите оган на секој наоружан маж во Атина, ако некој се обиде да ги нападне британските, или грчките власти. Сигурно е дека ќе биде подобро ако вашата команда биде зајакната со авторитет на некоја грчка влада. Амбасадорот Липер ќе го повика господинот Папандреу да се подразбуди и да помогне. Но, не воздржувајте се да постапувате како да сте во некој освоен град, каде што е во тек локален бунт!

Што се однесува до групите на ЕЛАС кои се приближуваат од надвор, секако дека ќе бидете во состојба на некои од нив да им одржите лекција, што за другите ќе биде поука. Можете да сметате на моја поддршка за секоја разумна и осмислена акција што ќе ја преземете. Мораме да ја зачуваме Атина и да доминираме во неа. Ќе биде одлично ако тоа го постигнете без крвопролевање, ако е можно, ама и со крвопролевање, ако е потребно”.

Мора да признам дека малку бев жесток во тонот на телеграмата. Но, сметав дека со тоа му беше неопходно на воениот командант. Бев сериозно загрижен за ситуацијата и сметав дека веќе нема место за двоумење.

Подоцна, истиот ден, му пратив телеграма на нашиот амбасадор, господинот Липер:

„Сега не е време да се плеткаме во грчката политика, или да размислуваме дека политичари од разни бои и нијанси можат да влијаат врз ситуацијата. Не чукајте си ја главата околу составот на грчката влада, зашто се работи за живот или смрт.

2. Мора да инсистирате Папандреу да биде одговорен и да го уверите дека ќе го поддржиме со сите сили ако постапи така. Одамна поминаа деновите кога некоја одделна група грчки политичари можеше да влијае врз буната на толпата. Неговата единствена шанса е да биде со нас до крај.

3. Целосното прашање за одбрана на Атина и одржување на законитоста и редот е во рацете на генералот Скоби. Му ветив поддршка во случај ако употреби сила, кога тоа ќе биде потребно. Вие и Папандреу од сега ќе се однесувате според неговите упатства, по сите прашања кои се однесуваат на јавниот ред и безбедноста. Двајцата треба да го поддржувате Скоби и треба да му ги предлагате сите средства за кои ќе се сетите, да помогнете да биде силна и решителна неговата акција”.

ЕЛАС мошне брзо ја презеде контролата речиси над цела Атина, освен во центарот на градот. Таму нашите војници прво ги запреа, а потоа почнаа со противнапад. Затоа од генералот Вилсон побарав од штабот во Италија да испрати зајакнувања, а морнарицата да им помага повеќе на борците на копното.

* * *

Сега, кога за комунистичкото движење во Грција и на други места светот знае многу повеќе, многу читатели ќе останат зачудени од жестокоста на нападите на кои бевме изложени Владата на Неговото Височество и јас. Особено беше жесток најголемиот дел од американскиот печат кој најостро ја осудуваше нашата акција, тврдејќи дека таа ги испревртува целите поради кои се влезе во војната. Ако уредниците на сите тие добронамерни весници фрлат око на она што го пишуваа во минатото и го споредат со она што мислат денес, сигурно ќе бидат изненадени. Дури и американското Министерство за надворешни работи објави една недвосмислена критичка изјава. Сметам дека поради таа изјава некој сега се кае. Тајмс и Манчестер гардијан предничеа со осудите на, како што ја нарекуваа, нашата реакционерна политика. Меѓутоа, Сталин стриктно и совесно го почитуваше нашиот договор од октомври, кога ја одобри нашата операција во Грција. За нашите борби на улиците на Атина ниту еден збор на прекор не се појави во Правда и во Известија.

Ако денес, откако поминаа неколку години, се погледнат овие настани, ќе се види дека настаните во потполност ја потврдија исправноста на политиката за која јас и моите колеги така упорно се боревме. Лично, никогаш не се двоумев во исправноста на таквата политика, зашто бев убеден дека по поразот на нацизмот и фашизмот, комунизмот ќе биде опасноста со која ќе се соочи цивилизацијата. Не ни беше судено да ја завршиме задачата во Грција, но кон крајот на 1944 година не помислував дека американското Министерство за надворешни работи, со огромна поддршка на најголемиот дел од јавноста, само по две години ќе го прифати и продолжи патот што ние го отворивме. Во изјавата на вршителот на должноста министер за надворешни работи, господинот Дин Ачесон, како што е запишано, на крајот на март 1947 рекол дека владата под комунистичка доминација во Грција ќе се смета како опасна за безбедноста на Соединетите Држави.

*Фејсбук статус на поранешниот премиер Никола Груевски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Груевски ја нарече власта на СДСМ дрва…

КОГА ДРВЦА САДАТ ДРВЦА Каква траги-комедија се…

Османи вели дека во ВМРО-ДПМНЕ има страв…

За тврдењата на албанската опозиција дека во…

Груевски открива дека Заев има бизниси во…

Иако во минатото во повеќе наврати кажав…

Каков “шамар”: Тајвански “Јагео” не доаѓа во…

Премиерот Димитар Ковачевски се испофали со доаѓањето…

(Видео) Груевски: Честитки за прогласувањето на Бошковски…

Поранешниот премиер Никола Груевски на Фејсбук ја…