Евакуација во Кичево и поплавени подруми во Охрид по обилните дождови

t

Во Кичево се евидентирани поплави на повеќе стамбени објекти на улицата „Прилепска“, поради што е започната евакуација на жители. На терен интервенираат екипи на Општина Кичево, Дирекцијата за заштита и спасување, Црвениот крст, ЈКП „Комуналец“ и други надлежни служби.

Во Охрид, пак, пријавени се поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации. За состојбата се известени локалната самоуправа и Кризниот штаб на Општина Охрид, кои постапуваат по пристигнатите пријави.

Според информациите на Центар за управување со кризи, до 17:00 часот состојбата на поголемиот дел од територијата на Република Северна Македонија е стабилна, без нарушување на редовната состојба.

Во Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Ранковце и Кратово не е евидентирано излевање на реки ниту последици од врнежите, а надлежните општински служби ја следат состојбата. И во Скопје, Струмица, Велес, Кавадарци, Неготино, Свети Николе и Штип не се пријавени поплави или одрони, а состојбата е под контрола.

Во Струга, по пријава преку бројот за итни повици 112, евидентиран е поголем одрон на патниот правец меѓу селата Татеши и Мислодежда. За состојбата е известено ЈП „Македонија пат“, при што се преземаат активности за санација.

Во Тетово и Гостивар регистрирани се одрони на патните правци Гостивар–Стража и Тетово–Бањиче, поради што сообраќајот се одвива со повремени отежнувања. По пријави преку 112, евидентирани се и излевања на реката Вардар во селото Балин Дол, Лукавичка Река во селото Мало Турчане и Сушичка Река во селото Горно Бањице, при што е поплавено земјоделско земјиште и дел од дворови. За состојбата се известени надлежните институции, а во ХЕЦ Маврово е преземено намалување на производството на електрична енергија.

Во Општина Боговиње, поради излевање на вода надвор од постоечките канали, поплавено е обработливо земјиште, а директорот на ЈКП „Шари“ е на терен и ги координира активностите со институциите.

Во Битола и Ресен, одронот кај селото Сирхан е саниран, додека во селото Дрмени се поплавени два двора, за што се известени Општина Ресен и надлежните служби.

Од Центарот за управување со кризи информираат дека врнежите продолжуваат и дека состојбата на теренот и водостоите на реките се следат континуирано.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Британија има околу 940 албански затвореници: Трансферот…

Албанските државјани веќе седум години се најбројната…

Хрватска го проширува системот за рано откривање…

Системот за видео надзор за рано откривање…

Ѓорческа поразена на стартот од квалификациите на…

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа не успеа да…

Барнам од Киев: Украина е првата линија…

Британскиот премиер Енди Барнам вети континуирана поддршка…

Муцунски – Саар: Потпишани билатерални документи за…

Во рамките на работната посета на Израел,…