Историска лекција, Стерјовски ги потона Бугарите: Споменот на Гоце Делчев се пренесува од колено на колено меѓу Македонците во Албанија!

t

ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ И МАКЕДОНЦИТЕ ВО АЛБАНИЈА!

Пишува Васил СТЕРЈОВСКИ

Апостолот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев е најпочитувана личност во македонската историја. Со својата политичка и револуционерна активност, тој оставил длабоко и трајно влијание во македонската историја, култура и национална свест. Како револуционер, космополит и учител кој се жртвувал за слободата на Македонија, зазема значајно место во колективната меморија на Македонците.

Гоце Делчев со својот живот и дело прерасна во апостол за Македонците и неговиот спомен со пренесува од генерација на генерација не само кај Македонците од Албанија, но и насекаде во светот каде што живеат.

Во подготовките за општомакедонско востание за ослободување од долговековното османлиско ропство активно биле вклучени и Македонските села кој денеска се наоѓаат во Албанија.

Од многуте песни кои се пеат меѓу Македонците во Албанија за ослободувањето на Македонија, а кои потекнуваат од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век има и песни за Гоце Делчев што се пеат во Мала Преспа.

ТУРЦИ БЕГЕТ КАКО ЈАРАБИЦИ

Турци бегет како јарабици,

Македонци трчет како соколи,

Гоце Делчев крена знаме в рака,

да и бие Турци јаничари,

да ослободи нашта Македонија,

нашта Македонија вечно поробена.

РАЗВИЛА ГОРА ЗЕЛЕНА

Развила гора зелена,

направи сенки ладени, (2)

да мини Делчев војвода, (2)

со петстотини другари, (2)

другари верни, собрани.

Паднале ми поле широко,

да купе пушки бердани, (2)

да бие Турци со ними.

Остана пато бекчето.

Немој, бре бекче, не бегај,

оти ќе умриш младо зелено.

Најстариот жител на селото Горна Горица, во Мала Преспа, Иван Кристо, роден на почетокот на 20-от век и со кого бевме комшии, често ми раскажуваше за историјата на Македонија и Македонците во Мала Преспа. Во 1999 година ги запишав неговите спомени за историјата на Македонија и Македонците во Мала Преспа. Според неговите кажувања, во своите обиколки низ Македонија, Гоце Делчев доаѓал и во Мала Преспа и го организирал македонското население.

– Гоце Делчев со неговите другари ги организираше сите села за да ги подготви за Илинденското востание. Тој одеше по сите краеви на Македонија и ги организираше селата. Тој бараше со гуна и се преправаше како овчар за да не биди фатен од Турците. Многу малку спиел во селата, повеќе спиел по трлата. Во Мала Преспа, Гоце Делчев ги организирал сите села, стари и млади да се борат со десертери, војводи и комити. Комитите ги ранеле селаните. Секој селанин кога ќе му дојдеше редот го носеше лебот во планина кај комитите. Секо село било организирано со десертери, комити и војводи, а главен на сите бил Трпо Василев од село Горица. Тие биле организирани на тој начин што морале да нападнат во еден сат на караулите. Секое село имало своја караула со по 20, 30 турски војници. Тие го чувале патот од Битола за Корча. Турските војници ги малтретирале Македонците кои минувале по патот и оделе на воденица или на пазар. Кога ќе поминел некој Македонец покрај караулите и ќе му речел на турските војници, За многу години ага, тие ќе му речеле – Бесиса на сиџим каур. Ти ќе ми дадеш години. И ќе го тепаа. Другиот пат кога ќе поминел не зборувал и повторно турските војници ќе го прашале. Ти каурин ја крена главата и повторно ќе го тепале. Така на Илинден 1903 година секое село во Мала Преспа ја нападнало караулата што се наоѓала во близина и ги изгореле сите караули со се турските војници. Некои од турските војници успеаа да избегаат додека другите биле убиени од комитите. Така во селото Шулин караулата ја запалил Секула Ташо.

Во овие борби учествувал и бегот Ферил кој се прекрстил во Филип и се борел заедно со комитите. За него има и една песна во Преспа.

Ќе те питам бабо право да ми кажеш,

ќе ти кажам ага нема да те лажам,

кој војвода беше бабо сношти за вечера?

Право ќе ти кажам ага нема да те лажам,

сношти за вечера беа башните војводи,

башните војводи и се лафосвеја,

за да ја сардисат Чекан планина,

Турци да и фатат живи да и печат.

Дојде време ага море

турските лубиња каури да и лубе.

Оле, оле бабо мори,

каурин ќе се крстам,

каурин и да умрам.

За кусо време Македонците од Преспа успеале да почувствуваат како е да се биде слободен, го заврши своето кажување Иван Кристо од село Горна Горица, Мала Преспа во 1999 година.

После задушувањето на Илиденското востание, за почит кон загинатите борци за слобода, Македонките во Мала Преспа носат црно-бела носија.

Антифашистичката војна било широко прифатена од Македонците во Албанија кои активно се вклучиле во Национално-ослободителното движење во составот на македонските и албанските партизански единици. Македонците во Втората Светска Војна го слават Гоце Делчев како национален херој. Се формираат партизански одреди со имиња на македонски револуционери. Во делот на Мала Преспа дејствуваат партизанскиот одред “Дамјан Груев”, “Гоце Делчев”, Седмата ударна бригада и други. Борци од македонските села во Албанија учествуваат во ослободувањето на Македонија и Албанија од наци-фашизмот. После капитулацијата на фашистичка Италија во Пустец доаѓа бугарска фашистичка војска и ги собира Македонците од Пустец и ги носат на месноста викана “Гапче”. Бугарската фашистичка војска го принудува секој Македонец да си го ископа својот гроб каде ќе се закопа во случај да се најдат шумари (партизани) во Пустец. Претходно македонските партизани се повлекуваат од Пустец во правец на селото Шулин. Откога не нашли партизани во селото, Бугарите ги пуштаат Македонците.

Благодарени на учеството во Народно-ослободителната борба, Македонците во Албанија успеаја да се изборат да бидат признати и да можат да го изучуваат Македонскиот јазик во Преспа, Врбник и од 1945 до 1948 година и во Голо Брдо.

И за време на комунистичкиот режим во Албанија, Македонците од Албанија го слават Гоце Делчев. Заслуга за чувањето на споменот за Гоце Делчев меѓу Македонците од Албанија има и големиот писател со македонско потекло Стерјо Спасе, кој во своите романи издадени во Албанија ја опишува соработката на македонските и албанските револуционери за ослободување од турското ропство и улогата на Гоце Делчев.

РИБАРСКИОТ БРОД “ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ ВО ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО

Васил Папа (1949-2015), Македонец од село Туминец, Мала Преспа, работел како рибар, па после и како капетан на рибарски брод во рибарското стопанство во Мала Преспа.

Во 1987 година Васил Папа заедно со својот сонародник Леко Вурмо се враќаат ноќе од Пустец за Туминец низ Преспанското Езеро со рибарскиот брод “Преспа”, кој бил од дрвена конструкција. И двајцата биле уморни и заспиваат и бродот влегува во водите на Преспанското Езеро што се под Грција. Во последен момент пред бродот да удри во карпите на брегот од Езерото, Васил се буди и успева да го сврти бродот и удира странично во карпите со што бродот е сериозно оштетен. Со водни пумпи ја црпат водата и со крајни маки се враќаат назад во Албанија. Бродот има сериозни оштетувања и не може да се поправи. Албанските власти отвораат истрага под сомнение дека сакаат да бегаат од Албанија и на крај се ослободуваат од обвинението.

Во 1988 година, рибарското стопанство го праќа Васил Папа во пристаништето во Драч, каде ќе се изработеше нов рибарски брод за рибарското стопанство во Преспа. Една година се изработува бродот во Драч и Васил за овој период ја надгледува изработката на бродот и само три пати доаѓа да ја види фамилијата во Туминец. Откога се изградил рибарскиот брод, Васил без да земе дозвола од надлежните го именува бродот “Гоце Делчев” и така го запишуваат во Драч. Во 1988 година се уште беше комунистичкиот режим во Албанија и за овој гест Васил можеше лесно да заврши во затвор.

Во 2011 година, во Туминец, во селската кафана, пред повеќе присутни Македонци, Васил Папа ни ја раскажуваше целата случка како го именувал рибарскиот брод “Гоце Делчев”, кој 20 години пловеше во Преспанското Езеро. Ова негово сведоштво го снимив и го пренесувам.

– На еден начин, таков ми рекоа, пулеф еден футбол, Југославија играше, некој фудбалер. Јас му реков, Македонец. Нема Македонци. Како нема? И, јас ја извадив личната карта албанска (во албанските лични карти во комунистичкиот период во Албанија пишуваше националност Македонец за Македонците во Преспа). Еве, Енвер ми ја даде. На моментот ми дојде инџињерот за името. Што име ќе пишиш? Јас му велам, не сам оден до таму. Директорот од кантиерот Дурус (Драч) са познававме од време уште во марината и му велам, не сам оден бе другар да земам мислење од градоначалникот на Корча. Ами убо рече, добро, ќе ја средиш работата ти, рече на тоа што се познаваме. Излегов Гоце Делчев. Што е Гоце Делчев? Ова ќе ви ја кажам накусо. Што е? Аре пиши му велам. И му написав јас латински Гоце Делчев. Дојдов во Корча, ми излезе директорот Лади. Ти, рече, за затвор си. Затвор ќе влезам, му велам, што е затвор? Остана името Преспа, Гоце Делчев. Ќе беше бригада “Зија Камбо” и некое име “Асан Исени”. Затоа, порачка од мене. Са во години. Да оставите и вие весија дека кога да се родит. Затоа ви го реков тува накусо. На сто години се рождат еден Македонец да е за Македонија. А сите Македонци сме. Ама кој са бијет да разбериме. Сите Македонци сме. Аме еден ќе речи јас Македонец сум, утре Србин. Знејте то. Не Србин, не Грчин, не Булгарин, не Турчин, не Албанец. Каде да одиш, знејте, држејте са за нација и за права ваши. Ова е вистина. Море и посиромашко ќе поминиме. И критично. И дома, сите сме свесни што наеднаш сите нешта неможи да ги добиеш, – изјави Васил Папа во 2011 година.

На 21 ноември 2015 година, Васил Папа почина како чесен и голем македонски патриот, оставајќи аманет на Македонците во Мала Преспа да си го чуват својот македонски идентитет.

По распадот на комунистичкиот систем на Енвер Хоџа и појавата на демократските процеси, Македонците од Албанија се организираат во културни, општествени и политички организаци и името на Гоце Делчев станува симбол на борбата за човекови права на Македонците од Албанија.

Неговата слика е присутна во македонските домови, во училиштата, кафаните, на разни манифестации и друго.

Редовно на денот на неговото раѓање на 4 февруари и на денот на неговата смрт 4 мај, делегации на Македонците од Албанија се поклонуваат на неговиот гроб во црквата “Свети Спас” во Скопје.

Песни за Гоце Делчев се пеат на разни веселби, свадби, прослави итн.

https://www.facebook.com/100067465593890/videos/376602586366364

Учениците во училиштата рецитираат стихотворби за Гоце Делчев.

На ѕидовите во гимназијата во Пустец се поставени паноа со македонски дејци, меѓу кои и Гоце Делчев и испишана е неговата епохална изјава за неговото разбирање на светот како поле на културен натпревар меѓу народите, прикачени се творби на македонски јазик за Гоце Делчев од ученици.

Името Гоце и Александар се најпопуларни имиња меѓу Македонците во Преспа.

Во 2008 година Советот на општина Пустец едногласно донесе одлука со кој плоштадот во Пустец го доби името “Гоце Делчев”.

Еден од трите весници на македонски јазик во Албанија, “Илинден”, сликата со негови мисли ја има на насловна страна.

За времето на моите студии во Скопје, со многу други студенти Македонци од Албанија редовно го посетувавме и се поклонувавме на неговиот гроб.

На 4 мај 2004 година, ја имавме таа честа група на студенти Македонци од Албанија да се запознаеме и да се подружиме со внуката на Гоце Делчев, Катерина Трајкова Нурџиева која била борец во НОВ и секретар на Методија Андонов Ченто. Таа со емоции ни разкажуваше за делото и саможртвата што Гоце Делчев ја даде за слободата на Македонија.

Името на Гоце Делчев ќе остани врежано во историјата на Македонија и на Македонскиот народ. Ни останува на сите Македонци да го чуваме и славиме ликот и делото на овој великан. Вечна му слава!

http://makedonium.net/?p=4937&lang=en

ЛИНК од објавата на Васил Стерјовски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Се празнат затворите во Албанија, стапи на…

Во Албанија од денеска почнува имплементацијата на…

Нов рекорд за албанскиот туризам: 1,7 милиони…

Премиерот на Албанија, Еди Рама преку објава…

Се очекува да ја престигнеме Србија: Македонија…

Македонија е втора земја во регионот според…

Албанија во топ 10 земји со најголем…

Албанија е меѓу земјите со најбрзо растечка…

Македонците како посебен народ во учебниците во…

МАКЕДОНЦИТЕ КАКО ПОСЕБЕН НАРОД ВО УЧЕБНИЦИТЕ ВО…