Каква мрежа ни плете Софија и со која цел?

t

Промената на границите и нецивилизациските војни, кои следуваа по распадот на Југославија, целосно ја променија геополитичката слика на Балканот. Воено, најмногу настрадаа Босна и Херцеговина и Хрватска, а најранлива остана Македонија. Главна, причина се долгорочните американски планови за регионот – во кои нема место за Македонците. Тоа не го гледаат само тие што не сакаат. И бегол поглед на предизвиците, на коишто бевме изложени по независноста на државата од еден ист центар, кристално јасно го потврдуваат тоа: не признавање, оспорено име, нелегална референца, блокада на границите, агресија од Косово, блокада за НАТО и ЕУ, наметнати предавнички договори со соседите, јазична федерализација… Како долгогодишно јаболко на раздорот и потенцијално буре барут, за Вашингтон е очигледно неприфатливо да опстанеме како народ и да се етаблираме на новата регионална мапа. Кој во земјава не е спремен да се соочи со тоа, треба да се држи подалеку од политиката.

Атина беше само прва којашто го одработуваше сценариото подготвено во Вашингтон, за главната улога денес, сосем очекувано, да ја преземе Софија. И двете беа, и цело време се, силно помогнати од НАТО и ЕУ. Веќе 30 години, речиси на дневна основа, македонизмот строго плански се скратува и ограничува. Бугарите дури се занесоа дека, за неколку месеци, ќе не збришат како народ. Официјално ни предложија да потпишеме дека не измислил Тито, до кога сме биле „Бугари“ и сме зборувале бугарски јазик! Поголема безумност и навреда за Македонците – не може да се замисли.

Откако Софија сфати дека нејзиниот максимализам не врви, дека нема да потпишеме капитулација, започна со мутација на своите политики. Сега, нашето разнебитување го планираат на подолгорочна основа. Нивната стара стратегија, само масовно ја прошируваат. Се создава мозаик на измислени и подметнати „факти и аргументи“ за нашето минато, коишто недвосмислено треба да докажуваат дека коренот и јазикот ни се – бугарски. Софија е уверена дека и така ќе успее да го разнебити македонскиот народ. Нивната подлост се рефлектираше и во предлозите кои ни ги пласираа Германија и Португалија како претседавачи со ЕУ, а беа нагласени во – „патоказот“, „5 + 1“… Еве дел од мрежата.

Прво, во договорот за (не)пријателство ни подметнаа дека имаме заедничка историја, којашто може да биде само бугарска. Ако не се поништи договорот, заедничката историја ќе ни носи огромни проблеми, и ќе го спречи приемот во ЕУ.

Второ, Софија одамна бара заедно да славиме разни личности и настани. Тоа би бил најголем доказ дека сме еден народ со заедничка историја. Првото заедничко чествување на симболот на нашата борба за сопствена држава, Гоце Делчев, коешто беше на 4 февруари 2022, директно го потврдува тоа.

Трето, целта на бесмислената заедничка комисија за историски и образовни прашања е токму да докаже дека имаме заедничка историја и – бугарски корени. Таа треба под итно да се укине.

Четврто, со договорот за (не)пријателство од 2017, Македонија прифати дека македонскиот јазик не е автохтон туку е според нашиот Устав. Ако нема македонски јазик, нема ниту Македонци. Тоа е катастрофална грешка чии последици ќе бидат немерливи. Тој преседан ја обврзува Македонија.

Петто, Бугарите инсистираат дека не е потребен преведувач на нашите официјални средби, што често се прифаќа. Така докажуваат дека нашиот јазик е еднаков со бугарскиот, или негов дијалект. Преведувач секогаш мора да има иако ние, веројатно и како поинтелигентни, многу повеќе го разбираме бугарскиот, отколку тие македонскиот јазик!

Шесто, Софија неодамна објави „Бела книга“, со којашто „научно докажува“ дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот и потекнува од него. Таа е дистрибуирана низ целиот свет. Македонија не реагираше што подразбира дека се согласува со подметнатите кукавички јајца. Бугарија е долги години активна на тој план. Ние, главно молчиме.

Седмо, Германија и Португалија, како претседавачи со ЕУ во 2021, во неспорен договор со Бугарија, се обидоа да посредуваат. Предлозите им беа погубни за нас, ама ние ги прифаќавме. Ни предложија, на пример, да испратиме нота во ЕУ дека нашиот јазик е кодифициран во 1945 година, а Бугарија со нота да потврди дека, до 1944 – за нив немало македонски јазик. Така, на крајно разбирлив начин, ние би се сложиле дека бугарската налудничавост е точна – дека македонскиот јазик постои од 1945 година!

Осмо, Бугарија агресивно настојува нејзината фашистичка окупација на Македонија да се претстави како „администрирање“. Заев ги бришеше „бугарските“ и остануваа само безимени „фашисти“ на спомениците. Со тоа, ние потврдуваме дека тие биле ослободители, а ние „Бугари“.

Деветто, бараат во нашиот Устав да влезат „Македонските Бугари“, и тоа како конститутивен народ. Не велат – Бугарите во Македонија, како што ние велиме – Македонците во Бугарија. За нив, ние сме токму тоа – „Македонски Бугари“! Целта е сите да бидеме такви, откако Македонците ќе бидат и формално избришани како посебен народ, што не е далечна иднина. Тоа не го бараат „Бугарите“ во земјава, кои ги нема, туку Софија, што е флагрантно мешање во нашите внатрешни работи. За возврат, ние ги игнорираме Македонците во Бугарија! Софија сега не зборува за бугарско малцинство – ако веќе ние сме „Бугари“, не може да има и бугарско малцинство!

Десетто, бараната рехабилитација на репресирани Бугари од комунистите во Македонија, има јасна цел. (Запрепастува, меѓутоа, дека исто барање имаа и Албанците, со „Тиранската платформа“! Подобар доказ дека и двете ги измислил еден ист центар – нема! Каде е центарот, сами одлучете). Ако навистина, според нивните ментални девијации, од 1944 до 1946 година сме убиле 20.000 Бугари а 100.000 сме прогонувале, „рехабилитацијата“ би требало да биде крунски доказ дека до тогаш сите сме биле „Бугари“. Целта е да го осудиме и Тито, затоа што не измислил како Македонци!

Единаесетто, нашето декларирање како Македонци е говорот на омраза кој и пречи на Софија! Тоа најмногу ги повредува. Им ги руши надживеаните историски синдроми дека не постоиме. Друг говор на омраза кај нас – нема и никогаш немало, иако целосно заслужувале. Се пренесувале нивните негирања на се’ македонско, на коишто секако не се аплаудирало. Реакцијата била само нивно потценување како народ. Ништо повеќе. Без никакви докази, додека ние молчиме, Бугарија хистерично ја издигна измислената наша омраза на ниво на меѓународен проблем. Тоа им носи поени.

Дванаесетто, Софија одамна ја присвојува македонската народна музика. Без најава, македонска е секоја втора или трета песна на нивните фолклорни телевизии. Ги пеат и наши и нивни пејачи. На чист македонски јазик има и нивни ново компонирани песни, со нивни пејачи! Еден ден, ако затреба, ќе документираат дека музиката е заедничка. На еден народ, де.

Тринаесетто, Софија презема невидени до сега активности за да ги бугаризира Македонците во Албанија. Со уцена, во Уставот им внесоа непостојни Бугари. Македонија не реагираше. Со европски пари, Софија го гради патот од Билишта до Врбник, единствено егејско село кај нив. Нашироко делат бугарски стипендии и пасоши. Масовно давале новогодишни подароци за децата по училиштата. Ја помагаат македонската општина Пустец и градоначалникот веќе не изјавувал дека тука живеат Македонци. Истото го прават и на Голо Брдо и во Гора. Нашата Амбасада во Тирана веројатно се занимава со глобални прашања.

Четиринаесетто, основата на оваа софистицирана мрежа е непризнавањето на Македонците во Бугарија. Ги нема ли нив таму, ги нема никаде! Откажувањето од нив, пак, ни го подметнаа американците во декларацијата од 1999, и во договорот од 2017. Тоа беше триумф за Софија. Македонците во Пирин се најголемата рак рана за нив. Ако нас не „изнедренил“ Тито, во 1944, никако не може да има Македонци во Бугарија. Инаку, Софија ќе тврдеше дека сме биле Бугари до пред 100-тина години и тоа полесно ќе го манипулираше. Арно ама, тоа не исклучува Македонци кај нив.

Сите овие „аргументи“, со оглед дека ние или не сме ги оспориле, или (ќе) ги реализираме, градат сериозна база на „докази“ со кои Софија, веќе утре, може да мавта и да докажува се’ што сака во однос на Македонците. Во блиска иднина, конфликтот со Бугарија неизбежно ќе ескалира. А странците, коишто цело време се медијатори и ќе бидат уште повеќе, нема да можат да ги игнорираат овие „факти“. Тоа ќе води во наш нов тежок пораз. Ако брзо не се освестиме…

Ристо Никовски
Февруари, 2022

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Бугарски бесрамности и македонски ќор-сокаци: Политичари аматери…

БУГАРСКИ БЕСРАМНОСТИ И МАКЕДОНСКИ ЌОР - СОКАЦИ…

Никовски: Украина носи несогледливи последици за сите…

УКРАИНА НОСИ НЕСОГЛЕДЛИВИ ПОСЛЕДИЦИ ЗА СИТЕ Се…

Трифун Костовски: Институциите не ги штитат граѓаните…

ЕУРОСТАНДАРД БАНКА, ЖРТВА НА ПОЛИТИЧКИОТ СИСТЕМ ВО…

Сотир Костов: Неподносливата леснотија на манипулирање –…

Неподносливата леснотија на манипулирање Како да не…

Костов: Смрдеата од неисчистените Авгиеви штали на…

Денес ќе ви презентирам како блгарската историческа…