Народот што го чува својот јазик и своите корени, секогаш има иднина, рече Мицкоски на прославата „80 години Македонци во Војводина“

t

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека народот кој ги негува своите корени, јазик и култура никогаш не може да се изгуби, обраќајќи се на свечената академија по повод „80 години од доселувањето на Македонците во Војводина“, што се одржа во Нови Сад.

Во своето обраќање, Мицкоски истакна дека зачувувањето на идентитетот не е случаен процес, туку резултат на посветеноста на генерации луѓе кои го пренесуваат јазикот, традицијата и културното наследство.

„Народот кој ги чува своите корени никогаш не се губи, народот кој го чува својот јазик никогаш не останува без дом, а народот кој ја чува својата култура секогаш ќе има иднина“, нагласи премиерот.

Тој им оддаде признание на Македонците во Војводина за нивниот придонес во зачувувањето на националниот идентитет низ изминатите осум децении, посочувајќи дека зад тој успех стојат семејства, наставници, културни работници и бројни активисти кои не дозволиле да се изгубат јазикот и традицијата.

Мицкоски оцени дека македонската заедница во Србија е пример како може да се изгради нов живот во друга држава, а притоа да се задржи силната врска со татковината и сопствените корени.

Според него, Македонија и Србија ги поврзуваат многу повеќе од политичките односи – заеднички културни вредности, историски врски и генерации луѓе кои растеле во слични општествени и духовни средини.

„Балканот напредува кога народите градат доверба, заемна почит и искрено партнерство, а не кога се оддалечуваат едни од други“, порача премиерот.

Осврнувајќи се на актуелните глобални предизвици, Мицкоски истакна дека во време на поделби и геополитички тензии, земјите од регионот треба да градат мостови на соработка и пријателство.

Тој упати порака и до младите Македонци кои живеат во Србија, повикувајќи ги да бидат успешни и современи граѓани, но истовремено да не ја забораваат својата културна и јазична припадност.

„Освојувајте универзитети, компании и институции, но никогаш не заборавајте кој јазик ве научил на првиот збор и кои приказни ви ги раскажувале вашите баби и дедовци“, истакна Мицкоски.

Премиерот додаде дека Војводина отсекогаш била пример за соживот и почитување на различностите, а Македонците во тој мозаик од култури и традиции имаат свое заслужено и достоинствено место.

На свечената академија присуствуваше македонска владина делегација во која беа и вицепремиерот Иван Стоиљковиќ, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и министерот за култура Зоран Љутков.

Пред присутните се обратија и српскиот премиер Ѓуро Мацут, претседателката на Покраинската влада на Војводина Маја Гојковиќ и претседателката на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија Зорица Митровиќ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Народот што го чува својот јазик и…

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека народот кој…

Левица: Економскиот раст на Мицкоски е статистичка…

Фалбите од собраниска говорница, на Христијан Мицкоски…

ОН ѝ дава на Бугарија шест месеци…

Официјална Софија се најде под силен меѓународен…

Османи тврди дека 250.000 Македонци имаат бугарски…

Потпретседателот на опозициската Демократска унија за интеграција…

Деветмина Македонци побарале евакуација од Израел, небото…

Во моментов девет лица – македонски државјани…