Нов убедлив пораз на Македонија, овој пат Германија беше пресилна за нас
Ракометарите на Македонија го претрпеа и вториот пораз на ЕП 2024 и тоа во пресметката против домаќинот Германија (25-34), со што и теоретски ги загубија сите надежи за пласман во следната фаза од првенството.
Без разлика на крајниот резултат, жолто-црвените вечерва одиграа полошо отколку на отворањето против Франција (29-39), каде што бевме рамноправен противник во поголем дел од првото полувреме, неколку пати водевме, а дури на крајот му дозволивме на ривалот да дојде до двоцифрен триумф. Овој пат може да се „пофалиме“ со едно изедначување на водството (1-1), по што противникот набрзо дојде до плус три (5-2) и навести дека нема да дозволи изненадување во преполната „Мерцедес Бенц арена“ во Берлин. Германското водство постепено се зголемуваше, а точка на средбата беше ставена со нивните три гола по ред на стартот од второто полувреме за осум гола разлика (21-13).
Домаќинот потоа почна по малку и да експериментира, на моменти и да нѐ потценува што им донесе низа грешки, кои нашите момци ги искористија и повторно спуштија на минус пет (18-23). Но, тоа делуваше како опомена за „панцерите“, кои повторно уфрлија во четврта брзина и во последните десет минути влегоа со највисоки плус девет (20-29) како потврда на големата разлика во класи помеѓу двете селекции.
Ненад Костески со шест гола беше најефикасен во нашиот состав, додека Жарко Пешевски и Томислав Јагуриновски реализира по четири погодоци. Јури Кнор со 12 гола беше убедливо најпрецизен кај Германците.
Македонија последниот меч на ЕП 2024 ќе го одигра задутре против Швајцарија (18 часот) исто така во Берлин. За нас тоа ќе биде обид да одиграме за сопствената чест бидејќи со вечерашниот пораз и официјално испаднавме од игра за втората рунда, додека противникот ќе брка триумф и тоа со што е можно поголема разлика за потоа да чека пораз на Французите во пресметката со Германија.
Извор и фото: sport1.mk
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Германија го заострува ставот за мигрантите, бара…
Германија го заострува ставот кон враќањето на…
Тешка сообраќајна несреќа кај Козјак: седуммина завршија…
Седум лица се повредени, од кои едно…
КАДЕ ИСЧЕЗНУВА ДУНАВ? Во Германија има вода,…
Дунав деновиве изгледа како две различни реки.…
Владата ја усвои првата приоритетна листа: 41…
Четириесет и еден предлог проект содржи Првата…
(Видео) Манасиевски: Филипче е во паника по…
Нервозата кај лидерот на СДСМ, Венко Филипче,…