Пендаровски го одби Лога, Советот за безбедност нема да заседава
Претседателот смета дека во овој момент не се создадени услови да се одржи седница на Советот за безбедност, затоа што, според доставените информации од надлежните органи, пред сè, МВР, стабилноста на државата и безбедноста на граѓаните не се доведени во прашање, независно од бројката на лица кои што треба да ја одлежат казната затвор, велат за „Слободен печат“ од кабинетот на Пендаровски.
Шефот на државата Стево Пендаровски нема да го свика Советот за безбедност на барање на министерот за правда Кренар Лога, бидејќи стабилноста на државата и безбедноста на граѓаните не се доведени во прашање, и покрај тоа што 2.800 осуденици се на улица наместо во затворите.
Лога во петокот испрати писмено барање до Пендаровски да заседава Советот за безбедност за да процени дали речиси 3.000 осуденици со упатен акт за извршување на казна затвор се безбедносен ризик за граѓаните, бидејќи наместо да ја издржуваат казната, се на слобода. Лога барањето до Пендаровски го упати откако во Собранието не помина законот за амнестија. На седница на Влада, пак, министерот за правда најави дека ќе бара одговор од колегите од СДСМ зошто законот не поминал и ќе бара владиниот партнер да понуди решение.
„Претседателот Пендаровски смета дека во овој моменент не се создадени услови да се одржи седница на Советот за безбедност, затоа што, според доставените информации од надлежните органи, пред сè, Министерството за внатрешни работи, стабилноста на државата и безбедноста на граѓаните не се доведени во прашање, независно од бројката на лица кои што треба да ја одлежат казната затвор“, велат за „Слободен печат“ од Кабинетот на претседателот на државата.
Минисерот за правда, како што веќе најави, ќе бара средба и со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој оцени дека амнестијата не е решение за растоварување на затворите.
– Ќе барам информации од МВР, односно од Спасовски, дали се врши надзор и дали ги контролираат 2.800-те осуденици кои секојдневно се на улица, меѓу нас и меѓу нашите деца. Дали тие во затворите се криминалци, а осудениците што чекаат да влезат во затвор се академици и не ни ја загрозуваат безбедноста? Ако МВР врши надзор и контрола врз нив или ако Спасовски понуди друго решение, тогаш нема повторно да го поднесам законот за амнестија – ни изјави Лога, по одбивањето на неговиот Предлог-закон од пратениците.
На последната седница на Советот за безбедност која се одржа минатата недела, е оценето дека безбедносната состојба во државата е стабилна и дека нема индиции кои укажуваат на можно нејзино загрозување. Пендаровски го свика Советот со цел да се разговара за безбедносната состојба во земјата и во евроатлантскиот регион. Седницата беше свикана по случувањата во Косово, на Блискиот Исток, како и поради воената агресија врз Украина. Надлежните институции ќе треба да изготват можни сценарија во зависност од тоа како ќе се одвиваат настаните.
Министерот Лога, пак, најави и дека пред да одлучи дали законот за амнестија повторно ќе влезе во собраниска процедура, ќе бара на писмено од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кое е нивното предлог-решение за излез од овој ќорсокак.
Тој на седницата на Влада, освен објаснување зошто владиниот партнер СДСМ гласаше против законот за амнестија, бидејќи, како што вели, претходно немале забелешка и законското решение поминало на владина седница, од нив ќе бара да понудат решение за проблемот со пренатрупаноста и нечовечките услови во затворите, пред сè, во најголемиот затвор „Идризово“.
– Мора да изнајдеме решение. Проблемот е институционален, а не политички. Станува збор за проблем на државата и на општеството – вели Лога за „Слободен печат“, со што потврдува дека не се откажува од законот за амнестија.
Откако не помина законот во Собранието, Лога најави дека повторно ќе го достави, но сега во редовна постапка. Сепак, ако министерот го предложи истото законско решение, ќе треба да почека три месеци за повторно да го достави до пратениците, бидејќи тој еднаш веќе не помина во Собранието.
Пред да биде познат одговорот на Пендаровски за седница на Советот за безбедност, Лога рече дека од исходот на состанокот ќе зависат и идните чекори кои што ќе ги преземе. Тој изјави дека е отворен за сугестии и доработка на законот. Во случај законското решение да претрпи измени, тогаш може пред истекот на три месеци законот за амнестија повторно да влезе во собраниска процедура.
Засега нема најава дека СДСМ е подготвена да го поддржи законот. Од СДСМ се на став дека законот за амнестија нема да постигне ефект и дека треба да се користат алтернативни мерки, како што се пробацијата и условниот отпуст.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Извештај на „Ал Мада“: Сценарија за американски…
Ирачкиот премиер Али ал Заиди им соопштил…
РУБИО СО ОСТРИ КРИТИКИ КОН ИРАН: Преговорите…
Американскиот државен секретар Марко Рубио упати остри…
АМЕРИКА ГО ПОДГОТВУВА ИЗРАЕЛ ЗА ТРЕТ БРАН…
Американската Централна команда (ЦЕНТКОМ) испратила порака до…
(Видео) ОГРОМЕН ПОЖАР ВО НАЈГОЛЕМОТО ГАСНО НАОЃАЛИШТЕ…
Силен пожар избувна вечерва во гасното наоѓалиште…
ТРАГЕДИЈА ВО ЕГИПЕТ: Седум загинати и над…
Најмалку седум лица загинаа, а повеќе од…