Објавено на:

Полска ја обвини Украина за „шовинизам“ поради најавениот меморијал на хероите во Киев

t

Полска ја предупреди Украина за последиците од оддавањето почит на контроверзни националистички лидери во рамките на планираниот меморијал на хероите во главниот град Киев.

– Оддавањето почит на таквите историски личности не само што е за жалење од полска перспектива, туку од украинска гледна точка претставува и „кратковида политика – изјави денеска Марчин Пшидач, советник за надворешна политика на полскиот претседател Карол Навроцки.

– Здрава форма на национализам понекогаш е прифатлива, но овде зборуваме за шовинизам, идеологија која е блиска до нацизмот – додаде тој, предупредувајќи дека спорот може да ја отежне интеграцијата на Украина во евроатлантските структури.

Изјавата уследи откако украинскиот претседател Володимир Зеленски потпиша закон со кој се воспоставува контроверзниот Национален меморијал на хероите, што е најновата причина за заладување на односите меѓу Варшава и Киев, по повеќемесечните тензии околу историските прашања.

Во иднина, во таканаречениот Пантеон треба да им се оддава почит и на припадниците на Украинската востаничка армија (УПА).

Националистичките борци на УПА, кои дејствувале во илегала, биле одговорни за масовни убиства на Полјаци и Евреи, особено во Волин, на територијата на денешна западна Украина, за време на германската окупација во Втората светска војна, при што биле убиени десетици илјади луѓе.

Раздорот меѓу Украина и Полска, која е меѓу најголемите поддржувачи на Киев во борбата против Русија, ескалираше во јуни, откако Зеленски на една воена единица ѝ ја додели почесната титула „Херои на УПА“.

Како резултат на тоа, Варшава му го одзеде Орденот на Белиот орел на Зеленски, највисокото државно одликување на Полска. Неколку други украински и полски политичари, исто така, ги вратија своите одликувања.

Најновата ескалација на спорот се случи денеска додека европските лидери се собраа во Киев за одбележување на 35-годишнината од независноста на Украина.

Повторни погреби и државни почести за националистички лидери

Минатата недела, посмртните останки на контроверзниот украински националистички лидер Евген Коновалец, кој беше убиен во 1938 година, беа пренесени назад во Украина и погребани со државни почести.

Од 1929 година, Коновалец ја предводеше Организацијата на украинските националисти (ОУН), која беше создадена по моделот на италијанскиот фашизам и германскиот националсоцијализам. ОУН подоцна ја создаде УПА како свое воено крило.

ОУН беше одговорна за терористички напади, меѓу кои и атентатот врз полскиот министер за внатрешни работи во 1934 година. Пред повторното погребување на Коновалец, во Украина веќе беа пренесени и посмртните останки на неговиот наследник на чело на ОУН, Андриј Мелник.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Полска ја обвини Украина за „шовинизам“ поради…

Полска ја предупреди Украина за последиците од…

Украина ќе добие над 6 милијарди евра…

Европската комисија денес соопшти дека Украина ќе…

Русија изгубила речиси милион и пол војници…

Русија изгубила околу 1.474.030 војници во Украина…

Најмалку девет загинати во руски ракетен напад…

Најмалку девет луѓе загинаа, а 33 се…

(Видео) Најмасовен украински напад врз Москва и…

Украински дрон ноќеска погодил магацин на „Вајлдберис“,…