Професорот Трајковски: Дали можеме да определиме колкав е профитот на газдите во однос на платите на вработените?
Дали можеме да определиме колкав е профитот на газдите во однос на платите на вработените?
Можеме и тоа релативно точно, иако само во просек, како што правиме секогаш во статистиката. За таа цел како појдовна основа ќе го земеме македонскиот БДП (на пример во 2022 година) и неговите компоненти, според доходовниот метод. Овој метод кажува кој, односно што го создава БДП-то (бруто домашниот производ).
Според Државниот завод за статистика (ДЗС), во 2022 година македонскиот БДП изнесувал 816,8 милијарди денари.
БДП (gross domestic product – GDP) го создаваат работниците, за што примаат плати (wages – W), машините преку нивното трошење, односно амортизација (depeciation – D), сопствениците на бизнисите, мерлив преку нето профитот што им останува (П) и конечно државата, преку даноците на производство што ги прибира, односно ДДВ и акцизите (taxes – T).
Ова може да се опише со формулата:
GDP = W+D+П+T
Во 2022 година компонентите на БДП изнесувале:
W = 309,4 милијарди ден. (37,91%)
D = 139,3 милијарди ден. (17,07%)
П = 263,2 милијарди ден. (32,26%)
T = 104,1 милијарди ден (12,77%).
Со други зборови, од 100 единици на БДП, работниците преку платите добиле 37,91%, државата добила 12,77%, сопствениците (по одземањето на сите трошоци, но и отплатата на машините – амортизацијата) добиле 32,26%, а трошењето на машините, односно фиксните средства за производство учествувало со 17,07%.
Амортизацијата претставува посебен трошок за сопствениците и можеме да го разбереме како одделување пари за идна замена на машините, но и како отплата на вложените пари за купување на машините. Годишната амортизација типично изнесува 5% – 10% од набавната вредност, зависно од фиксното средство. Во секој случај, амортизацијата им ја намалува добивката, за конечно да им останат 32,26% како чист профит.
Збирно земено, соодносот на платите и нето профитот изнесувал 37,91 : 32,26 = 1,17 : 1, односно сите вработени заедно добиле речиси исто колку газдата, по одбивањето на сите трошоци, но и отплатата на машините и зградите.
Кај малите фирми, со еден сопственик, практично нема експлоатација на туѓиот труд, односно нема присвојување на вишок на вредност. Но, колку фирмата е поголема, толку ова присвојување на вишок на вредност е поизразено. Да пробаме да најдеме колку изнесува тоа врз основа на дополнителни податоци и проценки.
Во Македонија има околу 70.000 фирми во приватниот сектор, кои учествуваат со околу 80% во БДП на земјата. Вкупниот број на вработени во приватниот сектор (производство и услуги) изнесува околу 400 – 450 илјади. Фирмите со по еден вработен учествуваат со околу 40% – 50% од вкупниот број на фирми (28 – 35 илјади човек-фирми), додека во вкупниот БДП нивното учество е многу мало и изнесува само 5% – 10%.
Оттука заклучуваме дека во останатите 35 – 42 илјади фирми, со повеќе од еден вработен, работаат околу 370 – 420 илјади вработени (средно околу 400 илјади). БДП во овие фирми изнесува околу 70% – 75% од вкупниот БДП, а бројот на сопственици или акционери (од кои најголемите се само еден до двајца по фирма) изнесува околу 50 илјади. Може да се каже дека во просек 8 души работаат за еден газда.
Сумарно, 50 илјади големи акционери или сопственици имаат чист профит во износ од околу 1/1,17 од платите на сите 400 илјади вработени. Кога ќе се подвлече цртата, во просек секој газада или голем акционер зема околу 7 пати повеќе (400/1,17/50) од еден работник, кој во стварност вистински го создава вишокот на вредност, т.е. профит. Кај големите компании овој сооднос е многу (десетици, па и стотици пати) поголем.
Спремноста да се носи ризикот на бизнисот во просек се исплати од 7, па до десетици и стотици пати повеќе од способноста да се работи за плата, иако и таму постои ризик – да се остане без работа.
Очигледно е дека на газдите им останува голем вишок на вредност, а системот, односно државата, тоа го дозволува.
Инаку, во сличен сооднос стојат и бројките на успешни и пропаднати бизниси, околу 1:7, а за жал во Македонија важна компонента на успехот претставува и политичката поврзаност и исцицувањето државни пари од буџетот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Попушта ли Зеленски околу територијалните прашања: „Тоа…
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека…
Трамп предлага сојузната држава Ново Мексико да…
Американскиот претседател Доналд Трамп предложи сојузната држава…
Продолжува судењето за случајот „Државна лотарија“
Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба…
Николоски: Македонскиот авиосообраќај руши рекорди, оваа година…
Македонскиот авиосообраќај бележи значителен раст, а бројот…
На 9 септември ќе се прска против…
На 9 септември (среда) ќе се спроведе…