САД и Израел планираат копнена блокада на Иран: Сите соседи да им ги затворат граничните премини?
САД и Израел разгледуваат можност за воведување копнена блокада на Иран како една од опциите за засилување на економскиот притисок врз Техеран, објави денеска британскиот весник „Телеграф“.
Според весникот, за оваа можност разговарале американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, како дел од пошироките размислувања за следните чекори во односите со Иран.
– Трамп смета дека неговата сегашна стратегија за повторно отворање на Ормуската Теснина ги достигнала своите граници – изјавил за „Телеграф“ анонимен извор запознаен со разговорите меѓу САД и Израел за можна копнена блокада на Иран. Изворот додал дека американскиот претседател затоа разгледува различни опции за ескалација кои би можеле да го принудат Иран повторно да седне на преговарачка маса.
Доколку се одлучат за копнена блокада, САД и Израел најверојатно би требало да извршат притисок врз соседите на Иран и своите регионални партнери да ги заострат или затворат граничните премини, со што би се ограничил увозот и извозот на земјата.
– Што ако едноставно го блокирате копното? Да претпоставиме дека Иран не може ништо да внесе и ништо да изнесе. Сè е можно – изјавил за „Телеграф“ неименуван висок израелски функционер.
Пензионираниот американски генерал-потполковник Шон Мекфарланд, поранешен командант на коалицијата против „Исламска држава во Ирак и Сирија“, оцени дека копнената блокада, иако речиси невозможна за спроведување, би можела економски да го изолира режимот во Техеран.
– Економскиот пристап е концизен, но мора да има и кинетички елементи. Иран се граничи со многу земји, а Ирак е тесно поврзан со него, што значително би го отежнало запирањето на каква било помош за Иран – изјави Мекфарланд.
Иран граничи со Ирак, Турција, Пакистан, Авганистан, Туркменистан, Ерменија и Азербејџан, што значи дека Вашингтон и Тел Авив би требало да ги убедат овие држави да соработуваат, иако многу од нив не се нивни сојузници. Според „Телеграф“, евентуалната блокада би можела да биде насочена кон клучните гранични премини, како Инчех Борун и Сарахс, кои ги поврзуваат Иран и Туркменистан.
Весникот наведува дека Пакистан и Ирак, кои не се сметаат за блиски американски партнери во регионот, би можеле да претставуваат најслаби точки во евентуалниот план. Доколку некоја од седумте соседни држави се согласи на таква соработка, би се соочила со сопствени економски последици и со ризик од одмазда од Исламската Република.
Блокирањето на клучните пристаништа или гранични премини, според соговорниците на весникот, би можело да ја ограничи можноста Иран повторно да се вооружува. Во текстот се наведува и дека Техеран очекува испорака на стотици рачни противвоздушни ракетни системи од Кина, во рамки на нов договор за зајакнување на воената соработка меѓу двете земји.
Според весникот, не е исклучена можноста информациите за ваквиот план намерно да биле пласирани во јавноста како дезинформација, со цел да се одвлече вниманието на Техеран од евентуалните идни потези на Вашингтон и Тел Авив. „Телеграф“ наведува и дека разузнавачките информации укажуваат на поделби во иранското раководство, меѓу оние кои стравуваат од економски колапс и оние кои сметаат дека војната треба да продолжи.
Неименуваниот израелски функционер за весникот изјавил дека средбата меѓу Трамп и Нетанјаху во вторникот поминала во позитивна и срдечна атмосфера. Според него, двајцата лидери разговарале за три можни насоки: постигнување договор со Иран, продолжување на поморската блокада или обновување на воените напади, при што Нетанјаху не инсистирал на ниту една од овие опции.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
САД и Израел планираат копнена блокада на…
САД и Израел разгледуваат можност за воведување…
Клековски: Во болницата во Битола ќе се…
ЈЗУ Клиничка болница Битола денес пред премиерот…
Целосно се реконструира мостот „Естакада“ во Гази…
Целосно се реконструира мостот „Естакада“ – важна…
Мерц побара од Шпанија да ја обезбеди…
Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска ја повика…
Индустриското производство во јуни порасна за 6,5…
Индустриското производство во Македонија во јуни 2026…