СДСМ: Бруталното апсење на новинарот Салиу потврдува дека нема промена, ВМРО-ДПМНЕ е режимска партија

t

Според владејачкиот СДСМ, вчерашното апсење на новинарот Фуркан Салиу покажува дека во ВМРО-ДПМНЕ нема промена и оти тоа е, како што велат, режимска партија.

Во соопштението испратено денеска од СДСМ велат дека апсењето на Салиу е обид за замолчување и заплашување.

„На сите им е јасно дека ова е обид за замолчување и заплашување откако новинарот објави афера директно поврзана со ДПМНЕ“, се вели во соопштението.

Оттаму додаваат дека началниците на СВР Скопје и ЕБР, кои се поставени од министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски, имаат дадено наредба за апсење на новинарот Салиу.

Од СДСМ нагласуваат оти во изминатите седум години власт немало ниту еден уапсен новинар.

„За седум години власт на СДСМ, не само што нема уапсен новинар, не само што претставките против новинари од функционери пред судовите се минато, туку Владата предводена од СДСМ донесе низа и законски решенија со кои се гарантира заштитата на новинарите“, додаваат од владејачката партија.

Според нив, ВМРО-ДПМНЕ само за два месеци покажала „како мисли да ја практикува власта доколку ја добие, со сила“.

Од СДСМ велат дека одговорност за овој недемократски чин мора да има и оти заплашувањето и злоупотребата на МВР и другите институции под капата на ВМРО-ДПМНЕ мора да прекине.

Од СДСМ и вчера, по апсењето на Салиу, на прес-конференција апсењето го оквалификуваа како брутален и недемократски чин и побараа ослободување на новинарот.

Салиу, кој вчера беше уапсен за време на инциденти на фудбалски натпревар, доцна синоќа излезе од полициска станица.

Во изјава за медиумите тој кажа дека смета оти е ослободен само затоа што работи како новинар и дека во спротивно би завршил во притвор.

Во однос на пиштолот, Салиу обвини дека откако е приведен приватниот автомобил му е претресен во негово отсуство.

Тогаш полицијата му го пронашла пиштолот, за кој вели дека имал дозвола и го чувал расклопен, како што сметал и дека треба да се чува.

На новинарско прашање дали е ова обид за негово замолчување откако деновиве објави документи за кои тврди дека покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ направила оперативен план за пласирање лажни вести и лажни анкети, Салиу кажа дека не сака да верува во такво нешто. Но, го искритикува техничкиот министер за внатрешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Панче Тошковски.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение рекоа „СДСМ наместо да води лицемерна политика, одговорите нека ги побараат во признанието на самиот Фуркан Салиу кој призна дека поседувал оружје и дека со своето однесување придонел кон ескалација на настаните“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Пендаровски: Очекувам пресврт во вториот круг на…

Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски вечерва во интервју…

ОЕЦД ја зголеми прогнозата за глобалниот раст…

Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД)…

Зеленски: Првиот мировен самит за Украина е…

Првиот мировен самит за Украина, кој ќе…

Британскиот МНР Камерон: Украина има право да…

Според британскиот министер за надворешни работи Дејвид…

Избрана новата Влада на Србија

Пратениците на Собранието на Србија попладнево ја…