СЗО бара одговори од Русија: Се проверува втор случај во Иркутск
Светската здравствена организација бара дополнителни информации од Русија по извештаите за можен втор случај на пневмонија со непозната причина меѓу вработените во Противчумниот институт во Иркутск, по смртта на 28-годишна лабораториска работничка.
Жената починала на 2 октомври од тешка пневмонија чија причина сè уште не е официјално утврдена. Руските власти тврдат дека во Иркутската област не е регистриран случај на чума и дека тестирањата досега не откриле опасен патоген поврзан со нејзината работа.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, соопшти дека Организацијата побарала дополнителни податоци за причината за тешката пневмонија, патогенот поради кој биле воведени здравствените мерки, како и за извештаите дека уште еден вработен заболел од пневмонија со непозната етиологија.
Тој нагласи дека навременото, целосно и транспарентно споделување информации е неопходно за да се разјаснат противречните извештаи и да се направи точна процена на евентуалниот ризик за јавното здравје.
Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот изјави дека наскоро очекува разговор со рускиот претседател Владимир Путин за ситуацијата, откако Вашингтон побара од Москва повеќе информации за смртта на лабораториската работничка. Американскиот државен секретар Марко Рубио, исто така, повика Русија на поголема транспарентност.
Кремљ, сепак, денеска соопшти дека формално закажан телефонски разговор меѓу Путин и Трамп во моментов нема, иако Трамп претходно најави дека очекува наскоро да разговара со рускиот претседател.
Руската агенција за јавно здравје „Роспотребнадзор“ соопшти дека работничката починала од „пневмонија со непозната етиологија“ и дека во нејзините примероци не биле откриени микроорганизми поврзани со нејзината професионална работа.
Според руските власти, направени биле речиси 5.000 лабораториски тестови, а кај лицата кои биле во контакт со починатата не бил регистриран случај на чума. „Роспотребнадзор“ денеска соопшти и дека не гледа епидемиски ризик за населението во Иркутск и околината.
Првичните медиумски извештаи и изјави на локални функционери отворија сомнежи дека можеби станува збор за белодробна чума, но тоа досега не е потврдено. СЗО и натаму наведува дека официјалната причина за смртта не е утврдена.
Белодробната чума е најтешката форма на болеста и може да биде смртоносна доколку навреме не се лекува со антибиотици. Засега нема официјално потврден случај на чума во Иркутската област.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Вучиќ со нов предизборен спот: На…
Александар Вучиќ објави нов предизборен спот во…
Сообраќајна најава: Утре ограничување на мостот „Близнак“
Возачите во Аеродром и Гази Баба утре,…
Македонски средношколци меѓу најдобрите во светот: Почнува…
Македонскиот национален тим денеска во Инчеон, Јужна…
Ученици во Кисела Вода снимаат филмови против…
Насилството меѓу децата и младите, со посебен…
Николоски: Третата фаза од пругата кон Бугарија…
Тендерот за изградба на третата фаза од…