Објавено на:

„Њујорк тајмс“: Русија обучувала групи во Србија за дестабилизација на Молдавија

t

Руски оперативци поврзани со военната разузнавачка служба ГРУ организирале тренинг-камп во Србија, каде што молдавски граѓани биле обучувани да пробиваат полициски кордони, да предизвикуваат немири и да палат објекти. Тоа било дел од голема руска операција за мешање во политичкиот живот и изборите во Молдавија, открива истрага на „Њујорк тајмс“.

Според весникот, кампот функционирал во летото 2025 година во туристички комплекс во оддалечен дел од западна Србија. На прв поглед, програмата наликувала на летен камп со скари, одбојка на плажа и спа-центар. Но, учесниците истовремено минувале и воена обука со автомати, носеле панцири и вежбале како да пробијат полициски барикади и да предизвикаат пожари.

Информациите за кампот пред американскиот весник ги потврдиле претставници на разузнавачките служби на три држави. Според нив, целта била да се создаде група дисциплинирани лица кои би можеле да бидат искористени за мешање во изборниот процес и предизвикување хаос.

Мета била Молдавија, која според западни разузнавачки претставници има особено важно место во стратегијата на Кремљ. Освен кампот во Србија, слични програми биле организирани во Босна и во близина на Москва.

Од Србија до Москва

Учесниците во кампот во Србија, од кои повеќето биле молдавски државјани, добивале по 400 долари за курс што траел од три до четири дена, изјавил висок молдавски обвинител, Серџиу Зама.

Видео-снимките одземени од телефоните на учесниците и анализирани од молдавските власти прикажувале мажи во камуфлажни униформи и панцири како се обучуваат со автомати.

Според „Њујорк тајмс“, во камп во близина на Москва повеќе од 100 млади Молдавци биле обучувани да изработуваат и користат запаливи направи и импровизирани експлозиви, како и да управуваат со дронови приспособени за носење експлозив или предизвикување пожари.

Двајца западни разузнавачки претставници изјавиле за весникот дека обуката била контролирана од ГРУ.

Тренинг-камп постоел и во Босна. Во октомври 2024 година, тројца негови учесници биле уапсени при враќањето во Молдавија. Според обвинителството, тие носеле компоненти за дронови, вклучително и уреди за фрлање гранати, како и упатство за изработка на импровизирани средства за терористички активности.

Еден од учесниците во кампот во Босна подоцна сведочел дека, кога одбил да учествува во обуката, руски инструктор го удрил во лице и му избил заб.

Стотици милиони за влијание и купување гласови

Истрагата опишува и широка мрежа за политичко влијание, управувана од молдавско-израелскиот олигарх Илан Шор, кој се наоѓа во Русија.

Според документи што ги разгледал „Њујорк тајмс“, повеќе од 150.000 Молдавци биле привлечени во неговата мрежа.

Преку Telegram биле создадени 240 различни чет-ботови за регрутирање и координација на учесниците. Системот бил организиран на повеќе нивоа: повеќе од 35.000 лица биле означени како „активисти“, додека околу 1.200 имале улога на локални координатори.

Од протечените документи произлегува дека само во четирите месеци пред референдумот во 2024 година за европската иднина на Молдавија, на 38.000 активисти им биле исплатени речиси 20 милиони долари.

За возврат, учесниците објавувале содржини против претседателката Маја Санду, владејачката партија ПАС и европската интеграција, како и учествувале на однапред организирани протести.

Според западни разузнавачки претставници, Шор дејствувал под контрола на Сергеј Кириенко, висок функционер во администрацијата на рускиот претседател Владимир Путин, задолжен за земји што Москва ги смета за дел од својата сфера на влијание.

Во кампањата биле вклучени и свештеници

„Њујорк тајмс“ тврди дека во руската операција биле вклучени и стотици православни свештеници од Молдавија.

Од летото 2024 година тие патувале во Русија, каде што посетувале православни светилишта и се среќавале со претставници на црковното раководство.

Пред да се вратат во Молдавија, дел од нив потпишувале договори и добивале банкарски картички од руската „Промсвјазбанк“, која е поврзана со руското Министерство за одбрана.

Според молдавските власти, на свештениците им биле нудени околу 1.000 долари за да ги убедуваат верниците да се спротивстават на европската интеграција на земјата и на прозападната политика на владата.

Обид за предизвикување хаос на изборниот ден

Според истрагата, кулминацијата на руската операција се случила за време на парламентарните избори на 28 септември 2025 година.

Активистите обучувани во Србија биле подготвени да предизвикаат немири во Кишињев и други градови. Некои од нив носеле жолти и сини ленти за да се препознаваат во толпата, додека други имале запаливи направи, тврди молдавскиот обвинител Серџиу Зама.

Истовремено, руски хакери успеале да навлезат во системите на Централната изборна комисија на Молдавија и да преземат контрола врз илјадници приватни рутери, наведува висок молдавски функционер.

Во неделите пред изборите, полицијата извршила претреси на стотици адреси и уапсила лица кои учествувале во тренинг-камповите или добиле пари преку мрежата на Шор.

Со помош на западни партнери, молдавските експерти за сајбер-безбедност успеале да ги ограничат нападите. Имало протести, но не дошло до сериозно насилство.

Партијата на Маја Санду ги освоила изборите со нешто повеќе од 50 отсто од гласовите, при што клучна улога одиграла поддршката од молдавската дијаспора.

Молдавија како стратешка цел

Западни разузнавачки претставници, цитирани од „Њујорк тајмс“, тврдат дека Молдавија е една од најважните цели на Кремљ по Украина.

Според нив, Москва ја гледа земјата како потенцијален плацдарм за притисок и врз Украина и врз Европската Унија.

Советникот за национална безбедност и одбрана на молдавската претседателка, Станислав Секриеру, изјавил дека Русија сака да ја искористи Молдавија како база за непријателски активности против Украина и ЕУ и дека токму поради тоа во последните години вложила невидени ресурси.

Кремљ ги отфрла обвинувањата. Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, за „Њујорк тајмс“ изјавил дека тврдењата за руско мешање се неточни и целосно неосновани.

Според молдавските власти, притисокот не завршил. Во последните месеци руските напади врз украинската енергетска инфраструктура во близина на границата ја погодиле и Молдавија, вклучително и снабдувањето со електрична енергија во земјата.

„Ја добивме битката, но не и војната“, заклучува директорот на молдавската Агенција за сајбер-безбедност, Михај Лупашку.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„Њујорк тајмс“: Русија обучувала групи во Србија…

Руски оперативци поврзани со военната разузнавачка служба…

(Видео) Украина го нападна Московскиот регион со…

600 украински дронови го нападнаа Московскиот регион…

Мицкоски за изјавата на Вучиќ: Таквата комуникација…

Премиерот Христијан Мицкоски не сакаше да ја…

Русија признава нов недостиг на бензин по…

Руските власти во петокот признаа дека дел…

(Видео) Пукна трпението во Горњи Милановац –…

Во знак на протест поради рестрикциите на…