Ќе враќаат деца и внуци: За два месеци владата нè задолжи 938 милиони евра на меѓународниот и домашниот пазар

t

За два месеци владата нè задолжи 938 милиони евра на меѓународниот и домашниот пазар, реагираат од политичката партија Левица.

– Владата ја издаде деветтата еврообврзница, со која нè задолжи 500 милиони евра и дополнителни 100 милиони евра од инструментот за макрофинансиска поддршка на Еворпската Комисија.

Оваа еврообврзница која претходно беше откажана поради пропустите од нестручните и неписмени владини „експерти“ и некоординираното и неодговорно работење на власта, овој пат ќе нè чини многу повеќе, ќе се плаќа повисока купонска камата од 6,96 отсто!

Со новите задолжувања ќе се враќаат старите долгови и ќе се покрива буџетското салдо, кое е негативно во континуитет и во моментов изнесува 200 милиони евра. Затоа власта покрај странските задолжувања сè повеќе нè задолжува и на домашниот пазар. Преку државни записи оваа година нè задолжија на пократок рок за 163 милиони евра, а преку државни обврзници од кои поголемиот дел достасуваат во 2038 година и со купонска каматна стапка над 5 отсто, Владата ги задолжи и неродените деца само за два месеца во износ од 175 милиони евра.

Сè почесто доцнат платите во јавниот сектор и се наметнува прашањето за финансиската ликвидност на буџетот и способноста на власта да ги сервисира тековните обврски. Но, веќе е премногу очигледно дека Владата не може да функционира без нови задолжувања, кои во 2023 година ги проектира на рекордно ниво, речиси 1,7 милијарди евра, а со тоа, должничкото ропство е сè поевидентно.

Идните генерации ќе бидат задолжени со многу поскапи кредити за отплата на старите долгови и камати, за покривање на дупките во буџетот, без да имаат некоја корист и придобивка од овие задолжувања, напротив, само ќе го плаќаат цехот на луксузното и расипничко живеење на власта.

Решение има, но власта не сака да се замери со странците кои се доминантни сопственици во голем дел од „домашните“ трговски друштва, затоа и не воведува прогресивно оданочување, а сузбивањето на сивата економија, со која би се собрале значајни приходи во буџетот, не е ни започната, најмногу поради коруптивните влијанија овозможени од нејзина страна. – велат од Левица.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Владата прави методологија струјата да не поскапи,…

Владата прави методологија за да се задржи…

Мицкоски: Владата сега се задолжува за да…

По обвинувањата од опозицијата дека Владата за…

Левица гласаше против поддршка за онколошки случаи,…

Изгласан новиот ребаланс на буџетот - нов…

Коцевски: Над 18 милијарди денари за општините,…

Над 18,4 милијарди денари од унгарскиот кредит…

Влада: Ставот на Китановиќ е личен и…

Владата излезе со јасен став во врска…