„Македонска глаголица. Македонска кирилица“ – Изложба на плакати/фонтови во МКЦ
„Македонска глаголица. Македонска кирилица“ е изложба на авторите Лазе Трипков и Ласко Џуровски, која ќе биде вечерва и ќе трае до 7 март, а се осврнува кон најзначајните столбови на македонскиот јазик и култура – глаголицата и кирилицата. Изложбата претставува празник, чествување на глаголицата и кирилицата. Првата, запретана во нашето далечно средновековие под бедемите на древниот Охрид, другата, жива, еластична, разиграна, готова да ги прегрне предизвиците на новото време, соопштија од МКЦ.
Авторскиот проект на Лазе Трипков, „Македонска глаголица“ е модерна интерпретација на глаголицата. Преку визуелен и графички обликуван концепт, тој има цел да ѝ ги приближи на публиката функцијата и значењето на глаголицата, како и моќта на гласот сочинет во знакот, како еден колективен ликовен систем на изразување и идентификација на Словените. Овој негов проект нуди една поинаква визија за глаголицата, при што ја задржува нејзината образовна функционална форма и нè потсетува на големината на едно од најзначајните културни богатства на Македонија. Глаголицата за нас е артефакт и културолошки споменик од средновековна Македонија, која преку овој проект му пркоси на забот на времето. Оваа азбука, стамено и гордо стои исправено пред сите предизвици што доаѓаат однадвор во македонското современо живеење, во кое, за жал, вистинските вредности често го губат своето суштинско значење.
„Проектот ‘Македонска кирилица‘ од Ласко Џуровски, претставен преку симболичната синтагма ‘По стапките на Кирил и Методиј’ (правилно)/ ‘По сmаnкиmе на Кирил и Меmо∂иј’ (неправилно), – првоучителите кои, иако сесловенски и заеднички за сите Словени, со децении се присвојувани од страна на нашиот источен сосед – треба да ни укаже на проблемите и грешките што се појавуваат кај поголем број нестандардни фонтови при испишување на определени букви од македонската кирилица во италик. Овој избор на букви треба да ни посочи барем дел од проблемите и стапиците во кои паѓа македонската кирилица во услови на опкруженост од кирилските азбуки на другите словенски национални јазици.
Авторот на овој дел од изложбата, Ласко Џуровски го има решението, но не и моќта за нејзино институционално решавање. Оттука и неговата, но и наша потреба, за свртување на вниманието на јавноста и на соодветните национални институции кон решавањето на овој проблем со кој се соочуваме сите Македонци и корисници на македонската кирилица во модернава дигитална ер“, пишува во најавата од организаторите.
Изложбата е авторски проект на Лазе Трипков и Ласко Џуровски, со поддршка на МКЦ како дел од официјалната програма за прослава на 50-годишнината од своето постоење.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Активни се пожарите во Чашка, Велес, на…
РЦУК Велес, известува дека шумски пожар на…
Изгубено 3-годишно девојче во Неа Флогита, се…
Во познатото туристичко место Неа Флогита, Грција…
(Видео) Претседателката ќе чека новата влада да…
Сиљановска ќе почека да се формира новата…
ДУИ му помогна на Мицкоски за двотретинско…
Со 88 гласа “за” пред 3 часот…
Американската амбасада ќе ги подобрува односите помеѓу…
Аташето за култура и образовани на САД…