Корумпирана Македонија: Годинава сме на 85 место на листата на Транспаренси Интернешнел
Македонија, годинава, се најде на 85 место од 180 светски држави според Индексот за перцепција на корупцијата. На листата што секоја година ја објавува Транспаренси Итернешнел, Македонија, и покрај малиот напредок и понатаму останува една од најлошо рангираните држави во регионот.
Имено, со 40 поени, на скалата каде 0 е најкорумпирана, а 100 е најмалку корумпирана, земјава изминатава година напредувала само две места во споредба со претходното рангирање. Во споредба со лани Индексот е зголемен за еден поен.
Пред Македонија на листата се наоѓаат Словенија (41 место), Грција (51), Хрватска (57), Црна Гора (65) и Бугарија (72) и Косово (84). Полошо рангирани се само Србија и Албанија (101) и Босна и Херцеговина која е најлошо пласирана во окружувањето (110 место).
Во светски рамки, годинава Данска, Финска и Нов Зеланд повторно се најдоа на врвот како најмалку корумпирани држави. Данска е прва со 90 поени од можни 100, додека Финска и Нов Зеланд го делат второто место со 87 поени. Во првите 10 најмалку корумпирани држави се уште и Норвешка, Сингапур, Шведска, Швајцарија, Холандија, Германија, Ирска и Луксембург.
За најкорумпирани земји во светот, според Транспаренси Интернешнел, се сметаат Сомалија, Сирија и Јужен Судан, кои се на последните три позиции.
Во последните пет години најголеми позитивни поместувања биле регистрирани кај Ангола (+14 индексни поени), Малдиви (+11) и Виетнам (+9), додека најголеми назадувања се забележуваат кај Велика Британија и Канада (-7 индексни поени), Пакистан и Малезија (-6).
Овогодишниот Индекс открива дека мнозинството земји во светот не успеваат да ја сопрат корупцијата. Повеќе од две третини од државите имаат Индекс помал од 50 поени, додека дури 26 држави минатата година стигнале до нивниот најлош резултат според перцепцијата на корупцијата досега. Во споредба со 2012 година, дури 155 држави немале никаков значаен напредок во справувањето со корупцијата или пак назадувале.
– Корупцијата го направи нашиот свет поопасно место. Додека владите колективно не успеваат да направат напредок против оваа појава, тие го подгоруваат моменталниот раст на насилство и конфликт и ги загрозуваат луѓето низ целиот свет. Единствен начин да се излезе од оваа состојба е државите да ја направат тешката работа за искоренување на корупцијата на сите можни нивоа и да обезбедат владите да работат за граѓаните, не само за малите елити – порачуваат од извршниот одбор на Транспаренси Интернешнел.
Оттаму ги повикуваат владите да го отворат просторот и да ја вклучат јавноста во носењето одлуки.
– Во демократските општества, луѓето можат да го подигнат нивниот глас за да помогнат во искоренувањето на корупцијата и во барањата за посигурен свет за сите нас – уверуваат од организацијата.
Транспаренси Интернешнел веќе 28 години го објавува Индексот за перцепција на корупцијата врз основа на перцепциите на експерти, бизнисмени и различни независни институции.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Македонската кујна на 47. место меѓу најдобрите…
Популарниот гастрономски портал за храна и патувања,…
Рекорден пад на вработените во текстилниот сектор…
Текстилниот сектор во Македонија се соочува со…
(Видео) Oдбраната на Мицевска со која обезбеди…
Голманката на македонската репрезентација Јована Мицевска беше една од…
Државата денеска се задолжува со уште 89…
За денеска се закажани две аукции на…
(Видео) Пивоваров: Криминалот нема ни вера ни…
Криминалот нема ни вера ни етничка припадност,…