НБА вода да носи: Максо дал 10 МИЛИОНИ за семафор во сала во Куманово!
Десет милиони денари потрошил кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски за СЕМАФОР во спортска сала, што го прави веројатно еден од најскапите семафори во светот, на ниво на семафори во салите во кои се игра НБА.
Предмет на набавката е „За Спортска сала: браварија,надворешни скали,осветлување, партерно уредување, набавка и на семафор висечки четворостран мултифункционален и друго“, договорот е склучен на 21.05.2024, во вредност од 69.885.289,88 денари или МИЛИОН И 145 ИЛЈАДИ ЕВРА, од кои 10 милиони денари се само за семафорот.
Семафорот, како што се објаснува во договорот е „мултифункционален, четиристран“ и слично, што го прави вреден неверојатни ДЕСЕТ И ПОЛ МИЛИОНИ денари, односно најскап дел од набавката и поскапо од градежните работи, ѕидарски и фасадерски услуги, рушење и отстранување на стариот објект…
Семафорот е детално опишан:
Набавка ,транспорт и монтажа на главен четворостран ЛЕД видео матричен спортски семафор IS2-101-P5-384×768-INDOR 4S со намена за одигрување на натпревари во кошарка,ракомет, одбојка и мал фудбал-со димензии 1920 х 3840 мм со челична конструкција за негово држење на кров како и мотори за подигнување и симнување. Покрај главните функции може да се користи за прикажување на други мултимедијални содржини (видео снимки, текст, фотографии).Видео семафорот е во склад со ФИБА левел-1 стандард. Семафорот мора да биде во склад со веќе постоечки семафорски систем (главен ЛЕД семафор и семафори за акциони времиња) Како доказ за квалитетот понудувачот е должен да достави сертификат издаден од страна на една или повеќе спортски организации (FIBA,FINA,UEFA,FIFA,EHF,IHF,EUROLEAGUE BASKETBALL) . |
Ова е описот на семафорот, кој во најлош случај би чинел неколку илјади евра…
Поскапи од семафорот се единствено електротехничката опрема и инсталациите, што за целиот објект чинат 12 милиони, додека фамозниот семафор чини десет и пол милиони денари.
Инаку, на јавниот оглас има само еден понудувач, компанијата КИНГ ТРЕЈД КО ДОО увоз-извоз Кочани, која според јавно достапните податоци има само петмина вработени.
Во тендерската документација која е објавена од страна на Општина Куманово, покрај основните услови се предвидува и гаранција.
– Договорниот орган ќе бара од понудувачот чија понуда е избрана за најповолна да обезбеди гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот во вид на банкарска гаранција во вредност од 5% од вредноста на договорот за јавна набавка, стои во документацијата. Овие пет проценти за оваа конкретна набавка изнесуваат речиси 3.5 милиони денари или 57.2 илјади евра.
Ние поставувме прашање до кумановскиот градоначалник, кој е потписник на договорот како може семафорот да чини десет и пол милиони денари и зошто постапката не е повторена, бидејќи се јавил само еден понудувач. Еве што одговори Димитриевски:
– Семафорот за кој вие поставувате прашање се однесува на централниот четиристран семафор со димензии 4 х 200см х 400см лед табли кој покрај основна функција е и лед видео матричен и може да прикажува мултимедијални содржини а воедно ги исполнува и највисоките стандарди од фиба левел 1, со вклучено синхронизирање на сите семафори во салата и вклучена опрема за комплет мултимедија пренос (миксета, хардвер, софтвер, оптика, напојување и др.)
Дополнително во таа цена е вклучено изработка и монтажа на челична носечка подконструкција за носење на патосот меѓу семафорите, главна скала за пристап од патека до појасот на семафорите, помошна патека за премин преку каналите за климатизација, еднострана ограда на патеките обложени со челичен лим со заштита.
Што се однесува до главниот семафор за прикажување на резултат и статистика на игра според фиба стандард истиот чини 965.000ден. (набавка, транспорт, инсталација и пуштање во употреба)
Постапката е спроведена според закон и не е повторена бидејќи понудата не ја надминала вредноста на предмер пресметката во проектната документација за реконструкција на спортската сала за тие позиции и ставки.
Дали семафорот е согласно пазарната вредност треба да утврдат надлежните органи, треба да се провери и зошто набавката не е поништена па повторена, со цел да се остави можност за пријавување на останати правни лица и намалување на цената на набавката.
Дополнително, договорот е изменет и рокот за извршување на работите во изменетиот договор е продолжен за 15 дена..
Како причина зошто е изменет рокот за изведба на работите се назначуваат околности кои договорниот орган не можел да ги предвиди и суштински не се менува природата на договорот за јавна набавка или рамковната спогодба.
Инфомакс претходно објави ексклузивни информации и документи за тоа како со 2.500 евра се купуваат станови од 8 МИЛИОНИ денари во Куманово и зошто ЛИДЛ купил земјиште од кумот на Максим Димитриевски за 600.000 евра. Детали за ова прочитајте на линковите во продолжение.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
НБА вода да носи: Максо дал 10…
Десет милиони денари потрошил кумановскиот градоначалник Максим…
Со ново одделение, ЈО ќе се бори…
Со 8 обвинители во ново одделение за…
Предистражна постапка поради основи на сомневање за…
По доставено известување од страна на МВР…
Акција „Кипер“ – Се бара притвор за…
Денешната координирана полициска операција со кодно име…
Скопјанец осомничен за обид за силување
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за…