(Ексклузивни снимки) Не постои јазично студио „Јулија“ во Пловдив – Дали директорот на АНБ прикажал лажен TOEFL сертификат?
Јазично студио „Јулија“ во Пловдив, Бугарија не постои, покажуваат ексклузивните снимки на Инфомакс од адресата кадешто треба да биде сместено јазичното студио од кое директорот на АНБ, Бојан Христовски, наводно добил TOEFL сертификат за познавање на англискиот јазик.
Христовски, како што е наведено во неговата официјална биографија, добил сертификат за познавање на англиски јазик од јазично студио „Јулија“ во Бугарија. На прашањето зошто не набавил сертификат за познавање на јазик од Македонија, Христовски во гостување во „360 степени“ рече дека во 2022 година тоа било најбрз можен начин да се добие сертификат, бидејќи таму имале термини.
Прво, да провериме дали тоа е точно.
Во членот 10 од Законот за АНБ, во делот за познавање на странски јазици се определува дека покрај најпознатиот TOEFL сертификат, директорот на АНБ може да има и некој од другите меѓународно признаени сертификати, како на пример АПТИС и тоа најмалку ниво Б2.
Во Октомври, 2022 година, кога директорот на АНБ брзал да добие сертификат за познавање на јазик во Центарот за странски јазици во Скопје секој месец имале по два или три термини за полагање на испитот, што значи дека Христовски можел кога и да посака да се пријави и да полага тест за да се стекне со АПТИС сертификатот.
Но да се вратиме на „Јулија“ од Пловдив, Бугарија, „јазичното студио“ кое издало низа лажни TOEFL сертификати за лица од Македонија, а за кое и МВР има соодветна евиденција.
Гледач на Инфомакс од Бугарија денеска отиде во Пловдив, на адресата која студиото ја има оставено на нивната Фејсбук страница, а која ја има во регистарот на фирми во Бугарија.
Нашиот гледач направи мало истражување по кое стана јасно дека јазично студио „Јулија“ во Пловдив не постои, а никој од околината не знаеше дека некогаш воопшто имало такво нешто.
Нашиот гледач објасни дека адресата е во стариот дел на Пловдив, на убаво место каде има седишта на разни бизнии, има дуќани, меѓутоа јазичен центар „Јулија“ на таа адреса не постои.
Дека во Пловдив никогаш немало овластено студио кое доделува TOEFL сертификат денеска потврдија и бугарските колеги оф ФАКТОР.БГ .
– Проверката на Интернет покажува дека нема официјална веб-страница или друга реклама на јазичното училиште ’Julia Co.LTD’, како што тврди Христовски. Пронајдена е само фејсбук-страница на консултантска куќа со слично име, која се занимава со посредување при работа во странство, подготовка на документи, преводи и легализација, пишува „Фактор.бг“.
Новиот директор на АНБ, Бојан Христовски, ја презел функцијата со фиктивна диплома за англиски јазик од Пловдив, пишува бугарски „Фактор“. Во написот, како што се наведува, на посочените адреси во Пловдив нема такво јазично училиште. Порано таму била сместена компанијата „Julia Co.LTD“, но сега канцеларијата е затворена и работат онлајн.
Во телефонски разговор, лицето кое одговорило на бројот објавен во брошурата посочило дека компанијата не издава сертификати за ТОЕФЛ и не врши обука за добивање на таков сертификат, пишува „Фактор.бг“.
Јазичното студио „Јулија“ веќе издало низа лажни сертификати за македонски државјани.
Инфомакс вчера објави дека две директорки на образовни институции во Македонија добиле кривична пријава за лажен сертификат издаден од истото јазично студио како и сертификатот кој го добил директорот на АНБ, Бојан Христовски.
Министерот Панче Тошковски на 26 април на социјалните мрежи објавил дека е поднесена кривична пријава за велешанка која приложила лажен сертификат за пзнавање на англиски јазик при аплицирање за директорска позиција во Велес.
Велешката полиција поднесе кривична пријава против М.В.(44) од Велес, поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“.
Како што информираат денеска од МВР, пријавената, на функција директор во општинска јавна установа за деца – детска градинка во Велес, прибавила меѓународно признаен сертификат за познавање на англиски јазик со нејзино име, издадена од училиште за јазици од Пловдив, Бугарија.
Иако знаела дека исправата е со невистинита содржина, М.В. ја употребила како доказ дека поседува меѓународно признаен сертификат при нејзиното аплицирање на Јавен оглас за избор на директор на детската градинка, по што и била именувана на функцијата.
А еве ја и објавата на министерот Тошковски.
Ист случај имало и во Кисела Вода каде градоначалникот Орце Ѓорѓиевски разреши директорка на образовна институција откако утврдиле дека прикажала лажен сертификат за познавање на јазик.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски разреши директорка на основно училиште која поседувала лажна диплома за странски јазик во февруари годинава, што секако е одличен потег особено откако дознавме дека новоименуваниот директор на АНБ има TOEFL сертификат од Пловдив, Бугарија.
Ѓорѓиевски тогаш потенцираше дека правдата мора да излезе на виделина и при тоа да нема никакви негативни последици врз учениците и наставно-научниот процес.
–Нема компромис кога е загрозен законот. Директорката веднаш е разрешена. По добиените информации дека една директорка на основно училиште поседувала лажна диплома за странски јазик, донесов одлука за нејзино разрешување. При самиот избор, разгледувањето на документацијата и интервјуто од страна на Училишниот одбор не било возможно да се увиди дека списите не се регуларни, при што е изготвен извештај за избор на најдобар кандидат, кој што ќе биде поништен, и наскоро училиштето ќе добие нов в.д. директор, истакна Ѓорѓиевски.
Правдата мора да излезе на виделина, вели Ѓорѓиевски, при тоа да нема никакви негативни последици врз наставно-научниот процес и врз самите ученици.
–Апелирам надлежните институции да го расветлат случајот до крај, непристрасно, исклучиво водејќи се според законодавната легислатива. Врвен интерес преставува владеењето на правото и работа во интерес на сите граѓани на Општина Кисела Вода, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Во меѓувреме ниту Владата ниту директорот на АНБ не ги демантираа вчерашните објави на Инфомакс. Претходно и СДСМ објасни дека во Пловдив не постои сертифициран TOEFL центар, а никој не ги демантираше ниту тие информации.
Останува Министерството за внатрешни работи, да провери како директорот на АНБ добил сертификат за познавање на англиски јазик и да постапи исто како и во претходните случаи кога поднело кривични пријави, а лицата биле разрешени од функциите.
Благодарност од редакцијата на Инфомакс до нашиот гледач од Бугарија кој ни ги истрати овие фото и видео материјали.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Ексклузивни снимки) Не постои јазично студио „Јулија“…
Јазично студио „Јулија“ во Пловдив, Бугарија не…
Велешанка доби кривична за лажен TOEFL сертификат…
Ќе поднесе ли министерот за внатрешни работи…
Христовски: Во целост ги исполнувам сите законски…
„Именувањето на директор со одлука на Владата…
МВР му поднело кривична за местење на…
Актуелниот државен секретар во Министерството за внатрешни…
Талевски: АНБ е брутално партиски киднапирана, директорот…
„Назначувањето на директорот на АНБ е најскандалозната…