Зеленски го губи тлото под нозете
Воено послабите украински сили во последните недели полека губат територија пред руското напредување.
Во главниот град Киев, на претседателот Володимир Зеленски брзо му се губи тлото под нозете, пишува AFP. Американскиот претседател Доналд Трамп, неговиот најмоќен, но и непредвидлив сојузник, ја доведе во прашање повеќегодишната силна американска поддршка, преземајќи низа опасни и лажни аргументи од пропагандната машина на Кремљ.
Трамп го прогласи Зеленски за корумпиран „диктатор“ и лажно тврдеше дека повеќе не е легитимен украински лидер. Истовремено, руските единици напредуваат долж големото боиште.
„Зеленски не е добро подготвен да се бори против овие два предизвика одеднаш“, рече Силвестер Носенко, професор по меѓународни односи во Киев и поранешен преведувач на украинскиот лидер.
Зеленски сега мора брзо да смисли нови аргументи за да го убеди Трамп дека Украина е важна, додаде тој, дури и ако руските и американските претставници водат преговори за да постават темели за мир.
„Но за тоа нема многу време“, рече Носенко за AFP.
Зеленски, поранешен комичар, е ценет во странство и споредуван со Винстон Черчил кога во февруари 2022 година остана во Киев за да го води отпорот на својата земја против руската инвазија. Во судирот со Трамп изгледа дека е подготвен за уште една битка.
Оваа недела ја откажа официјалната посета на Саудиска Арабија за да избегне непланирани состаноци со американски претставници кои ден претходно го прекршија повеќегодишниот американски протокол собирајќи се на преговарачката маса со Русија.
Приближување кон Русија?
По враќањето во Киев, го обвини Вашингтон дека му помага на Путин да излезе од изолација и рече дека Трамп е заробен во меурот на руските „дезинформации“. А во Турција оваа недела, Зеленски потсети на украинскиот отпор во првите денови на инвазијата, кога земјата беше притисната до ѕид и Кремљ бараше да капитулира и да се предаде.
„Ако не попуштивме пред сите тие ултиматуми во најтешкиот момент, зошто се очекува дека Украина ќе попушти сега?“, рече тој.
Деканот на Економскиот факултет во Киев, Тимофиј Милованов, рече дека реториката што доаѓа од Вашингтон „не е пријатна“, но и дека Трамп можеби само сака да изврши притисок врз Зеленски.
„Зависи од тоа што Трамп навистина има на ум. Дали сака да се приближи кон Русија?“, рече тој.
Извор од опкружувањето на украинскиот претседател рече дека во канцеларијата на Зеленски нема паника и дека ситуацијата може да се толерира, со оглед на тоа дека Киев се подготвил за турбулентни односи со Трамп.
„Земјата сака мир, но не по цена на понижување“, рече изворот за AFP.
Сепак, продлабочувањето на кризата во странство му доаѓа на Зеленски во момент кога му растат и проблемите дома.
На Зеленски (47), кој муневито се искачи на власт во 2019 година, силно му паѓа поддршката во јавноста во однос на почетокот на војната, кога беше поголема од 90 проценти.
„Ниеден лажго нема право да зборува против него“
Испитувањето на Меѓународниот институт за социологија од Киев, чии резултати беа објавени во средата, покажаа дека неговиот рејтинг нешто се опоравил во последните недели, но се движи околу 57 проценти.
Старите политички ривалства повторно избиваат на површина. Неговата одлука од минатата недела да воведе санкции за поранешниот претседател Петро Порошенко предизвика протести во парламентот, што потсети на политичките нестабилности и поделби пред војната.
Порошенко за одлуката рече дека е „голем удар на внатрешното единство“, а градоначалникот на Киев Виталиј Кличко, долгогодишен ривал на Зеленски, рече дека спорот ѝ штети и на демократијата и на целата земја.
Уште повеќе што поранешниот главен командант на вооружените сили Валериј Залужни, кој се смета за фаворит на претстојните избори, оваа недела одби да исклучи дека ќе се кандидира за претседател.
Но, немилосрдните критики на Трамп би можеле да ги поттикнат Украинците да се обединат околу својот лидер како на почетокот на војната.
Борис Филатов, градоначалник на Днипро, рече дека, што и да мислат Украинците за својот лидер, критиките од странство се неприфатливи.
„Ниеден лажго во Москва, Вашингтон или каде било на друго место нема право да зборува против него“, напиша тој на интернет.
Поранешната заменик-министерка за одбрана Гана Малјар, многу непопуларна политичарка сменета кон крајот на 2023 година, тоа го изрази уште подиректно во објава на социјалните медиуми.
„Порано само Путин можеше да ги обедини Украинците. Сега тоа му успева и на Трамп“, напиша таа.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Трамп со застрашувачка објава: Итно евакуиратје го…
Американскиот претседател Доналд Трамп на социјалната мрежа…
САД се подготвуваат да копаат литиум во…
Украинските власти ги презедоа првите чекори за…
Земјотрес со јачина од 4,2 степени ја…
Земјотрес со јачина од 4,2 степени според…
(Видео) Израел нападнат со ракети и дронови…
Иранските државни медиуми известуваат за заеднички напад…
Курти по изјавата на Трамп: Треба да…
Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин…