Мицкоски за Денот на албанската азбука: Македонија е дом на различности кои ја збогатуваат нашата заедничка национална приказна
Говор на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски по повод Денот на албанската азбука.
„Почитувани гости,
Дами и господа,
Денес сме собрани за да го одбележиме Денот на албанската азбука.
Ден кој носи силна историска и културна симболика.
Ден поврзан со градот Битола и со еден од најзначајните моменти во модерната албанска историја – Конгресот во 1908 година.
Тогаш, во Битола, град што прераснат во центар на напредни идеи, движења и визии, албанската интелигенција го направи крупниот чекор кон создавање на една унифицирана азбука, темел на јазичната и културната кохезија на Албанците.
Тоа беше чин со длабоко европско значење.
Чин на модернизација, образование и отвореност.
Во период кога Балканот минуваше низ тешки предизвици, Битолскиот конгрес покажа дека силата на едно општество произлегува од знаењето, од јазикот и од вербата во иднината.
Драги сограѓани,
Овој ден е важен и за нашата држава.
Македонија е дом на различности кои не разделуваат, туку ја збогатуваат нашата заедничка национална приказна.
Албанската заедница со својата култура, јазик, традиции и вредности е суштински дел од нашата држава.
Денес, кога го одбележуваме Денот на албанската азбука, оддаваме признание на напорите на генерации кои се бореле за образование, писменост и културен развој, но и на сите кои денес го продолжуваат тој пат.
Нашата заедничка татковина се темели на идејата дека секој граѓанин има еднакво место, еднаква вредност и еднаква можност.
Токму затоа, Владата останува посветена на политики кои градат меѓуетничка доверба, создаваат простор за достоинствен развој на јазиците и културите и ја зајакнуваат кохезијата меѓу сите наши граѓани.
Имаме амбиција и сакаме да градиме општество во кое младите Македонци, Албанци, Турци, Срби, Бошњаци, Роми, Власи и сите други ќе ја гледаат својата иднина овде – во силна и развиена татковина.
Општество во кое секој јазик е мост, а не граница.
Сила, а не поделба.
Богатство, а не предизвик.
Почитувани пријатели,
Во оваа насока, Владата активно работи на проекти кои создаваат подобар живот за сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност.
Посветени сме на унапредување на инфраструктурата и можностите во секоја општина, на модернизација на училиштата, на поддршка на културните институции и на отворање нови можности за младите.
Во тек се програми за дигитализација на услугите, за економски развој на локалните заедници и за јакнење на институциите што се грижат за рамноправност и интеграција.
Нашата цел е секој граѓанин, во секој дел од државата, да го почувствува напредокот и да знае дека државата стои зад него. Ова не е само политичка обврска, туку морална должност кон идните генерации.
Дозволете ми, на крај, да упатам порака која е суштинска за нашата сегашност и за иднината што сакаме да ја градиме: успехот е наш заеднички проект.
Само ако сме обединети во почит, доверба и одговорност, ќе можеме да постигнеме резултати што ќе ја движат татковината напред.
Нека е честит Денот на албанската азбука.
Да продолжиме да ја градиме нашата заедничка татковина со почит кон различностите и со јасна визија за иднината. – рече Мицкоски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
СДСМ: Скопје се гуши, Мицкоски и неговите…
Скопје со денови е задушено во чад.…
Ќе побара ли Мицкоски одговорност од Претседателот…
Скопје е задушено во чад поради горењето…
Филипче: Граѓаните во Скопје се гушат, Мицкоски…
Скандалозна е изјавата на премиерот Мицкоски за…
Се заваруваат сите шахти на трасата каде…
Сите шахти на трасата каде поминува Премиерот…
Мицкоски на родителите им барал да му…
Родителите на починатите деца во пожарот во…