Во подготовка инвестиција од 74 милиони евра за модернизација на Клиничката болница во Тетово
Министерот за здравство, д-р Сашо Клековски, заедно со заменик-министерот Јовица Андовски, директорот на Фондот за здравствено осигурување Златко Перински, градоначалникот на Тетово Билал Касами, директорот на Клиничката болница Тетово, д-р Ерзен Елези, како и делегација на Светска банка и претставници на Министерството за здравство, денеска ја посетија Клиничката болница во Тетово.
На средбата бил презентиран концептот за темелна реконструкција, проширување и целосно опремување на болницата. Проценетата вредност на проектот изнесува 4,56 милијарди денари, односно околу 74 милиони евра, а конечниот финансиски модел ќе биде дефиниран по изработката на потребните анализи и документација.
Проектот предвидува реконструкција и модернизација на хируршкиот и интернистичкиот блок, изградба на нов павилјон за повеќе медицински дејности, посебен објект за гинекологија, акушерство и неонатологија, набавка на современа медицинска опрема и ИТ-системи, како и отстранување на дотраените објекти и целосно уредување на болничкиот комплекс.
„Ова е инвестиција во достоинството и сигурноста на пациентите и во подобри услови за здравствените работници. Нашата цел е граѓаните од Тетово и полошкиот регион да добиваат современа и навремена здравствена услуга блиску до местото на живеење“, истакна министерот Сашо Клековски.
Според Министерството за здравство, инвестицијата е од особено значење за околу 251.500 жители од полошкиот регион, бидејќи треба да обезбеди повеќе здравствени услуги на локално ниво, пократко време на чекање и намалување на потребата пациентите да се упатуваат на лекување во Скопје.
Во рамки на посетата, со претставниците на Светска банка биле разгледани и следните чекори за реализација на проектот, меѓу кои подготовка на физибилити студија, изработка на техничка документација, анализа на трошоците и придобивките и дефинирање на одржлив модел на финансирање.
Од Министерството посочуваат дека проектот ќе се реализира во координација со Фондот за здравствено осигурување, Општина Тетово и раководството на Клиничката болница, со цел да се обезбеди транспарентна и ефикасна подготовка во сите фази на инвестицијата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Жена тешко повредена во Тетово, паднала додека…
Денеска во СВР Тетово е пријавено дека…
Училиштата во Тетово повторно мета на лажни…
Лажни дојави за бомби повторно ги вознемирија…
Хаос во Тетово: насилник ѝ се заканувал…
Пресметка меѓу повеќе членови на две семејства…
Маж од Тетовско две години ѝ барал…
Маж од Тетовско две одини ја уценувал…
Му побарале уплата на шалтер, тој го…
Инцидент се случил во Клиничката болница во…