Објавено на:

Америка крие тела на четири вида вонземјани, тврди научник што работел со Пентагон

t

Научник, кој со децении работел со програмата на Пентагон за НЛО тврди дека видел докази оти САД кријат тела на припадници на четири различни вонземски раси, пронајдени во летала што се урнале на Земјата, објави „Дејли мејл“.

Д-р Ерик Дејвис, астрофизичар специјализиран за напредни технологии за погон на летала, изјави дека лично видел доверливи фотографии и документи на американската влада кои, според него, го потврдуваат постоењето вонземски живот пронајден во остатоците од урнати НЛО.

Тој тврди дека станува збор за најмалку четири различни вида, чии тела САД ги чуваат во строго доверливи објекти. Дејвис додаде дека локациите на кои се складирани телата биле променети за време на администрацијата на Барак Обама.

Конкретно ги спомена вонземските раси познати како Сивите, Нордијците, инсектовидни суштества што наликуваат на богомолки со човечка големина и вид наречен Рептили, поради нивниот човеколик изглед со карактеристики на гуштери.

– Знаеме за најмалку четири. Ги видов доказите и документите – изјави Дејвис во емисијата „Кејти Павлич тунајт“ на телевизијата „Њузнејшн“.

Сивите ги спореди со вонземјаните прикажани во научнофантастичниот филм „Блиски средби од трет вид“ – ниски хуманоидни суштества со сива кожа, големи глави и црни очи. Нордијците, пак, наводно личат на исклучително високи Скандинавци со руса коса и имаат најмногу човечки карактеристики од сите споменати вонземски раси.

И покрај јавните тврдења на Дејвис и објавувањето претходно доверливи документи поврзани со НЛО, Белата куќа и американската војска и натаму тврдат дека никогаш не бил пронајден физички доказ за постоење вонземски живот.

Теорија на заговор стара со децении

За помалку упатените, теоријата за „рептилите“ ја популаризираше британскиот теоретичар на заговори Дејвид Ајк во 1990-те. Според неа, вонземски или меѓудимензионални суштества слични на гуштери можат да добиваат човечки облик и со векови се инфилтрирани во владите, кралските семејства, финансиските институции и медиумите за да управуваат со човештвото.

Теоријата спојува мотиви од научната фантастика, уфологијата и постарите приказни за тајни светски елити, но за неа не постојат проверливи научни докази. Истражувачите предупредуваат дека некои нејзини верзии ги повторуваат старите антисемитски наративи за тајни крвни лози и еврејски семејства што наводно го контролираат светот, иако Ајк ги отфрла таквите обвинувања.

„Фотографиите се доверливи, не може да се објават“

За време на интервјуто во понеделникот, Дејвис изјави дека фотографиите и документите што му било дозволено да ги види и натаму се доверливи и оти не постои можност да бидат објавени во следните неколку децении.

– Тие сè уште се доверливи и не се опфатени со Законот за слободен пристап до информации, бидејќи веројатно се класифицирани за период од 50, 70 или, мислам, 75 години – објасни Дејвис.

Тој рече дека веќе нема пристап до внатрешните кругови на американското Министерство за војна и изрази незадоволство од брзината со која тимот на Пентагон ги објавува документите за НЛО, како и од информациите содржани во првите пет пакети објавени од мај.

Илјадниците фотографии, видеоснимки и документи стари неколку децении што Пентагон ги објави годинава досега не понудија конечен доказ дека постојат вонземјани или дека тие ја посетиле Земјата.

Дејвис, меѓутоа, тврди дека постојат уште фотографии и видеоснимки што би можеле да бидат објавени и кои, според него, претставуваат доказ за вистински средби со НЛО. Тој додава дека „тие материјали не содржат чувствителни информации што би ги откриле методите со кои САД ги собираат разузнавачките податоци“.

Дејвис бара имунитет од Трамп

Астрофизичарот јавно побара од претседателот Доналд Трамп да му даде имунитет за да може да ги открие информациите за наводните вонземски раси без опасност да биде кривично гонет поради објавување државни тајни.

– Триесет години истражував неидентификувани аномални појави. Видов доверливи и заштитени докази од одбранбената и разузнавачката индустрија. Американската и светската јавност имаат право да ги видат тие докази – изјави Дејвис во видеоснимка објавена на платформата „Икс“.

Тој побара од Трамп да ги ослободи потенцијалните информатори од обврските што произлегуваат од договорот за доверливост СФ-312.

– Господине претседателе, со Вашиот потпис можете да го укинете договорот за доверливост СФ-312 и да ги заштитите информаторите за неидентификувани аномални појави, како мене. Ве повикувам да дејствувате брзо и решително, бидејќи природата на овие појави не треба да остане строго доверлива – рече Дејвис.

Тој тврди дека сите фотографии, извештаи и воени документи што ги видел се однесувале на мртви тела извлечени од урнати НЛО. Според него, во материјалите немало информации за живи вонземски суштества заробени од американската војска.

– Не знам со што се хранат. Колку што ми е познато, повеќето биле пронајдени мртви. Слушнав дека Дејвид Груш споменал оти знаел за еден примерок што бил заробен жив, но не знам ништо повеќе за тоа – објасни Дејвис.

Груш е еден од најгласните американски информатори кога станува збор за НЛО и наводното постоење вонземски живот. Тој поминал 14 години во американските воздухопловни сили, а потоа работел како разузнавач во Националната извидувачка канцеларија, која произведува и лансира надзорни сателити за Пентагон.

Од 2019 до 2021 година ја претставувал институцијата во Работната група за неидентификувани аномални појави. Подоцна станал информатор, откако наводно дознал дека делови од американската влада го спречувале Конгресот да врши надзор врз прашањата поврзани со вонземски живот.

И Груш бара претседателски имунитет за информаторите поврзани со НЛО, за да можат јавно да сведочат за она што наводно го виделе додека работеле на доверливи проекти за напредни погонски системи и национална безбедност.

Дејвис, кој сега е член на непрофитната Фондација за обелоденување, од 2007 година работел како советник на програмата на Пентагон за НЛО. Тој и претходно зборувал за урнати вонземски летала и пронајдени тела, вклучително и на сослушување во Конгресот.

Неговите тврдења, кои досега не се докажани ниту потврдени од Пентагон, ги поддржа и истражувачот на НЛО и поранешен научник на ЦИА, д-р Хал Патоф.

Патоф јавно тврдеше дека американската влада поседува најмалку десет вселенски летала што во изминатите 80 години се урнале или биле оставени на Земјата.

Дејвис, исто така, тврди дека разговарал со командантот на воздухопловната база Рајт-Патерсон во Охајо, кој наводно му потврдил дека остатоците од инцидентот со НЛО во Розвел во 1947 година биле пренесени во базата непосредно по падот.

Што вели науката?

Науката не ја исклучува можноста дека живот постои и надвор од Земјата, но досега не е пронајден веродостоен доказ дека вонземски суштества ја посетиле нашата планета. НАСА наведува дека нема докази оти неидентификуваните аномални појави имаат вонземско потекло, додека службата на Пентагон за истражување на овие појави соопштува дека не открила проверливи докази за вонземски суштества, активности или технологии, ниту, пак, дека американската влада поседува вонземски летала или тела.

Дел од пријавите остануваат необјаснети поради недостиг од квалитетни податоци, но „необјаснето“ не значи и „вонземско“. Од научна гледна точка, личните сведоштва и недостапните доверливи фотографии не се доволен доказ без материјални примероци, независна проверка и резултати што можат да се повторат.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Америка крие тела на четири вида вонземјани,…

Научник, кој со децении работел со програмата…

Долгот на САД за првпат надмина 40…

Јавниот долг на САД за првпат ја…

Венецуела половина од произведената нафта ја испорачува…

Околу половина од нафтата што моментално се…

33% – Поддршката за Трамп падна на…

Поддршката за американскиот претседател Доналд Трамп падна…

Ердоган разговараше со Трамп: Турција ќе продолжи…

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во вторникот…