Објавено на:

Италијански бизнисмен поставил бомба пред домот на новинар, ама тоа го сторил „за негово добро“

t

Италијанскиот бизнисмен Валтер Лавитола признал дека го организирал бомбашкиот напад врз куќата на познатиот истражувачки новинар Сигфридо Ранучи. Според неговиот адвокат, намерата на Лавитола била новинарот, кој воедно е и негов пријател, да добие посилни безбедносни мерки. Признанието го дал пред истражителите откако бил уапсен на почетокот на неделата, пишува „Гардијан“. 

Во октомври минатата година, пред домот на Ранучи во место во близина на Рим експлодирала импровизирана, но силна бомба. Во експлозијата речиси целосно биле уништени неговиот автомобил и возилото на неговата ќерка. Првично постоеле сомнежи дека зад нападот стои мафијата.

Кон крајот на јуни биле уапсени уште четири лица, осомничени дека го извршиле нападот по наредба на Лавитола. Лавитола бил близок со Ранучи, водител на истражувачката емисија „Репорт“ на италијанската државна телевизија Раи.

Адвокатот на Лавитола, Серџо Кола, објаснил дека неговиот клиент го организирал нападот со цел Ранучи да добие посилна полициска заштита поради смртните закани од мафијата.

„Го направил тоа за доброто на Ранучи бидејќи бил мета на напади“, изјавил Кола.

„За две години ќе бидеш премиер“

Лавитола истовремено ги отфрлил обвинувањата дека мотивот бил зголемување на популарноста на Ранучи за тој да влезе во политиката, од што и самиот Лавитола би имал корист. Овие тврдења се дел од истражниот извештај во кој „Гардијан“ имал увид, а во него има и транскрипти од телефонски разговори.

Во еден од нив, Лавитола наводно му вели на Ранучи:

„За две години ќе бидеш премиер“.

Истражителите не наведуваат дека Ранучи бил запознаен со планот, а самиот новинар претходно изразил шок поради апсењето на Лавитола.

Ранучи во своите истражувања се занимава со криминал и корупција, а неговите теми често биле поврзани со министри во италијанската влада. Во моментов води судски постапки за клевета против коментатори и политичари кои го обвиниле дека самиот го инсценирал нападот за лична корист.

Неговиот адвокат Роберто Де Вита изјавил дека Ранучи, доколку тврдењата за мотивот на Лавитола се точни, е „тројна жртва“.

„Жртва е на тежок и опасен напад, потоа на предавство и искористување од пријател во момент на целосно лудило. На крајот, што е можеби и најлошо, жртва е на масовен и непрекинат медиумски и политички линч, кој преку различни претпоставки и инсинуации се обиде да ја прикаже жртвата како некој што свесно или несвесно профитирал од нападот“, изјавил Де Вита.

Случајот се одвива во контекст на пошироката дебата за слободата на медиумите во Италија и безбедноста на новинарите. Ранучи јавно зборувал за мешањето на десничарската влада на Џорџа Мелони во работата на телевизијата Раи.

Раководството на телевизијата покренало внатрешна ревизија на неговите новинарски методи, откако на почетокот на јули се дознало дека истражителите го испитуваат Лавитола.

„Можен случај на Стокхолмски синдром“

Вицепремиерот Матео Салвини побарал суспензија на Ранучи. Во јавноста се појавиле и прашања за односот на Ранучи со Лавитола, поранешен новинар и сопственик на ресторан во Рим.

Тие се спријателиле во 2019 година, откако Ранучи го истражувал Лавитола, кој претходно бил вмешан во неколку судски постапки.

Меѓу нив е и пресуда за изнуда на покојниот премиер Силвио Берлускони. Ранучи на почетокот на јули за весникот „Кориере дела Сера“ изјавил дека никогаш не го криел тоа пријателство и го опишал како можен случај на „Стокхолмски синдром“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Италијански бизнисмен поставил бомба пред домот на…

Италијанскиот бизнисмен Валтер Лавитола признал дека го…

Ескалира спорот во ЕУ: Шпанија воведува гранични…

Шпанија воведе гранични контроли на целиот воздушен…

Италија со нов предлог за миграцијата: Центри…

Италија на денешниот вонреден состанок на министрите…

Силен земјотрес ја погоди Италија, најсилно почувствуван…

Земјотрес со јачина од 4,5 степени според…

Министерство за правда: Италија е наш силен…

На денешната средба на министерот за правда…