Пендаровски: Мицкоски прави дефокус од евентуалните средби што ги имал со Палевски

t

Министерството за внатрешни работи треба да даде прецизни контрааргументи на тезите на ВМРО-ДПМНЕ за движењето на автомобилот со кој беше киднапирана Вања Ѓорчевска во Скопје, но партискиот лидер Христијан Мицкоски пласира шпекулации со кои сака да го дефокусира вниманието од неговите евентуални средби со првоосомничениот.

Ова е ставот на претседателот Стево Пендаровски во однос на секојдневните прашања кои на јавна сцена ги поставува ВМРО-ДПМНЕ со кои алудира дека истрагата доцнела, а фокусот е на потрагата по автомобилот на Панче Жежовски.

Пендаровски: Повторно зборуваме на ниво на впечатоци, бидејќи ова што опозиционата партија го кажува на дневна основа, прилично настојчиво, прилично фреквентно, во еден ден по неколку пратеници, претставници на таа партија тоа го зборуваат, треба да се провери, треба да се добијат и контрааргументи дали е тоа точно. Меѓутоа, мојот првичен впечаток е дека се обидуваат да го пренасочат вниманието на јавноста од евентуалните средби кои нивниот прв човек ги имал со првоосомничениот.

360°: Имате информации дека такви средби се случувале?

Пендаровски: Тоа го има на ниво на медиумски извештаи кои треба да се докажат, меѓутоа не можам да сфатам при еден ваков, во овој момент, успешно решен случај во оваа фаза, која е потребата да кажувате во јавност дека имате сознанија, дека не е баш така како што кажува МВР или ОЈО, а ќе ги соопштите подоцна. Тоа е една непотребна политичка шпекулација која мора да има политички мотиви, инаку вие прикривате податоци за извршено кривично дело.

360°: Тоа го зборува Мицкоски, но, Ковачки на пресовите, еве вчера, излезе со конкретни термини, тајминзи, во коишто наводно автомобилот на Панче Жежовски е лоциран на кaмерите на „Сејф сити“ во Скопје.

Пендаровски: Во однос на тоа, МВР треба да излезе со прецизни контраодговори. Апсолутно. Виден е, не е виден, констатиран е, има ли затајување на таа линија на командување, тоа е хиерархиски поставен орган, значи на тоа треба да се одговори. Меѓутоа, да одите со шпекулации уште првиот, вториот ден по апсењето на групата, дека станува збор за сосема други информации, кои ќе фрлат сосема поинакво светло на овој настан, е непотребна политичка манипулација“.

Пендаровски вели дека информации што тој ги има за случајот се исти со оние што досега се споделени со јавноста. Тој смета дека премногу е рано да се даде оценка за постапувањето на надлежните органи бидејќи случајот е во многу почетна фаза, иако неговите први впечатоци се дека до овој момент е постапувано многу брзо, дури несвојствено за македонски органи на прогонот.

Случајот со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски е главна тема во јавноста. МВР поднесе кривични пријави и сега ги пренасочува новинарите прашањата да ги поставуваат до Обвинителството. Од Обвинителството, пак, велат дека сè уште се чекаат наодите од обдукцијата и дека доколку во моментов се споделат дополнителни информации за случајот, тоа може да ја компромитира истрагата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Петровска: Внатрешната контрола во МВР нарачана од…

„Овој случај не беше одолговлекуван, ниту се…

Детали од средбата Заев-Ковачевски-Ахмети: Мицкоски останува без…

На заеднички ручек во пријателска атмосфера екс-премиерот…

Продолжен притворот за осомничените за убиството на…

Продолжен притвор од 30 дена добија петмината…

Обраќање на претседателот Пендаровски во Собранието на…

Претседателот Стево Пендаровски, утре, 19 декември 2023…

По изјавата на Агелер за случајот со…

Додека МВР притвора другите ги ослободуваат –…