Редовна неделна колумна на Проф. Оливер Андонов: Мицкоски е хистеричен и создава внатрепартиска и општествена хистерија

t

Хистерија

Очигледно е дека активностите на внатрепартиската фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ создадоа партиска и општествена атмосфера во која Мицкоски станува се понервозен. Понервозен е затоа што пред нашите меѓународни партнери, пред се стратешкиот САД и ЕУ нема да може да ја одбрани неговата теза дека има потполна поддршка во партијата за спроведување на неговите политики. И ја нема таа поддршка. Токму во 21-от век самиот тој е оној кој врши тортура врз сопствените сопартијци, пратеници и поддржувачи на фракцијата, за да не се изјаснат според сопствената волја за прашањето поврзано со уставните измени. Да не бидеме видливи и да не бидеме гласни во јавноста каде ќе се слушне различно мислење од неговото, монолитното. Згора на тоа не дозволува ниту јавна дебата во партијата, по било кое прашање, а не пак да стапи во разговори со нас како внатрепартиска фракција и да ги соочи аргументите и решенијата по неколку клучни прашања како за државата, така и за партијата.
Наспроти цивилизирано и демократско однесување кое би требало да се очекува од претседател на партија во 21-от век во европска земја, а Македонија тоа е, барем географски засега, Мицкоски создава внатрепартиска и општествена хистерија. Таа хистерија ја креира преку партиски органи задолжени за такви активности, ангажирајќи ги по насока, платените медиуми, божем инфлуенсери на социјалните мрежи, партиските ботови и партиски членови кои се жртви на оваа масовна политичка злоупотреба од страна на Мицкоски и неговото раководство.
Добро знае Мицкоски дека неговата политичка кариера е завршена и дека ќе мора да го плати цехот пред своите газди за неиспорачување на тоа што го ветил и за што му платиле, но еве да се обиде уште малку да опстане. При тоа, најмалку му е важно тоа што приморува наши членови на ВМРО-ДПМНЕ да спроведуваат насоки во кои шират пизма и создаваат конфликт токму помеѓу членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Не му е гајле и за тоа што се замразуваат Македонец со Македонец, за другите нивоа на проширена омраза и изразен шовинизам кон нашите сограѓани Албанци (како што милуваат да ги нарекуваат шиптари) или кон Бугарите (како што милуваат да ги нарекуваат татари) не треба ниту да зборуваме. Тоа е омраза полна со навреди, пцости и разни други простотилаци и приземности кои се неспоредливи со цивилизираниот свет. Нели ние тежнееме кон тој цивилизиран европски свет или можеби грешам.
Посебно е изразено анти-ЕУ и анти-САД расположението и говор. Притоа, се споменуваат различни небулози на големите мислители на социјалните мрежи и докажани геополитички стратези кои ни нудат решение во некаков си БРИКС (непостоечка организација). Убеден сум дека самите тие незнаат што е тоа и дека немаат прочитано ништо во врска со политиката и геополитиката доколку под таа област не го сметаме гледањето на дневник по пет пати на ден на одбрани канали за задоволување на личните суети и потврда на наметнатите божем лични ставови. Но затоа, од сѐ срце и со посебна мотивација да добијат нешто од „лидеро“ ги следат насоките кои потоа преку скрин шотови ги потврдуваат како доказ на својата послушност кон сонцето. И потоа магаре да врзеле ќе гласаат за магаре, е да, важно се исполнуваат насоките и се чека сонцето да ги погали или тие да му погалат, така некакао.
Во тој наплив на егзалтирано извршување на насоките нѐ внимавајќи дури ниту што напишале или кажале прокажаните од лидеро им, пишуваат глупости и небулози. Пишуваат коментари на јавните изјави на Амбасадорот на САД во Македонија, госпоѓата Агилер, навредувајќи ја и покрај нејзиниот дипломатски коректен и пријателски однос кон Македонија. И не само кон Агилер, пишуваат и кон секој друг кој има спротивно мислење и став од оној за кој им кажал самонаречениот лидер Мицкоски дека е исправен. При тоа, самиот Мицксоки им помага преку неговата дволичност злоупотребувајќи ги изјавите на Агилер и хипокризично „согласувајќи„ сѐ со истите, не заборавајќи да каже „ама …“. И токму таа дволичност и хипокризија изразени преку тоа „но“ или „јас сум за ЕУ, но“ и потоа повторно кажувајќи ги цели кои неговите газди му ги дале во задача, само придонесуваат кон зголемување на хистеријата претставувајќи ги нашите стратешки партнери како наши крвни непријатели. Во оваа хистерична пропаганда на социјалните мрежи и медиумите не ретко предничат наши Македонци кои живеат во ЕУ или САД. Парадоксално и неразбирливо, со едно логично, практично, прашање за нив: „Зошто кога толку нели ја мразите САД и ЕУ и нели се фашисти, не отидете да живеете и работите кај демократот Путин“? Каква шизофренија се создава само и само да се спаси грст олигархиски бандити за да не одговора за своите злодела кон македонскиот народ. И тоа да се спасува токму преку хистеријата на истиот тој народ кон кого направија историски злодела, до степен на уништување на државата Македонија.
Стратегија на ширење општа хистерија во општеството, без при тоа да им се каже токму на тие кои ги злоупотребуваат какви ќе бидат последиците. Не само последиците врз ВМРО-ДПМНЕ драги мои сопартијци, не последиците кон Македонија како македонска држава, не само последиците кон македонскиот народ, туку пред се последици кон вашите семејства, но и кон вас лично како психолошки трауми. Повторно секој од вас пред се кои не разбирате и не гледате што се случува, а исполнувате насоки, ќе биде длабоко разочаран, ќе ги мрази другите, друг ќе му биде виновен за егзодусот на нашите идни генерации и за сиромаштијата во која ќе живееме. Додека разберете дека сте погрешиле, а веројатно тоа нема да се случи навреме, ќе уживате во улогата на жртви на империјалистите и фашистите, а всушност сте жртва на самите себе и на олигархиските газди на Мицкоски. На сопствените митови, заблуди, неедуцираност, плиткоумност и слепа послушност во надеж дека ќе добиете нешто од Мицкоски. Ништо нема да добиете. Тој не се бори да преживее политички, за нам на сите да ни биде подобро, или на некој послушник, полтрон или „борец“ на социјалните мрежи – хејтер да му даде нешто што тој јадниот во својата глава го очекува од Мицкоски. Тој се бори за да има директен допир и да располага со нашите ресурси (буџетот) и за да ги спаси неговите газди, да не одговараат за грабежот кој триесет години го прават врз нашата Македонија.
Уживајќи во хистеријата во која можете да навредувате секого и замислувајќи се дека вие сте одлучувачи на светско ниво со тоа што некого ќе навредите, одеднаш ќе се разбудите од сонот и ќе ги видите двете реални сценарија. Првото, македонската држава да исчезне, а со неа и народот македонски. Второто кое ќе биде веројатно бидејќи нашите стратешки партнери САД тоа го прават со многу љубов кон нас, љубов како кон мало палаво и плачливо дете. Тоа второ сценарио е дека ќе не внесат во ЕУ и по извесно време најголемиот дел од вас кои сега со сите сили ја поттикнувате и поддржувате хистеријата ќе разберат дека биле во голема заблуда. Добро е доколку и самите пред себе си признаете дека сте биле во заблуда и секако ќе го обвините Мицкоски за тоа. И да, не дека нема вина, тој е директниот спроведувач и учесник во креирањето на недемократски и анти-ЕУ и анти-САД процеси во Македонија, заради чие остварување ја создава целата оваа општествена хистерија. Но сепак, сите вие драги мои сопартијци му помагате во тоа, свесно или несвесно, со себична лукративна математика или заблуденост, се едно ѐ, му помагате. Тоа не е идеологијата на ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ има Демократска, Национална (не националистичка), десничарска, обединувачка идеологија, а ВМРО се четирите свети букви на македонската идеја за државност. Што заедничко има Мицкоски и неговиот квази патриотизам со овие основни идеи на партијата на чие чело е? Демократа не е, бидејќи како што реков, на секој начин се обидува да воведе едноумие во партијата. Напротив создава потполна внатрепартиска и општествена хистерија против секој кој има различно мислење. Национална не е, бидејќи упорно се обидува да ја претвори партијата во исклучиво националистичка, затоа што така најлесно се манипулира со членовите, се создава хистерија против секого кој не е наш. Десничарска не е одамна, бидејќи ја напушти демократско-христијанската и десната политичка идеологија и го следи лудилото на Апасиев, впрочем таков му е и наративот левичарски. Впрочем и не знаме каква точно е таа негова идеологија, па прави варијации во стилот десен центар (ни вода ни киселина), намигнувајќи на лево. Обединувачка е? Напротив спротивно. Со толку хистерија, пизма и омраза помеѓу македонската нација далеку е од обединување. Но сето тоа повторно започнува од демократијата, од личниот демократски капацитет преку кој претседателот на партијата влијае врз процесите за демократизација на целата партија, а со тоа и врз нејзините политики.
Затоа, во недостиг на капацитет, единственото оружје кое му останува на Мицкоски и неговото раководство на нашата ВМРО-ДПМНЕ е хистеријата и омразата. Токму од овие причини се појави и внатрепартиската фракција, со цел да ставиме крај на оваа пизма, неартикулирана божем политика и изразена хистерија. Обидите за уништување на внатрепартиската фракција, замолчување на гласноста и не дискутирањето за различните ставови и мислења во нашата ВМРО-ДПМНЕ нема да успеат. Таквите обиди во никој случај нема да ја намалат нашата (на внатрепартиската фракција) видливост и пред македонската јавност и пред нашите меѓународни партнери. Тоа само покажува колку Мицкоски и неговото раководство се со никаков демократски капацитет и неспособни да се соочат со своите погрешни политики. Недостигот од демократски капацитет, но ќе кажам и од човечки капацитет и машка (вмровска – комитска, наследена, генетска) храброст беше видлива и во однос на случувањата пред и по средбата со високиот претставник на нашиот стратешки партнер – САД, Габриел Ескобар во амбасадата на САД. Имено, пласираната дезинформација за времето на средбата, со цел да се одбегнат медиумите, а по кратката средба во амбасадата на САД, да се побегне од медиумите и прашањата кои ќе треба Мицкоски да ги одговори пред македонската јавност, за потоа да се вергла бледо партиско соопштение за вака важно прашање од национален интерес, несомнено ни го отсликуваат неговиот демократски капацитет, како и неговата човечност и машка храброст. Тоа истото го покажува и ова раководство. За тоа што сѐ ќе лаже Мицкоски или некој од раководството по насока секако, пред македонската јавност ќе видиме деновиве.
Како и да е, лагите се посвршија, дојдоа Мицкоски, неговото раководство и нивното катастрофално политикантство до крајот и до мигот на вистината. Сметката за жал најмногу ќе треба да ја плати македонскиот народ и ние членовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Сепак, горе главата наши драги сопартијци, внатрепартиската фракција е чадорот – покривот под кој сите ние ќе се собереме и повторно ќе го кренеме ВМРО-ДПМНЕ како современа десна демократска и европска политичка партија.

Оливер Андонов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Детали од средбата Заев-Ковачевски-Ахмети: Мицкоски останува без…

На заеднички ручек во пријателска атмосфера екс-премиерот…

Митовски: Никогаш, никому американците не влепиле ваков…

Не дека многу ги почитувам или поздравувам…

Заменикот на Блинкен го потопи Мицкоски: Од…

„Има понуда на маса. И ако сакате…

(Фото) Мицкоски ја тужи Левица преку адвокат…

Мицкоски ја тужи Левица преку адвокатот Панче…

Апасиев за Мицкоски: ги саботирате протестите, додека…

Каде се чуло и видело, најголема опозициска…