Клековски: Опфатот со вакцината против морбили е 62%, можна е епидемија во Македонија

t

Министерот за здравство Сашо Клековски апелираше до родителите да ги вакцинираат своите деца против мали сипаници (морбили), предупредувајќи дека нискиот опфат со вакцинација создава ризик од појава на епидемија и во Македонија.

Според податоците што ги соопшти, опфатот со првата доза од вакцината против морбили изнесува само 62 проценти.

– Апелирам до сите граѓани на Македонија поревносно да пристапат кон вакцинацијата против морбили, бидејќи опфатот е релативно низок и изнесува 62 проценти. Ова го кажувам затоа што во моментот расте бројот на заболени од морбили во Косово и Бугарија. Имаме причина да почнеме со алармирање и во наредните денови и недели, преку повеќе активности, ќе се обидеме да ги мотивираме граѓаните да ги вакцинираат своите деца и да го зголемиме опфатот, бидејќи можна е епидемија на морбили и во Македонија – изјави Клековски.

Дека проблемот не се однесува само на вакцината против морбили посочува и д-р Драган Кочински, раководител на Одделот за епидемиологија на заразни заболувања при Институтот за јавно здравје. Тој вели дека опфатот е намален и кај останатите вакцини од редовниот календар за имунизација.

Според него, кај ниту една од вакцините од редовниот календар, кога станува збор за првата доза, не е достигнат посакуваниот опфат од 95 проценти.

– За хепатитис Б имаме опфат од 77 проценти, за хемофилус инфлуенца 78 проценти, а за дифтерија, тетанус и пертусис 79 проценти, иако во 2024 година имавме епидемија. Опфатот со вакцината против полио е 79 проценти, додека кај морбили е само 62 проценти – изјави д-р Кочински.

Низок останува и опфатот со ХПВ вакцината, кој изнесува 51 процент. Кај поновите вакцини, опфатот со ротавирусната вакцина изнесува 64 проценти, а со пневмококната 80 проценти.

Состојбата е нешто подобра кај ревакцинацијата. Кај МРП вакцината опфатот со ревакцинација изнесува 85 проценти, но, според Кочински, ниту тоа не е доволно за создавање колективен имунитет.

– Потребно е и на национално и на регионално ниво да имаме опфат над 90 проценти – рече Кочински.

Податоците за изминатите пет години покажуваат дека просечниот опфат со првата доза од МРП вакцината изнесува околу 70 проценти, додека кај ревакцинацијата просекот е 81 процент.

Највисок опфат бил регистриран во 2019 година, кога во земјава имаше епидемија на морбили и беа преземени засилени противепидемиски мерки.

Поради актуелната состојба во регионот, здравствените институции се подготвуваат и планираат дополнителни активности за зголемување на вакцинацијата и мотивирање на родителите навреме да ги вакцинираат своите деца.

Во рамки на редовните активности, Центрите за јавно здравје и Институтот за јавно здравје вршат проверки на вакциналните пунктови, работат на идентификување на невакцинираните деца, а епидемиолозите посетуваат училишта каде што одржуваат предавања и едукативни активности за значењето на имунизацијата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Клековски: Опфатот со вакцината против морбили е…

Министерот за здравство Сашо Клековски апелираше до…

Работник Ром го пријавил шефот Албанец дека…

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација…

Во Хрватска е уапсен е градежен работник…

Хрватската полиција поднесе кривична пријава против 54-годишен…

360 степени: (Не)скриени актери во Македонија потпалуваат…

Повеќе интернет-портали и фејсбук-страници на македонски јазик…

Сиљановска: Убедени сме дека Македонија има многу…

Билатералните односи меѓу Македонија и Индија да…